четврток, 19 февруари 2026

Асошиејтед прес: Преговорите за мир во Украина завршија без напредок, двете страни кажаа дека биле „тешки“

Најновата рунда преговори меѓу претставници на Москва и Киев, со посредство на Соединетите Американски Држави, за воспоставување мир во Украина заврши во Женева без напредок, а двете страни изјавија дека преговорите биле „тешки“, пренесува Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По завршувањето на вториот последователен ден од трилатералните украинско-руско-американски преговори за прекин на војната во Украина, шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека преговорите биле „тешки, но конструктивни“.

„Преговорите за решавање на украинската криза во Женева завршија. Беа тешки, но конструктивни“, изјави за новинарите Владимир Медински, шеф на руската делегација и помошник на претседателот на Русија Владимир Путин, објави агенцијата ТАСС.

Тој кажа дека следниот состанок за решавање на ситуацијата ќе се одржи наскоро.

Преговорите се одржаа во хотелот Интерконтинентал во Женева, кој е традиционално место за меѓународни состаноци.

Слични зборови беа слушнати и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој имаше краток телефонски разговор со својот преговарачки тим по завршувањето на разговорите.

„Преговорите не беа лесни“, кажа Зеленски по завршувањето на преговорите и по краток телефонски разговор со својот преговарачки тим.

Тој претходно ја обвини Русија дека ги забавува преговорите додека продолжува со својата инвазија.

Зеленски додаде дека е постигнат одреден напредок во воените прашања, иако политичките разлики остануваат длабоки, вклучително и околу иднината на територијата во источна Украина под контрола руската армија и која рускиот претседател Владимир Путин сака да ја задржи.

Зеленски ги опиша воените разговори како „конструктивни“ и додаде дека вооружените сили на двете земји размислуваат како би можело да се следи секое идно примирје.

„Надзорот дефинитивно ќе се спроведува со учество на американската страна“, кажа Зеленски во гласовна порака преку Ватсап, пренесува АП.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков им кажа на новинарите дека е „прерано“ да се зборува за исходот од преговорите и дека Путин само добива извештаи за напредокот во Женева.

Двете страни изјавија дека ќе се одржи нова рунда преговори.

Третата рунда директни преговори зад затворени врати меѓу делегациите на Русија, Украина и американските медијатори започна вчера во Женева. Вчера разговорите траеја околу шест часа, вториот ден преговорите траеја околу два часа, а руската делегација го напушти местото на состанокот, објави ТАСС.

Претходно главниот украински преговарач Рустем Умеров денес напиша на социјалната мрежа Икс дека се водат консултации во работни групи за воени и политички теми и дека се работи на разјаснување на параметрите и механизмите на одлуките кои биле дискутирани претходниот ден.

Претходните две рунди преговори претходно оваа година беа одржани во Абу Даби, а официјалните лица ги оценија како конструктивни, но без да направат пробив.

Од американска страна преговорите ги водат претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Виткоф претходно напиша преку социјалните мрежи дека посветеноста на Вашингтон на мир во Украина во текот на изминатата година донел значителен напредок. Тој не даде детали, а борбите во Украина продолжуваат.

Како што објавува АП, главните цели на рускиот претседател Владимир Путин остануваат исти како што изјави кога започна инвазијата на 24 февруари 2022 година: Украина треба да се откаже од приклучувањето кон НАТО, значително да ја намали својата армија и да ги заштити рускиот јазик и култура за земјата да остане во руската орбита, како и да се повлече од четирите области кои Москва ги окупира, но кои не се целосно под нејзина контрола.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да ѝ предаде територија на Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ