среда, 25 март 2026
Претседателот на иранскиот парламент

Аутсајдерот кого Белата куќа го гледа како можен партнер, но можеби преговара со погрешен човек

Мохамад Багер Галибаф, кој им се закануваше на САД, сега се разгледува како можен соговорник за завршување на војната — политичар без верски авторитет, но со силни врски во безбедносниот апарат на Иран, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Исто како во 1967 година, кога целосен аутсајдер ја освои прочуената британска трка Гранд нешнал откако повеќето коњи отпаднаа во хаосот на една од последните пречки, така и Мохамад Багер Галибаф, претседателот на иранскиот парламент и наводен соговорник на Доналд Трамп, изби во прв план додека конкуренцијата околу него забрзано се намалуваше.

Во пантеонот на иранските лидери, немилосрдно проретчен со целни атентати, Галибаф се издвојува како преживеан. Но ако американскиот претседател се надева дека конечно го нашол иранскиот Делси Родригез — прагматичен актер од самиот режим подготвен на договор со Америка — можеби ќе мора повторно да размисли.

На Галибаф му недостига политичката префинетост на Али Лариџани, поранешен секретар на Врховниот совет за национална безбедност, кој повремено доаѓаше во судир со тогашниот врховен водач, но имаше широка мрежа меѓународни контакти. Галибаф, наспроти тоа, има имиџ на „цврста рака“, што би можело да биде токму особината што на Трамп најмногу му се допаѓа.

Обидот Галибаф да биде „поставен“ од Вашингтон открива или неразбирање на сложениот, повеќеслоен политички систем на Исламската Република, или намера тој да биде превртен: власта во Иран традиционално е во рацете на врховниот водач, а Моџтаба Хамнеи е избран на таа функција од Собранието на експерти. Иако е точно дека Хамнеи не се појавуваше во јавноста од изборот и се верува дека е тешко повреден, Иран инсистира дека тој и натаму е клучниот носител на одлуки.

Дури и во случај на смрт на Хамнеи, Галибаф нема сериозни претензии да настапи како верски авторитет, па без разводнување на религиската улога на врховниот водач не би можел да биде уверлив кандидат за наследник на Хамнеи. Слично важи и за претседателот Масуд Пезешкијан, избран пред две години, кому му преостануваат уште две години мандат.

Испразнетото место секретар на Врховниот совет за национална безбедност по смртта на Лариџани е пополнето со друг тврдокорец од Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГК), Мохамад Багер Золгадр. Затоа Галибаф на краток рок може да стане не формален лидер на Иран, туку дел од она што сè повеќе наликува на безбедносно државно раководство — ако тоа е она што Трамп го сака.

Галибаф е роден во 1961 година во Машхад, во покраината Хорасан, а неговите корени цврсто се врзани за ИРГК. Во текот на иранско-ирачката војна командувал со 5. Наср дивизија на ИРГК, единица што учествувала во некои од најкрвавите битки. Станал штитеник на Али Хамнеи, кој во 1989 стана врховен водач, а од 1997 бил именуван за шеф на воздухопловно-космичките сили на ИРГК, за потоа во 2000 да ја преземе функцијата началник на полицијата. Во рамките на ИРГК го водел и градежното крило на таа организација, па, како што би рекол Трамп, добро ја познава вештината на склопување зделки со недвижности.

Галибаф политички се профилирал како градоначалник на Техеран од 2005 до 2017 година, во период во кој почнале да избиваат првите обвинувања за корупција. Приврзаниците тврдат дека развојот на Техеран, вклучително и проширувањето на метрото, бил резултат на неговата далекувидост. Дури и во 2008 година бил пофален во Њујорк тајмс, кој го опишал како „авторитарен модернизатор“, откако на економски форум во Давос зборувал за отворање на Иран за странски инвестиции.

Сепак, тој бил и општествен конзервативец, кој во 2013 наредил сите секретарки, дактилографки и канцелариски менаџерки во општинските служби да бидат заменети со мажи.

Задушувањето бунтовници одбележало голем дел од неговата кариера. За време на студентските протести во 1999 година, Галибаф бил меѓу 24 команданти на ИРГК што потпишале писмо до реформскиот претседател Мохамад Хатами, предупредувајќи дека, доколку демонстрациите продолжат, ќе ја земат работата во свои раце.

На аудиоснимка што подоцна беше објавена на социјалните мрежи, призна дека тој и командантот на силите Кудс на ИРГК, генералот Касем Сулејмани — убиен по наредба на Трамп во 2020 — на улиците користеле палки, возејќи мотоцикли, за да ги задушат студентските протести. „Бев меѓу оние што на улица ги тепаа демонстрантите и горд сум со тоа. Не ми беше важно што сум висок командант“, се фалеше Галибаф.

Слично на тоа, не покажуваше ни најмала задршка ниту кога стануваше збор за насилното задушување на протестите „Жена, живот, слобода“ во Техеран во 2022 година, тврдејќи дека полицијата порано требало да почне со спроведување на законот за хиџаб. Кога во почетокот на оваа година избувнаа протести поради економската криза во Иран, Галибаф во нив виде „квазипуч“ и „тероризам во стилот на Исламската држава“.

Галибаф првпат се кандидираше за претседател во 2005 година со кампања свесно обликувана според методите на Тони Блер, вклучително и истражувања на јавното мислење преку фокус-групи. Се претставуваше како популист наклонет кон глобализацијата, приватизацијата и помалата улога на државата, кој беше подготвен, барем во одредени рамки, да ја продолжи реформската агенда на Хатами, кој беше во заминување. Во првиот круг го освои четвртото место со четири милиони гласа.

Подоцна Хасан Рохани тврдеше дека Галибаф во 2005 склучил договор да ослободи неколку големи шверцери на дрога и гориво во замена за нивната поддршка. Галибаф повторно се кандидираше за претседател во 2013, но го освои второто место со големо заостанување зад Рохани.

Во текот на целата кариера, Галибаф го следеа обвинувања за корупција што никогаш не завршија на суд. Кога во 2024 последен пат се кандидираше за претседател, неговата кампања беше следена со приказни дека неговата сопруга, ќерка и зет во 2022 отишле на раскошна шопинг-тура во Истанбул. Во јавноста се појавија нивни фотографии со куп багаж, во време кога обичните Иранци ги трпеа последиците од санкциите и високата инфлација. Семејството наводно купило два стана во Истанбул вредни 1,6 милиони долари. Галибаф тврдеше дека е жртва на политичка кампања на клеветење и дека од почетокот се противел на тоа шопинг-патување.

Како претседател на парламентот, главно ја следеше доминантната линија, поддржувајќи го нуклеарниот договор од 2015 година, за по повлекувањето на Трамп од него да тврди дека иднината на Иран лежи во сојузништво со Русија и Кина. Неговите критичари тврдат дека приврзаниците на Галибаф го поддржале нападот врз саудиската амбасада во Техеран во 2016 година, по што двете земји ги прекинаа дипломатските односи.

Од перспективата на Трамп, малку од сето тоа е важно ако верува дека, преговарајќи со Галибаф, всушност преговара со луѓето што ја држат вистинската моќ во Иран. Галибаф, додуша, има врски со врховниот командант на ИРГК Ахмад Вахиди и со командантот на Централниот штаб Катам ал-Анбија, Али Абдолахи Алиабади.

Набргу откако се дозна дека Вашингтон смета дека е доверлив, Галибаф објави на мрежата Икс: „Нашиот народ бара целосна и понижувачка казна за агресорите. Сите функционери цврсто стојат покрај својот водач и народ додека таа цел не се оствари. Никакви преговори со Америка немало. Лажните вести служат за манипулација со финансиските и нафтените пазари и за обид за излез од калта во која заглавија Америка и Израел“.

Ставањето на Трамп на негова страна би можело, во најмала рака, да му испрати порака на Израел дека Галибаф не смее да биде цел на атентат, но истовремено врз него става дополнителен притисок да покаже дека нема да ја предаде својата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ