Судијата на Окружниот суд Тревор Мефеден, кој е именуван од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, пресуди дека владата не може да ѝ возврати на АП за тоа што не ја почитува извршната претседателска наредба Мексиканскиот залив да се преименува во „Американски залив“. Одлуката, иако станува збор за привремена мерка, претставува голема победа за АП во момент кога Белата куќа на повеќе фронтови ја оспорува работата на медиумите.
„Според Првиот амандман, ако владата им отвори врата на некои новинари, без оглед дали станува збор за Овалната канцеларија, Источната сала или друго место, не може да ја затвори за други поради нивните ставови“, напиша Мефеден. „Уставот не дозволува ништо помалку“.
Тој одлучи примената на пресудата да ја одложи за една недела за владата да има време да одговори или да поднесе жалба. Непосредно по пресудата, на новинар и фотограф на АП им било оневозможено да се придружат на претседателската поворка и да известуваат од настан на Трамп пред Националниот републикански конгресен одбор.
На АП од 11 февруари ѝ е забрането да биде дел од малата група новинари кои го следат Трамп во Овалната канцеларија и во авионот Ер форс уан, со повремено овозможување на пристап на настаните во Источната сала.
„Задоволни сме од одлуката на судот“, изјави портпаролката на АП Лорен Истон. „Денешната пресуда го потврдува основното право на медиумите и јавноста слободно да зборуваат без страв од одмазда. Тоа е слобода загарантирана на сите Американци во уставот на САД“.
Портпаролката на Белата куќа Керолајн Левит, една од функционерките спомнати во тужната, не одговори на прашања поврзани со пресудата. Во тужбата која АП ја поднесе на 21 февруари тужени се и шефицата на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс и заменик шефот на кабинетот Тејлор Бадович.