Сојузен судија на 24 февруари ја отфрли жалбата по скратена постапка која ја поднесе АП, една од најстарите американски агенции, да ѝ го врати целосниот пристап до Белата куќа, без одлучување за валидноста на спорот. Замоли двете страни во пишана форма да му ги изнесат аргументите и закажа ново рочиште за да се разговара за нив.
Но, минатиот четврток судијата не донесе одлука, туку кажа дека тоа ќе го направи „во соодветно време“.
На агенцијата ѝ е особено забранет пристапот до Овалната канцеларија на Трамп и официјалниот претседателски авион Ер форс уан поради одбивањето да се придржува до новиот американски назив на Мексиканскиот залив, преименуван во „Американски залив“ со декрет кој го потпиша Трамп.
АП на 21 февруари поднесе тужба против Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот на Белата куќа, Тејлор Будовиќ, еден од нејзините заменици, и Керолајн Ливит, портпаролката на претседателот.
Адвокатот на агенцијата Чарлс Тобин ја осуди „подлата одмазда“ која има „застрашувачки ефект на сите новинарски активности“ во Соединетите Држави.
„Од нашето исфрлање, имавме многу тешкотии да останеме во трката“ со конкурентските медиуми, сведочи шефот на фотографите на АП во Белата куќа Еван Вучи.
Адвокатот на министерството за правда Брајан Худак одговори во име на администрацијата на Трамп дека одобрувањето на пристапот на новинарите е право на Белата куќа.
„Не постои право на пристап на печатот (до државните установи) според Првиот амандман на уставот на САД“ кој го гарантира правото на слобода на печатот и изразувањето, кажа тој.
Администрацијата на Трамп во своите пишани аргументи поднесени до судот кажа дека во овој случај „станува збор за тоа дали уставот бара од претседателот на Соединетите Американски Држави да го фаворизира Асошиејтед прес во однос на сите други медиуми и да му даде трајна предност и посебен пристап само затоа што претходните администрации така одлучиле“ и заклучува дека „одговорот е категорично Не!“.
Во уредничката напомена АП објаснува дека извршната наредба на американскиот за промена на називот Мексикански залив во „Американски залив“ важи само во Соединетите Држави, додека Мексико и другите земји и меѓународните институции не се обврзани да го почитуваат.
„Асошиејтед прес ќе го нарекува со првичното име, а истовремено ќе го уважи и новиот назив кој го избра Трамп“, вели агенцијата, потсетувајќи дека Мексиканскиот залив така се вика повеќе од 400 години.
Агенцијата АП, која во 1946 година ја формирале група њујоршки новинари, вработува повеќе од 3.000 луѓе низ светот, и според податоците за 2023 година објавила повеќе од 375.000 текстови, 1,24 милиони фотографии и 80.000 видео-снимки.