„Ние сме решени да ги поставиме правилата“, рече Харис Дукас по состанокот со претставници на четири приватни компании за изнајмување на тротинетите.
Дукас рече дека електричните тротинети се оставаат насекаде – на тротоарските рампи за инвалидски колички, на тактилните ленти за слепите, па дури и среде улица.
„Секој ден гледам десетици вакви случаи“, рече Дукас.
Градот планира да создаде 70 посебни паркинг-места за електрични тротинети и ќе ја забрани нивната употреба во некои делови од центарот на градот.
Не е соопштено кога се планира ова, а Дукас бара „веднаш да се почне“, во соработка со операторите.
Повеќе од 4.000 самоуслужни електрични тротинети, управувани од компаниите Хопи, Хоп, Лајм и Рајд мови, кружат низ улиците на Атина, а прекршоците поврзани со нивната употреба се во пораст, соопштија општинските власти.
Општинската полиција во Атина забележала 197 прекршоци во април, наспроти 88 во март.
Централната општина Атина има население од 640.000 жители, а 3,8 милиони живеат во другите 47 општини што го сочинуваат главниот град на Грција.