Кога заврши самитот, тие издадоа долга изјава во која го осудуваат Израел и ја потврдуваат својата солидарност со Катар. Исто така, беше испратена покана до земјите да ги разгледаат дипломатските и економските врски со Израел, што, според помошникот генерален секретар на Арапската лига Хосам Заки е покана до земјите што имаат односи со Израел да ги ревидираат.
Она што очигледно изостана во изјавата беше каква било конкретна акција, оценува Си-ен-ен и додава дека самитот генерално бил залуден потфат, кој покажал дека огромното богатство не е преведено во реална моќ. И покрај огромните чекори што ги направија земји како Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, тие или не се во можност (или не се подготвени) да направат нешто за да извршат притисок врз Израел и неговиот главен сојузник, Соединетите Американски Ддржави, да ја прекинат војната во Газа.
Воздржувањето на арапските држави од конкретни мерки на притисок врз Израел и САД е во остра спротивност со нивните постапки пред повеќе од половина век.
Пред педесет и две години, во октомври 1973 година, министрите за нафта од земјите што ја сочинуваа Организацијата на арапски земји извознички на нафта (ОАПЕК) се собраа во Кувајт, додека беснееше војната меѓу Израел, Сирија и Египет, а светот беше на работ на нуклеарна пресметка меѓу САД и Советскиот Сојуз.
Во Кувајт, министрите на ОАПЕК, предводени од Саудиска Арабија, одлучија да го намалат производството на нафта и да воведат ограничувања за извозот кон САД и другите земји што го поддржуваа Израел и неговите воени напори. Како што нè потсетува Си-ен-ен, тоа беше почетокот на арапското ембарго за нафта, што придонесе за туркање на западните економии во рецесија.
Денес, додека Израел ја интензивира својата офанзива врз градот Газа, додека бројот на мртви во Газа достигнува речиси 65.000 (при што повеќето жртви се жени и деца), додека комисијата на Обединетите нации утврдува дека Израел врши геноцид во Газа, многу од истите земји што во 1973 година наплатија висока цена за американската поддршка на Израел остануваат претежно пасивни, истакнува Си-ен-ен.
„Арапските влади во минатиот век не постигнаа целосен суверенитет“, објаснува Рами Хури, аналитичар од Американскиот универзитет во Бејрут. „Тие зависат од странски земји за нивната благосостојба, заштита или опстанок“.
Во 2022 година САД го прогласија Катар за главен сојузник кој не е член на НАТО, а Катар е домаќин на најголемата американска воздухопловна база на Блискиот Исток. Сепак, ова не беше доволно за да ја поштеди Доха од израелските напади.
Во најдобар случај, владетелите кои се собраа во Доха во понеделник се однесуваат инфериорно, потпирајќи се на каприците на непредвидливиот американски претседател за да посредуваат со израелскиот лидер. „Ние очекуваме нашите стратегиски партнери во Соединетите Американски Држави да го искористат своето влијание врз Израел за да го спречат од ова однесување“, државниот весник Ал Бајан го цитираше генералниот секретар на Советот за соработка во Заливот, Јасем Мохамед ал Будави. САД „имаат моќ и влијание врз Израел и крајно време е да се искористат моќта и влијанието“.
Сепак, додека собраните арапски и муслимански лидери изразија солидарност со Катар, американскиот државен секретар Марко Рубио се сретна со Нетанјаху и понуди силна поддршка за цврстиот став на Израел, иако Вашингтон претходно изрази незадоволство од нападот врз Катар.
Зборувајќи заедно со Нетанјаху во Израел, Рубио рече дека единствениот начин да се стави крај на војната во Газа би бил борците на Хамас да ги ослободат сите заложници и да го положат оружјето. Иако САД сакаат дипломатски крај на војната, „мора да бидеме подготвени за можноста тоа да не се случи“, кажа тој.
Само еден ден подоцна, Рубио веќе беше во Доха, каде што американскиот сојуз со Катар доби нова димензија преку разговори за одбранбена соработка, објави Ројтерс.
„Имаме тесно партнерство со Катар. Всушност, имаме подобрен договор за одбранбена соработка на кој работиме и сме на работ на финализирање“, кажа Рубио додека го напушташе Тел Авив за Доха.
Истиот ден, израелските сили објавија дека започнале копнени операции во Газа.






