понеделник, 5 јануари 2026

Аргентинскиот претседател: Мораме да се спротивставиме на злото на социјализмот

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи објави дека работи со регионални сојузници за создавање нов блок кој ќе „ги прифати идеите за слобода“ и ќе се спротивстави на „злото на социјализмот“. Во едно интервју, тој откри дека десетина земји се заинтересирани за формирање сојуз за координирање на политиките, пишува Буенос Аирес тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Сè уште не сме му дале име, но веќе постои група од 10 земји со кои работиме и ќе продолжиме да напредуваме“, кажа Милеи, без да открие за кои земји станува збор. Тој прецизираше како новиот сојуз ќе се бори против „злото на социјализмот во неговите различни верзии, без разлика дали станува збор за социјализам на 21 век или за воук идеологијата, а да не ги спомнуваме поекстремните верзии“.

Изјавите се дел од интервјуто со новинарот Андрес Опенхајмер, снимено минатата недела во претседателската палата Каса Росада, а чие емитување беше најавено за 11 јануари. Опенхајмер објави на социјалните мрежи дека целото интервју ќе ги открие и ставовите на Милеи за војната во Венецуела, односите со Кина и прашањето дали сака да „остане на власт“.

Коментирајќи ги неодамнешните победи на десничарските и централнодесничарските кандидати во Јужна Америка, како што се Хозе Антонио Касто во Чиле, Родриго Паз во Боливија или Даниел Нобоа во Еквадор, Милеи кажа: „Се чини дека регионот се разбуди од кошмарот на социјализмот на 21 век, луѓето откриваат дека тоа е, всушност, измама.

Дека целата фасада на наводна добра волја не е ништо повеќе од сентиментална, лажна и заведувачка нарација, дизајнирана така што група разбојници можат да ја преземат власта и да го осиромашат населението“.

Аргентинскиот претседател веќе покажа идеолошка блискост со десничарските лидери во регионот, поддржувајќи го парагвајскиот претседател Сантијаго Пења, салвадорскиот Наиб Букеле и неодамна избраниот Насри Асфура во Хондурас. Тој, исто така, бара сојузници надвор од регионот, а ги спомена и Доналд Трамп, Бенјамин Нетанјаху, Виктор Орбан и Џорџа Мелони како потенцијални партнери.

За време на посетата на италијанската премиерка на Аргентина во ноември 2024 година, Милеи зборуваше за создавање „сојуз на слободни нации, обединети против тиранијата и бедата“, но оваа идеја со текот на времето ја изгуби својата моќ. Следниот чекор за Милеи е учество на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, кој ќе се одржи од 19 до 23 јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ