Периодот од септември 2024 до август 2025 година беше за 1,52 Целзиусови степени потопол од просекот помеѓу 1850 и 1900 година. Југозападна Европа го доживеа третиот голем топлински бран во сезоната, придружен со сериозни шумски пожари, објави Саманта Бургес од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ЕЦМВФ).
„Со оглед на тоа што океаните остануваат невообичаено топли, овие настани ги истакнуваат итноста и потребата за приспособување кон почестите и интензивни климатски екстреми“, додаде таа. Особено силен топлински бран ги погоди поголем дел од Иберискиот Полуостров и југозападна Франција од 8 до 18 август, додека северна и североисточна Европа останаа под долгорочните просеци.
Летото 2025 година беше четврто најтопло во Европа досега, со температури од 0,9 степени над референтниот период 1991-2020 година. Западна и југоисточна Европа, како и Турција, беа најтешко погодени. Сушата погоди големи делови од западна и јужна Европа, додека јужна Франција, Италија и Германија доживеаја обилни дождови.
Делови од Соединетите Американски Држави и Канада исто така беа погодени од суша, додека Источна Азија и Јужна Америка имаа повеќе дожд.
Коперникус редовно објавува податоци за температурата на површината на Земјата, обемот на морскиот мраз и врнежите. Наодите се базираат на компјутерски генерирани анализи што вклучуваат милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици низ целиот свет.






