Иранската Револуционерна гарда потврди дека била бомбардирана и нафтената рафинерија на југот од главниот град. Како одговор, Иран изврши ракетен напад врз израелска нафтена постројка во Хаифа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи да го напаѓа Иран со „полна сила“ со цел, како што рече, „методично да го искорени режимот“.
Израелската војска соопшти и дека погодила повеќе борбени авиони што Иран ги купил од САД пред Исламската револуција. Флотата авиони Ф-14 на аеродромот во Исфахан, јужно од Техеран, долго време беше столб на иранските воздухопловни сили и се користеше за одбрана на воздушниот простор. Според Израел, биле погодени и системи за противвоздушна одбрана.
Нападите врз нафтените постројки кај Техеран предизвикаа и сериозни еколошки последици. Иранскиот Црвен полумесец ги предупреди жителите на Техеран и околината на опасност од токсичен дожд по експлозиите во нафтените објекти. Граѓаните се повикани да избегнуваат движење на отворено, бидејќи дождот може да предизвика хемиски изгореници и оштетување на белите дробови.
Репортерот на Си-ен-ен, кој се наоѓа во Техеран, јавува дека небото над градот е покриено со огромни црни облаци.
„Ова следи по големиот воздушен напад врз јужниот и западниот дел од градот во текот на ноќта, при што беа погодени нафтени постројки и складишта со нафта, а веројатно и рафинерија. Утрово небото е многу темно, а видливи се огромни столбови црн чад. Вчера имаше големи пожари во јужниот дел од градот“, изјави Плајтген.
Тој додава дека во исто време паѓа дожд што е измешан со нафта.
„Може да се види дека дождот е црн, а и водата што се слева по ѕидовите е со темна боја. Така изгледа утринскиот дожд над иранската престолнина по последните напади“, рече репортерот.
„Црн дожд“ во Техеран
По нападите врз нафтените складишта, над Техеран се појавија огромни облаци густ црн чад, а жителите пријавија и т.н. „црн дожд“ – врнежи измешани со нафта и честички саѓи. Иранскиот Црвен полумесец предупреди дека во воздухот се ослободени опасни хемиски соединенија, како јаглеводороди, сулфур и азотни оксиди, што може да предизвика кисел дожд опасен за кожата и белите дробови. Властите ги повикаа жителите на Техеран, град со околу 10 милиони жители, да останат во затворени простории и да избегнуваат контакт со дождот и загадениот воздух.
Медиумите објавија снимки од темно небо над градот, со улици и фасади покриени со црни траги од нафта и прашина. Очевидци велат дека дождовницата била темна и мрсна, а чадот од пожарите на нафтените резервоари се издигал со часови над престолнината.






