Капсулата Артемис II и нејзиниот четиричлен екипаж прелетаа низ Земјината атмосфера и безбедно слетаа во Тихи Океан во петокот по речиси 10 дена во вселената, заокружувајќи го првото патување на луѓе до близината на Месечината по повеќе од половина век.
Капсулата Орион на НАСА, во форма на желе бонбона, наречена Интегрити, нежно се спушти со падобрани во мирните води крај брегот на Јужна Калифорнија денеска нешто по 2:07 часот, завршувајќи ја мисијата што четири дена претходно ги однесе астронаутите на 406.700 километри од Земјата, подлабоко во вселената од кој било досега.
Летот Артемис II, кој помина вкупно 1.117.515 километри во две орбити околу Земјата и еден кулминациски прелет покрај Месечината на околу 6.437 километри од нејзината површина, беше првиот тестен лет со екипаж во серијата мисии Артемис, кои имаат цел да ги вратат астронаутите на површината на Месечината почнувајќи од 2028 година.
Слетување „совршен погодок во целта“
Слетувањето во вода под делумно облачното небо беше пренесувано во живо преку видео во веб-пренос на НАСА. „Совршено погодено во целта слетување во вода за Интегрити и нејзините четири астронаути“, рече коментаторот на НАСА Роб Навиас неколку моменти по слетувањето.
„Стабилни сме – сите четири члена на екипажот се во зелено“, јави командантот на мисијата Рид Вајзман веднаш по слетувањето, сигнализирајќи дека капсулата е исправена и дека сите четворица астронаути се во добра состојба.
На тимовите за спасување на НАСА и американската морнарица им беа потребни помалку од два часа за да ја обезбедат пловечката капсула и да ги извлечат четворицата членови на екипажот – американските астронаути Вајзман (50), Виктор Гловер (49) и Кристина Кох (47), заедно со канадскиот астронаут Џереми Хансен (50).
Враќањето на екипажот беше најризичниот тест на мисијата и на вселенското летало Орион, изградено од Локид Мартин, докажувајќи дека топлинскиот штит на капсулата може да ги издржи екстремните сили при повторно влегување од траекторија на враќање од Месечината.
Капсулата влезе во Земјината атмосфера со 32 пати поголема брзина од звукот, при што триењето ја удираше по топлинскиот штит на температури од околу 2.760 Целзиусови степени. Слој од јонизиран гас го обвиваше леталото, предизвикувајќи планиран радиопрекин од повеќе од шест минути во најкритичниот момент од повторното влегување.
Напнатоста се намали кога контактот повторно беше воспоставен околу 40 секунди подоцна од очекуваното, а два сета падобрани се отворија од носот на капсулата во слободен пад за да го забават спуштањето на околу 24 км/ч пред Орион нежно да ја допре водата.
Откако нуркачите на морнарицата прикачија пловечка рамка за стабилизација на капсулата, четворицата астронаути, сè уште во своите портокалови летачки одела, беа префрлени на чамец на дување. Оттаму, еден по еден беа подигнати со хеликоптери што лебдеа над нив и пренесени на кратко растојание до блискиот амфибиски транспортен брод на морнарицата Џон П. Мурта, за понатамошни медицински прегледи.
Гловер и Кох широко се насмевнуваа и мавтаа кон камерите додека седеа на работ од вратата на хеликоптерот на летната палуба. Се очекуваше екипажот да ја помине ноќта на бродот и денеска да биде префрлен во Хјустон, каде што ќе се обедини со семејствата, соопшти НАСА.
Чекор кон Марс
Четворицата полетаа од Кејп Канаверал, Флорида, на 1 април со огромната ракета Спејс лонч систем на НАСА, обиколувајќи ја двапати Земјата пред да продолжат на патување околу далечната страна на Месечината.
Со тоа тие станаа првите астронаути што летаат околу единствениот природен сателит на Земјата од програмата Аполо од 1960-тите и 1970-тите. Гловер, Кох и Хансен исто така влегоа во историјата како првиот црн астронаут, првата жена и првиот неамерикански државјанин, соодветно, што учествувале во мисија кон Месечината.
Најголемата оддалеченост на екипажот од 406.700 километри го надмина рекордот од околу 399.000 километри поставен во 1970 година од екипажот на Аполо 13.
„Ова е неверојатен тест на неверојатна машина“, изјави помошник-администраторот на НАСА, Амит Кшатрија.

Патувањето, по тестниот лет без екипаж Артемис I околу Месечината со леталото Орион во 2022 година, претставуваше клучен тест на опремата за планираниот обид подоцна оваа деценија да се слетаат астронаути на површината на Месечината за првпат од Аполо 17 кон крајот на 1972 година.
НАСА настојува да постигне слетување со екипаж на Месечината пред Кина, која има цел да испрати сопствени екипажи таму околу 2030 година. Агенцијата има за цел да воспостави долгорочно присуство на Месечината како чекор кон идното човечко истражување на Марс.
Во историска паралела со ерата на Студената војна на Аполо, мисијата Артемис II се одвиваше во контекст на политички и општествени превирања, вклучително и американскиот воен конфликт што се покажа непопуларен дома.
Јавна фасцинација
За многумина во глобалната публика фасцинирана од најновиот подвиг кон Месечината, тоа повторно ги потврди достигнувањата на науката и технологијата во време кога луѓето немаат доверба во големите технолошки компании, па дури имаат и страв. Повеќе од 3 милиони гледачи го следеа слетувањето во вода на каналот на НАСА на Јутјуб, покажува стриминг-сервисот.
Враќањето на Земјата го стави леталото Орион на критичен тест на неговиот топлински штит, кој претрпе неочекувано ниво на прегревање и стрес при повторното влегување за време на неговиот прв тестен лет во 2022 година. Како резултат на тоа, инженерите на НАСА ја изменија траекторијата на спуштање за Артемис II со цел да го намалат натрупувањето топлина и да го намалат ризикот за капсулата и екипажот.
Успешното лансирање минатата недела беше голема пресвртница за ракетата СЛС, давајќи им ја на нејзините главни изведувачи Боинг и Нортроп Груман долгоочекуваната потврда дека системот за лансирање, развиван повеќе од една деценија, е подготвен безбедно да пренесува луѓе во вселената.
Претседателот Доналд Трамп им го честиташе на астронаутите нивното враќање во порака објавена на неговата платформа Трут сошл, велејќи: „Целото патување беше спектакуларно, слетувањето беше совршено и, како претседател на Соединетите Држави, не можам да бидам погорд!“
Сепак, обновените амбиции на НАСА за Месечината во последните месеци се заматени од намалувања на работната сила во рамките на напорите на администрацијата на Трамп за намалување на федералниот сектор, со што персоналот на агенцијата е намален за 20%. Белата куќа минатата недела предложи буџет за НАСА за 2027 година што би намалил 3,4 милијарди долари од нејзината научна единица и околу 40 научни мисии.
Во споредба со Аполо, роден од вселенската трка меѓу САД и Советскиот Сојуз во ерата на Студената војна, НАСА го претставува Артемис како поширок и покооперативен потфат, додека се надева да се врати на Месечината пред Кина.
Американската програма за Месечината вклучи комерцијални партнери како Спејсикс на Илон Маск и Блу Ориџин на Џеф Безос, кои ги градат лунарните лендери на програмата, како и вселенските агенции на Европа, Канада и Јапонија.
Завршувањето на летот го насочува фокусот на НАСА кон Артемис III, мисија планирана за следната година што вклучува тест на спојување со екипаж во орбитата на Земјата со двата лунарни лендери, пред обидот да се слетаат луѓе на површината на Месечината за Артемис IV.
Екипажот на астронаути за Артемис III ќе биде објавен „наскоро“, изјави Кшатрија пред новинарите по враќањето на екипажот од Артемис II. Сепак, развојот на лендерите доцни, што веројатно ќе ги одложи тие мисии.
Додека командантот на Артемис II, Вајзман, и неговиот екипаж се приближуваа до Земјината атмосфера за повторно влегување во петокот, тој му порача на контролниот центар: „Имавме одличен поглед кон Месечината од прозорецот број 2, изгледа малку помала од вчера.“
„Изгледа ќе мора да се вратиме таму“, одговори колешката астронаутка на НАСА, Џеки Махафи, од контролниот центар во Хјустон.






