недела, 7 декември 2025

Авганистан и Пакистан објавија примирје

Пакистан и Авганистан денес објавија примирје по неколкудневните најжестоки судири во последните години, во кои загинаа десетици луѓе од двете страни на границата, јавува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прекинот на огнот следи по апелите на големите регионални сили, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Катар, бидејќи насилството се закануваше дополнително да го дестабилизира регионот каде што групи како Исламска држава и Ал каеда се обидуваат повторно да се наметнат.

Пакистан го обвинува Авганистан дека им нуди засолниште на вооружените групи, што авганистанските талибанци го негираат. Пакистан се бори со милитантни напади кои се зголемиле од 2021 година, кога талибанците ја презедоа власта во Авганистан.

Министерството за надворешни работи на Пакистан соопшти дека прекинот на огнот ќе трае 20 часа и изјави дека тоа е иницијатива на Авганистан. Клучните гранични премини остануваат затворени.

Набргу потоа главниот портпарол на владата на талибанците Забихула Муџахид кажа дека прекинот на огнот е „напор“ од пакистанската страна. Во неговата објава на социјалните медиуми не се спомнува временското ограничување од 48 часа, пишува АП.

Претходно денес Пакистан објави дека неговите сили убиле десетици припадници на авганистанските безбедносни сили и милитанти во ноќни борби.

Хуманитарната организација Емрџенси НГО, која управува со хируршки центар во авганистанскиот главен град Кабул, објави пет мртви и 40 ранети како резултат на експлозиите во градот.

Дејан Паниќ, раководител на таа организација во Авганистан, кажа дека жртвите имале „повреди од шрапнели, повреди од тап предмет и изгореници“.

Во својата изјава, тој наведе дека 10 ранети се во критична состојба.

Не е јасно што ги предизвикало експлозиите. Според АП, експлозијата на танкер за нафта била потврдена, а двајца пакистански безбедносни претставници кажале дека армијата извршила напади врз милитантите. Тие зборуваа под услов на анонимност бидејќи не биле овластени да контактираат со медиумите.

Муџахид претходно изјави дека пакистанските сили користеле лесно и тешко оружје во нападите врз Спин Болдак во јужната покраина Кандахар, при што загинале повеќе од десет лица и биле ранети повеќе од сто. Авганистанските сили возвратиле на оган и убиле неколку пакистански војници, кажа Муџахид.

Пакистан тврди дека одбил „неиспровоцирани“ напади, но негира дека цивилите биле цел на нападите за време на борбите.

Во меѓувреме, жителите на пакистанскиот пограничен град Чаман пријавиле дека минофрлачки гранати паднале во близина на селото.

„Жителите што живеат во близина на границата ја напуштаат областа“, кажа жителот Наџибулах Кан, кој апелираше до земјите трајно да ги запрат борбите.

Пограничните области на Пакистан се жртви на насилства од 1979 година, кога земјата станала клучна на првата линија на фронтот во војната финансирана на Соединетите Американски Држави против Советскиот Сојуз во Авганистан.

„По нападите од 11 септември, племенскиот појас на Пакистан потона во хаос, бидејќи авганистанските талибанци, Ал каеда и други групи дејствуваа од двете страни на границата за да ги нападнат силите на НАТО и пакистанските безбедносни сили“, вели Абдула Кан, аналитичар за одбрана и директор на Пакистанскиот институт за студии за конфликти и безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ