сабота, 13 декември 2025

АП: Израел преговара за испраќање на Палестинците од Газа во африканска земја на раб на глад

Израел води разговори со Јужен Судан за можноста за преселување на Палестинците од Појасот Газа во источноафриканската земја разорена од војна, како дел од поширокиот израелски напор за поттикнување на масовна емиграција од територијата уништена од 22-месечната офанзива, објави Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шест лица запознаени со ова прашање потврдија за АП дека преговорите се во тек. Не е јасно колку далеку стигнале, но доколку се спроведат, плановите би значеле преселување на луѓето од една област разорена од војна во друга, изложена на глад, што отвора прашања за кршење на човековите права.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вели дека сака да ја реализира визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за преместување на поголемиот дел од населението на Газа преку она што тој го нарекува „доброволна миграција“. Израел презентираше слични предлози за преселување и во други африкански земји.

„Мислам дека е исправно, дури и според законите на војната какви што ги знам, да му се дозволи на населението да замине, а потоа да се удри со сета сила врз непријателот што останува таму“, кажа Нетанјаху вчера во интервју за израелската телевизија и24, без да го спомене Јужен Судан.

Палестинците, организациите за човекови права и голем дел од меѓународната заедница ги отфрлија предлозите како план за присилни протерувања што го кршат меѓународното право.

Јужен Судан тврди дека немало преговори

За Јужен Судан, таков договор би можел да помогне во зајакнувањето на врските со Израел, кој сега е речиси неоспорна воена сила на Блискиот Исток, и да ја отвори вратата за Трамп, кој во февруари ја спомена идејата за преселување на жителите на Газа, но во последните месеци се чини дека се дистанцира од неа.

Министерството за надворешни работи на Израел одби да коментира, а министерот за надворешни работи на Јужен Судан не одговори на прашањата на АП за разговорите. Портпарол на американскиот Стејт департмент изјави дека не коментира приватни дипломатски разговори.

Владата на Јужен Судан потоа се огласи и ги отфрли тврдењата на АП.

Јужен Судан „решително ги отфрла неодамнешните медиумски написи во кои се тврди дека владата на Република Јужен Судан води разговори со државата Израел за преселување на палестински граѓани од Газа во Јужен Судан“, порача министерството за надворешни работи во соопштение.

Во соопштението се вели дека тврдењата се „неосновани и не го одразуваат официјалниот став или политика“ на владата на Јужен Судан.

Лобист тврди дека знаел за преговорите

Џо Шлавик, основач на американска лобистичка фирма која работи со Јужен Судан, изјави дека бил информиран за разговорите од страна на јужносуданските власти. Шлавик вели дека Израел веројатно ќе финансира импровизирани кампови.

Тој изјави дека израелска делегација планира да ја посети земјата за да ја испита можноста за воспоставување кампови за Палестинците. Вчера, тој изјави за АП дека датумот на посетата сè уште не е познат.

Од друга страна, заменичката министерка за надворешни работи Шарен Хаскел објави на Икс дека пристигнала во Јужен Судан, „најмладата земја во светот“, како дел од првата официјална делегација на Израел во таа африканска земја.

Во соопштението, таа изјави дека се сретнала со претседателот на Јужен Судан, Салва Кир Мајардит, министерката за надворешни работи, Семај Кумба, и други официјални лица, потпишала дипломатски меморандум за разбирање и посетила израелски центар за трауматологија за кој вели дека „спасил животи на десетици деца“.

Низа функционери за АП кажале дека се водат преговори

Едмунд Јакани, кој раководи со една организација од граѓанското општество во Јужен Судан, кажа дека разговарал со тамошните претставници за преговорите. Уште четири претставници запознаени со разговорите потврдија дека преговорите се во тек, под услов да останат анонимни бидејќи не се овластени јавно да зборуваат за нив.

Двајца египетски претставници изјавиле за АП дека со месеци знаеле за напорите на Израел да најде земја што ќе ги прифати Палестинците, вклучително и контакти со Јужен Судан, и лобирале земјата да не ги прифати.

Египет остро се спротивставува на плановите за преселување на Палестинците од Газа, со која дели граница, плашејќи се од прилив на бегалци на нејзина територија.

АП претходно објави за слични разговори иницирани од Израел и САД со Судан и Сомалија, земји кои исто така се борат со војна и глад, и со отцепениот регион на Сомалија познат како Сомалиленд. Статусот на тие преговори е непознат.

„На Јужен Судан, кој е ограничен со пари, му треба секој сојузник“

Шлавик, кој бил ангажиран од Јужен Судан за да ги подобри односите со САД, кажа дека САД биле свесни за разговорите со Израел, но не биле директно вклучени.

Јужен Судан сака администрацијата на Трамп да ја укине забраната за патување во земјата и да ги укине санкциите за некои членови на политичката елита, вели Шлавик. Тие веќе прифатија осум лица депортирани во масовни депортации извршени од американската администрација, можеби за да привлечат наклонетост.

Администрацијата на Трамп врши притисок врз повеќе земји да ги олеснат депортациите.

„Хронично ограничениот Јужен Судан има потреба од секој сојузник, финансиска корист и дипломатска безбедност што може да ја добие“, вели Питер Мартел, новинар и автор на книгата за таа земја „Прво крени знаме“.

Според неговата книга, израелската разузнавачка агенција Мосад му обезбедила помош на Јужен Судан за време на неговата децениска граѓанска војна против арапската влада во Картум, пред независноста во 2011 година.

Кога беше прашан дали има некаква размена на услуги со Јужен Судан, Стејт департментот одговори дека одлуките за визи се донесуваат „на начин што им дава приоритет на највисоките стандарди на националната безбедност на САД, јавната безбедност и спроведувањето на нашите закони за имиграција“.

Од една област погодена од глад во друга

Многу Палестинци можеби ќе сакаат да ја напуштат Газа, барем привремено, за да избегаат од војната и гладот што е на раб да стане масовен. Но, тие решително го отфрлаат трајното преселување од она што го сметаат за составен дел од нивната татковина.

Тие се плашат дека Израел никогаш нема да им дозволи да се вратат и дека масовното заминување би овозможило анексијата на Газа и обновата на еврејските населби, како што се залагаат министрите од крајната десница во израелската влада.

Сепак, дури и оние Палестинци кои сакаат да заминат, веројатно нема да се одлучат за Јужен Судан, една од најнестабилните и најконфликтни земји во светот.

Јужен Судан се бори да се опорави од граѓанската војна по независноста, во која загинаа речиси 400.000 луѓе, а делови од земјата беа погодени од глад. Земјата богата со нафта е погодена од корупција и се потпира на меѓународна помош за да ги прехрани своите 11 милиони луѓе, што стана уште потешко откако администрацијата на Трамп драстично ја намали странската помош.

Јужен Судан е на раб на војна

Мировниот договор постигнат пред седум години остана кревок и нецелосен, а заканата од војна се врати кога лидерот на главната опозициска партија беше ставен во домашен притвор оваа година.

Палестинците исто така би можеле да се соочат со непријателство. Долготрајната војна за независност од Судан го спротивстави претежно христијанскиот и анимистичкиот југ против претежно арапскиот и муслиманскиот север.

Јакани лажа дека Јужен Судан треба да знае кој доаѓа и колку долго планира да остане, во спротивно би можеле да се појават непријателства поради „историски проблеми со муслиманите и Арапите“.

„Јужен Судан не треба да стане депонија за луѓе. И не треба да се согласува да прима луѓе како адут за подобрување на односите“, оцени тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ