среда, 17 декември 2025

Асанж поднесе пријава против Нобеловата фондација поради доделувањето на наградата за мир: Прекршен е Нобеловиот тестамент

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, денес поднесе кривична пријава против Нобеловата фондација поради доделувањето на Нобеловата награда за мир на Марија Корина Мачадо од Венецуела, објави Викиликс на платформата Икс. Како што се наведува, доделувањето на наградата на Мачадо претставува злоупотреба на средства и олеснување на извршување воени злосторства според шведскиот закон. Асанж побара средствата што треба да ѝ бидат исплатени на добитничката да бидат замрзнати.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Асанж ја поднел кривичната пријава во Шведска, обвинувајќи 30 лица поврзани со Нобеловата фондација, вклучително и нејзиното раководство, за тешка злоупотреба на парични средства, олеснување воени злосторства и злосторства против човештвото, како и финансирање на злосторството агресија.

Во тужбата се наведува дека тестаментот на Алфред Нобел од 1895 година експлицитно наложува Нобеловата награда за мир да му биде доделена на поединец што во текот на претходната година „донел најголема корист за човештвото“, правејќи „најмногу или најдобро за братството меѓу народите, за укинување или намалување на војските и за одржување и промоција на мировните конгреси“.

Основачот на Викиликс тврди дека „политичката одлука на норвешкиот комитет за избор не ја суспендира должноста на шведските администратори на фондовите“.

„Секоја исплата што е во спротивност со овој мандат претставува злоупотреба на фондот“, наведе Асанж.

Тужбите се поднесени до Шведската агенција за економски криминал и до Шведската единица за воени злосторства. Во нив се наведува дека осомничените, меѓу кои и претседателката на Нобеловата фондација Астрид Седерберг Видинґ и извршната директорка Хана Стјерне, го претвориле „инструментот на мирот во инструмент на војна“.

Асанж ги обвинува дека извршиле тешки кривични дела, меѓу кои злоупотреба на довербата, злоупотреба и заговор во врска со претстојната исплата од 11 милиони шведски круни (1,18 милиони долари) од Нобеловата награда за мир на Марија Корина Мачадо. Тој нагласува дека нејзините претходни и тековни дејствија категорично ја исклучуваат од критериумите наведени во тестаментот на Алфред Нобел.

Нобеловата фондација се обвинува и дека со исплатата на средствата на венецуелската опозициска политичарка би го олеснила извршувањето воени злосторства, вклучително и злосторството агресија и злосторствата против човештвото.

Како што се додава, припадниците на фондацијата биле свесни дека Мачадо поттикнува и ја поддржува улогата на Соединетите Американски Држави во извршувањето злосторства.

„Знаеле или требало да знаат дека исплатата на Нобеловите средства ќе придонесе за вонсудски убиства на цивили и преживеани бродоломници на море“, наведува Викиликс.

Асанж потсетува дека членовите на Нобеловата фондација и претходно ја извршувале својата надзорна улога врз наградите и нивната исплата, па така во 2018 година ја суспендирале исплатата на Нобеловата награда за книжевност на полската писателка Олга Токарчук.

„Неинтервенирањето во овој случај, и покрај американските воени злосторства крај брегот на Венецуела и клучната улога на Мачадо во понатамошната агресија, повлекува кривична одговорност. Нобеловиот фонд за мир не смее да се троши за промоција на војна“, наведува Асанж.

Во тужбата тој истакнува дека објавувањето на добитничката и церемонијата на доделување на наградата се одржале во време што воените аналитичари го опишуваат како „најголемо распоредување американска војска на Карибите од Кубанската ракетна криза“.

„Ескалацијата продолжи кога претседателот Доналд Трамп на 10 декември, два дена по церемонијата на доделување на Нобеловата награда, објави дека американските напади ќе ‘почнат по копно’. Венецуелската стратегија е дел од она што министерот за војна на Трамп, Питер Хегсет, го нарекува премин кон ‘максимална смртоносност, а не млака легалност’ и ‘премин во офанзива’“, потсети Асанж.

Тој додава дека „Мачадо продолжи да ја поттикнува администрацијата на Трамп да го продолжи патот на ескалација“, вклучително и учество во заговор со цел на американската администрација да ѝ се овозможи пристап до резервите на нафта и други природни ресурси во вредност од 1,7 милијарди долари преку приватизација, по соборувањето на Николас Мадуро.

„Користејќи ја својата возвишена позиција како добитничка на Нобеловата награда за мир, Мачадо најверојатно надвладеала во корист на војната, која ја олесниле именуваните осомничени“, се наведува во кривичната пријава.

Во тужбата се наведуваат и докази за поттикнување американска воена интервенција, како и пофалби за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во контекст на Газа.

Нејзините изјави, меѓу другото, вклучуваат: „Воената ескалација можеби е единствениот начин… Соединетите Американски Држави можеби ќе мора директно да интервенираат“ (30 октомври 2025 година). Асанж додава дека Мачадо ги нарекла американските воени напади врз цивилни бродови, во кои загинале најмалку 95 лица, „оправдани“ и „визионерски“.

„Мачадо му ја посвети наградата на американскиот претседател Трамп, затоа што тој ‘конечно ја стави Венецуела… во категоријата приоритети за Соединетите Американски Држави’“, се наведува во тужбата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ