понеделник, 15 декември 2025

Апсења во Србија поради падот на натстрешницата во Нови Сад

Во голема полициска акција по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија, уапсени се повеќе лица осомничени за финансиска измама поврзана со реконструкција на Железничката станица во Нови Сад, објави српскиот портал Нова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу уапсените, според неофицијални информации, се поранешниот министер Томислав Момировиќ, помошничката на министерот Анита Димоски, поранешниот директор на Инфраструктура Железница Србија Небојша Шурлан, менаџерот за развој на инвестиции во Инфраструктура Железница Србија Слободанка Катаниќ, сопственикот на компанијата Стартинг Никола Тривиќ. Основачот на компанијата Деко тим Ненад Игњатовиќ, директорот на Заводот за заштита на спомениците во Нови Сад Синиша Јокиќ (стрико на кошаркарската ѕвезда Никола Јокиќ), како и Вељко Новаковиќ, Иван Поповиќ, Александар Цвјетковиќ и Драган Поповиќ.

Издадена е потерница против поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ. Сепак, како што пишува Нова, тој моментално е во болница, каде што е итно опериран откако му се влошила здравствената состојба. Тој бил примен во болница со силни болки во стомакот, треска, повраќање и дехидрација. Како што објави Јуроњуз, тој бил опериран во раните утрински часови.

Јавното обвинителство за организиран криминал спроведува финансиска истрага во врска со проектот за реконструкција на железничката станица, особено на стреата, во Нови Сад. Сè уште не е познато во која фаза е истрагата, но денешните апсења укажуваат дека случајот влегол во посериозна фаза.

Томислав Момировиќ ја извршуваше функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во времето кога железничката станица во Нови Сад беше во изградба.

Неговата политичка кариера беше обележана со низа гафови, од кои најзапаметена е реченицата за две јајца за 22 динари кои можат да ги држат луѓето сити цел ден, како и тоа што јадеше салама со Вучиќ.

Во својата официјална биографија, тој наведува дека дипломирал на Правниот факултет во Белград. Од 2007 година е вработен во семејната компанија Мона, како консултант. Вниманието на јавноста го привлече со своите објави на Твитер, кои честопати предизвикуваа бурни реакции. Сепак, не се колебаше да ја разбранува јавноста со своите изјави дадени во живо на телевизија, пишува Нова.

Поранешниот министер за внатрешна и надворешна трговија (2022-2024) и поранешен министер за градежништво, транспорт и инфраструктура (2020-2022), наследникот на империјата Мона, според мапата на имотот објавена од КРИК, заедно со неговото семејство, „тешко“ 87.128.830 евра, само во недвижен имот во негова сопственост, сопственост на неговата сопруга, брат, мајка и татко и нивните компании – вкупната квадратура на располагање им е 98.882 квадратни метри, пресметале истражувачките новинари на КРИК.

Апсењата се директна последица од трагедијата што се случи на 1 ноември 2024 година околу 11:50 часот, кога се урна бетонската стреа над главниот влез на железничката станица во Нови Сад. Вкупно 16 лица загинаа во таа несреќа – меѓу нив четири деца на возраст меѓу 6 и 17 години – додека едно лице беше повредено. Последната жртва, 18-годишниот Вукашин Црнчевиќ, почина на 21 март 2025 година, по четири месеци и дваесет дена борба за живот.

Меѓу загинатите беа две девојчиња, сестрите Валентина (10) и Сара (6) Фириќ од Ковиље, кои оделе на забавата со својот дедо, и 17-годишниот средношколец Немања Комар од Степановиќево, 16-годишната Милица Адамовиќ и други граѓани на возраст меѓу 6 и 77 години. Една од жртвите беше Васко Саздовски од Македонија, кој чекал воз за да се врати дома кај сопругата и децата.

Трагедијата го предизвика најголемиот бран протести во Србија од 2000 година. По почетниот шок, на 22 ноември 2024 година, студентите го организираа првиот голем митинг на Факултетот за драмски уметности во Белград, што го означи почетокот на масовните блокади на факултетите, училиштата и улиците низ целата земја.

Студентите поставија пет главни барања: објавување на сите договори и документи поврзани со реконструкцијата на станицата, независна меѓународна истрага, оставка на одговорните службеници, јавно објавување на имињата на сите изведувачи и подизведувачи и минута молчење на првиот ден од секој месец во сите образовни институции. Протестите се проширија на повеќе од 60 факултети, а добија поддршка од стотици илјади граѓани, земјоделци, здравствени работници и синдикалци.

Протестите во Нови Сад беа особено драматични, каде што граѓаните блокираа три клучни моста преку Дунав – Варадински, Жежељев и Мостот на слободата. Мостот на слободата беше блокиран 24 часа, додека другите два моста беа затворени по неколку часа. На протестите беа носени транспаренти со имињата на жртвите, беа поставени црвени знаци како симбол на одговорност, а беше одржано и минута молчење во спомен на загинатите.

Масовниот протест „15 за 15“ се одржа на 15 март 2025 година во Белград, собирајќи, според проценките, помеѓу 100.000 и 500.000 луѓе. Протестот беше мирен сè до моментот кога толпата беше растерана од високофреквентен звук, за кој сведоците тврдат дека бил „звучен топ“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ