Српската полиција приведе 79 студенти и други демонстранти синоќа и утрово, додека ги разбиваше уличните блокади во неколку градови, кои се дел од упорното спротивставување на популистичката влада на Вучиќ, според Асошиејтед прес.
Агенцијата наведува дека полициски службеници во опрема за разбивање немири интервенирале доцна синоќа и рано утрово во Белград, Нови Сад, Ниш и Нови Пазар, додавајќи дека властите ги негираат обвинувањата за полициска бруталност и прекумерна употреба на сила против демонстрантите.
Студентите кои стојат зад протестите изјавија дека полицијата повредила многу мирни демонстранти, сведоци за локалните медиуми изјавија дека полицијата ги тепала демонстрантите со палки и штитови и дека четворица студенти се хоспитализирани, меѓу кои и еден со скршена клучна коска, се вели во текстот.
На саботниот протест беше побарано распишување на вонредни парламентарни избори, а собирот на десетици илјади луѓе во Белград заврши со судири меѓу полицијата и групи демонстранти, потсетува агенцијата.
Критичарите велат дека Вучиќ станува сè поавторитарен откако дојде на власт пред повеќе од една деценија, задушувајќи ги демократските слободи и дозволувајќи корупцијата и организираниот криминал да цветаат, што тој го негира, додава Асошиејтед прес.
Агенцијата, исто така, наведува дека Србија формално се стреми да се приклучи кон Европската Унија, но дека владата на Вучиќ ги негува односите со Русија и Кина.