недела, 14 декември 2025

Аргентинскиот претседател во центарот на скандал

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј се соочува со најсериозниот корупциски скандал од почетокот на неговиот мандат, а во неговиот центар е Карина Милеј, сестрата на претседателот и една од највлијателните личности во администрацијата.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Сето ова се случува помалку од два месеци пред клучните парламентарни избори, пренесува Гардијан.

Повеќе од една недела, локалните медиуми известуваат за аудио снимки во кои се слуша Диего Спањоло, поранешен директор на Националната агенција за лица со попреченост и поранешен адвокат на Милеј, како тврди дека Карина Милеј земала три проценти од секој склучен договор.

Спањоло првично негираше дека неговиот глас е на снимките, но подоцна го призна тоа, по што беше сменет од функцијата.

По неколку дена молчење, претседателот Милеј се појави на предизборен митинг со својата сестра и ги замоли собраните да „ѝ дадат силен аплауз“, според Гардијан.

Во аудио снимките се тврди дека системот за наводно земање поткуп бил организиран преку фармацевтската компанија „Суизо Аргентина“, која според снимките барала провизија од осум отсто од други фирми за добивање договори од владата.

Според извештаите, мрежата генерирала помеѓу 500.000 и 800.000 долари мито месечно, од кои три проценти наводно оделе кај Карина Милеј, која служи како генерален секретар на претседателството, позиција што ѝ е дадена откако претседателот го укина декретот со кој се забранува вработување на роднини во државните институции, објаснува Гардијан.

Адвокатот Грегорио Далбон, познат по застапувањето на поранешната аргентинска претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер, поднесе кривични пријави против Милеј, неговата сестра, Спањоло и други споменати во снимките.

Далбон го опиша случајот како „најголем корупциски скандал од враќањето на демократијата во 1983 година“, додавајќи дека не ја исклучува можноста ова да стане аргентински „Вотергејт“.

Федерален суд нареди истрага и претрес на повеќе локации, при што во домот на еден од сопствениците на компанијата „Суизо Аргентина“ беа пронајдени 266.000 долари во готово.

Според Гардијан, Милеј не се осврнал директно на скандалот, но споделил изјава од Суизо Аргентина на социјалните мрежи, во која се наведува дека е „целосно на располагање на судството да ги разјасни сите околности, верувајќи дека постапиле во согласност со законите и прописите“.

Пратениците од опозицијата предложија формирање истражна комисија за истрага на обвинувањата за корупција.

„До сега не слушнавме убедливо објаснување што точно се случило, што во голема мера го поткопува кредибилитетот на владата“, изјави Естебан Паулон, социјалистички пратеник и предлагач на иницијативата.

Вонредните парламентарни избори се закажани за 26 октомври, а ќе се избираат половина од Долниот дом и една третина од членовите на Сенатот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ