Сега, 103 години откако Хауард Картер во 1922 го отвори последното почивалиште на кралот Тут, во близина на Долината на кралевите е откриен гробот на Тутмос II, што е прва можност по две генерации да се проучува погребната одаја на некој фараон.
Сепак, ова се покажа како многу поскромно откритие, бидејќи гробницата е сосема празна и веројатно била празна веќе 3.500 години, откако чуварите забележале дека нивниот починат господар „отпливува“ кон задгробниот живот.
„Всушност, излезе дека гробницата е целосно празна, не затоа што била ограбена, туку затоа што била намерно испразнета“, вели археологот Пирс Литерланд, кој ја ископувал областа цела деценија, но кога првпат ја пронашол гробницата, претпоставил дека ѝ припаѓа на некоја кралска сопруга.
„Потоа сфативме дека гробницата била поплавена. Таа била изградена под водопад и во некоја фаза се наполнила со вода во рок од околу шест години по погребот“.
Тутмос II, кој владеел од 1493 до 1479 пр.н.е., бил идентификуван како нејзин станар бидејќи неговото име било врежано на искршени парчиња од алабастер, додека декорацијата на таванот на гробницата укажувала на кралско семејство.
Литерленд смета дека парчињата биле скршени за време на преместувањето, „и фала богу што им се скршиле неколку работи, затоа што така дознавме чија е гробницата“.
Всушност, Литерленд знаел дека го нашол она што толку долго го барал кога го видел таванот покриен со мотив на темно небо преполно со златни ѕвезди и со визуелни прикази на Амдуат, религиозен текст резервиран за кралевите.
Тутмоз II ѝ бил сопруг на Хатшепсут, позната фараонка и една од ретките жени што владееле самостојно. Тој нејзе ѝ бил и полубрат, и татко на Тутмоз III, брилијантен воен командант што ја создал првата професионална морнарица во античкиот свет и кој го издигнал Новото Кралство до неговиот апсолутен зенит на територијална моќ.
Мохсен Камел, теренски помошник-директор на ископувањето, изјави дека „можното постоење на втора, и најверојатно недопрена гробница на Тутмос II е фасцинантна можност“.