четврток, 11 декември 2025

Асошиејтед прес: Сè поголемите протести се досега најголемата закана за популистичкиот претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ го интензивира сузбивањето на протестите кои го потресоа неговото популистичко владеење во последните месеци, пишува американската агенција Асошиејтед прес, додавајќи дека она што започна како мала антикорупциска кампања предводена од студенти „прерасна во најтурбулентните протестни бранови во таа балканска земја во последниот четврт век“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според АП, групите за човекови права и политичките противници на Вучиќ предупредија на сè побруталните тактики насочени кон замолчување на движењето кое стана најголем предизвик за неговото задржување на власт повеќе од 10 години.

Минатата недела, пишува агенцијата, тенкови поминаа низ главниот град Белград во подготовка за воената парада на 20 септември, а демонстрантите стравуваат дека војската би можела да остане на улиците, „доколку избувнат немири за време на парадата“.

Агенцијата презентира преглед на политичката кариера на Вучиќ, истакнувајќи дека тој владее со Србија повеќе од десет години, преобликувајќи ја нејзината политика среде обвинувања за корупција и авторитаризам.

Тој ја почна својата политичка кариера во 1990-тите како тврдокорен националист во Српската радикална партија, истакнува АП, потсетувајќи дека стана министер за информации под тогашниот српски моќник Слободан Милошевиќ и стана озлогласен по своите повици за казнување на независните медиуми и по својата воена реторика против соседите на Србија, која, додава АП, ја одржува до ден-денес.

Србија беше поразена во балканските војни, Милошевиќ беше соборен во бранот протести во октомври 2000 година, а Вучиќ се трансформираше во проевропски реформатор, ко-основач на Српската напредна партија, која ветуваше модернизација и интеграција, но ја консолидираше својата моќ преку популизам, контрола на медиумите и цврсто држење на државните институции, пишува агенцијата.

АП потсетува на падот на стреата на 1 ноември 2024 година на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, и дека оваа трагедија поврзана со проектот за реновирање поддржан од Кина поттикна гнев поради наводна државна корупција и небрежност.

Опишувајќи како се одвиваа протестите, агенцијата укажува дека студентите прво почнаа да протестираат, блокирајќи го сообраќајот по 15 минути секој петок во спомен на загинатите, но гневот поради корупцијата брзо се прошири надвор од факултетите и привлече маси обични граѓани фрустрирани од растечките трошоци за живот и чувството на неказнивост кај владејачката елита.

Демонстрантите сега бараат одговорност, транспарентност и предвремени избори, пишува АП.

На почетокот, демонстрациите беа мирни маршеви и протести, истакнува агенцијата, додавајќи дека тензиите се зголемија кога властите распоредија полиција за да ги потиснат демонстрациите, полицајци во цивил, па дури и таинствени параполициски единици предводени од фудбалски хулигани лојални на Вучиќ, за да ги растераат собирите со палки, стапови и факели.

Демонстрантите пријавија тепања, произволни апсења и употреба на солзавец, како и шок бомби и употреба на сонарни уреди, тактики што групите за човекови права ги осудија како прекумерни и брутални.

Суровиот одговор од властите го поттикна пркосот, истакнува АП, додавајќи дека студентите ги ескалираа своите акции со блокирање на главните раскрсници, окупирање на универзитетските згради и организирање протести пред државните институции. Секое ново задушување на протестите донесе повеќе луѓе на улиците, создавајќи циклус на конфронтација.

И додека претходните бранови протести полека згаснуваа околу спорен проект за недвижности, обвинувања за кражба на избори и двете масовни убиства („Рибникар“ и Орашје), овој пат протестите растеа со текот на времето и, најважно, вели агенцијата, се проширија надвор од Белград во десетици градови и мали места низ целата земја.

Вучиќ постојано ги нарекува студентите-демонстранти „терористи“ кои работат заедно со западните сили за да го отстранат од власт, без да даде докази, пишува агенцијата.

Иако повика на дијалог со студентите, тој одби да свика предвремени избори и предупреди на уште поостар одговор на протестите.

Студентите ја отфрлија неговата понуда за преговори пред предвремените избори. Како одговор на барањата на студентите, властите отпуштија повеќе од 100 наставници, професори и декани и ги заменија со лојалисти на Вучиќ.

Додека некои училишта се отворија со нов персонал, други останаа затворени, особено некои факултети.

Иако е под силен домашен притисок, Вучиќ продолжува да ја претставува српската надворешна дипломатија како избалансирана, управувајќи со сложени односи со Европската Унија и нејзините авторитарни сојузници, како што е Русија, пишува агенцијата.

АП потсетува дека на 1 септември Вучиќ присуствуваше на самитот на лидерите на Кина, Русија, Северна Кореја и Иран, каде, како што рече, ја добил нивната поддршка во справувањето со протестите дома. Тој, исто така, одби да се придружи на западните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Сепак, тој не се обиде да го блокира извозот на српско оружје во Украина, а претходно оваа година ја посети Украина за прв пат.

Агенцијата потсетува дека Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година, но дека напредува бавно.

Владеењето на Вучиќ е обележано со централизација на власта, потиснување и строга контрола врз медиумите, што предизвика надзор од организациите за одбрана на човековите права, додава АП.

Тој отворено се залага за затворање на последните независни телевизиски канали Н1 и Нова, или за чистка на новинарите и управата. Ги нарече лажговци затоа што известуваа за протестите, иако тие претежно ги емитуваа протестите во живо, со минимална интервенција од страна на уредниците или коментаторите, според АП.

Аналитичарите и опозициските групи веруваат дека Европа мора да го зголеми притисокот врз Србија за да спречи нејзина понатамошна демократска ерозија.

Функционерите на Европската Унија го предупредија Вучиќ дека напредокот кон членство во ЕУ зависи од исполнувањето на одредени стандарди, вклучувајќи ги судските реформи, медиумските слободи и борбата против корупцијата.

Во време кога Европа се соочува со последиците од војната на Русија врз Украина, ЕУ досега покажа мала подготвеност да се соочи со Вучиќ и неговата влада, истакнува АП.

Српската опозиција и некои пратеници на ЕУ веруваат дека реакцијата на Унијата била премногу блага бидејќи официјалните лица веруваат дека Вучиќ е единствениот кој може да го зачува мирот во регионот, каде што сè уште се чувствуваат последиците од серијата војни во 1990-тите, во кои загинаа повеќе од 100.000 луѓе, а милиони останаа без покрив над главата.

Протестите против корупцијата станаа повеќе од само борба против корупцијата – тие сега се директен предизвик за владеењето на Вучиќ со цврста рака, при што демонстрантите бараат слободни избори, независно судство и одговорност за полициското насилство, пишува агенцијата.

Бидејќи ниту една страна не покажува знаци на попуштање, Србија се соочува со продлабочување на политичката криза и ризик од понатамошни немири, па дури и крвопролевање, заклучува АП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ