недела, 7 декември 2025

АП: Американски агент го врбувал пилотот на претседателот на Венецуела за да го грабнат и предадат на САД

Искусен американски агент тајно се обидел да го регрутира личниот пилот на Николас Мадуро за да се придружи на заговорот за киднапирање на венецуелскиот лидер и негово предавање на американските власти за да се соочи со обвиненија за трговија со дрога, објави Асошиејтед прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Федералниот агент му предложил на главниот пилот на венецуелскиот претседател: тајно да го пренасочи авионот на Мадуро кон место каде што американските власти би можеле да го уапсат венецуелскиот лидер. Во замена, агентот му рекол на пилотот на таен состанок дека ќе стане многу богат човек.

Разговорот бил напнат, а пилотот заминал без јасен одговор, иако на агентот Едвин Лопез му го дал својот телефонски број, знак дека можеби е заинтересиран за паричната награда. Во текот на следните 16 месеци, дури и откако се пензионирал во јули оваа година, Лопез бил упорен, комуницирајќи со пилотот преку шифрирана апликација за пораки.

Оваа приказна, полна со интриги, открива до кој степен САД со години се обидуваат да го соборат Мадуро, кого го обвинуваат за уништување на демократијата во таа нација богата со нафта и наводно обезбедување засолниште на наркокартели, терористички групи и на комунистичка Куба.

Заговорот бил смислен откако еден доушник се појавил во амбасадата на САД во Доминиканската Република на 24 април 2024 година. Тој тврдел дека има информации за двата авиона кои ги користел Мадуро, кои биле подложени на скапо одржување во карипската нација. Лопез, тогашен аташе во амбасадата и агент на Истражниот оддел за внатрешна безбедност (ХСИ), сфатил дека секое одржување веројатно е кривично дело според американскиот закон бидејќи би вклучувало купување американски делови, што е забрането со санкции. Авионите исто така биле подложни на запленвање.

Набрзо американските истражители дознале дека Мадуро испратил пет пилоти на островот за да преземат мултимилионски авиони – десо фалкон 2000EX и десо фалкон 900EX. Потоа Лопез добил идеја: што ако може да го убеди главниот пилот да го транспортира Мадуро до место каде што САД би можеле да го уапсат?

Во 2020 година, Мадуро беше обвинет за наркотероризам и за преплавување на САД со кокаин. Агентот на ХСИ добил дозвола од своите претпоставени и доминиканските власти да ги испрашува пилотите. На аеродромот, Лопез и други агенти разговарале со секој пилот поединечно, оставајќи ја главната цел за на крај: генералот Битнер Вилегас, редовниот пилот на Мадуро.

По краток неформален разговор Лопез го презентирал својот предлог: во замена за тајното предавање на Мадуро во рацете на Американците, пилотот ќе стане богат и почитуван од милиони негови сонародници.

Местото на состанокот можел да го избере пилотот: Доминиканската Република, Порторико или американската воена база Гвантанамо на Куба. Вилегас не ги открил своите намери, но пред да замине му го даде на Лопез бројот на својот мобилен телефон.

Во меѓувреме, американската влада подготвила случај за запленување на авионот. Едниот беше запленет во септември 2024 година, а другиот во февруари оваа година. Владата на САД, исто така, ја дуплираше наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари, што Лопез се обидел да го искористи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ