Глечерот Хекторија, кој се наоѓа на Антарктичкиот Полуостров – еден регионите кои најбрзо се загреваат на Земјата – се повлекол неверојатни 8 километри помеѓу ноември и декември 2022 година. За споредба, глечерите како Хекторија, кои лежат на морското дно, обично се повлекуваат само неколку стотици метри годишно. „Ова е неверојатно, стапката на повлекување е едноставно луда“, изјави Тед Скамбос, автор на студијата и виш истражувачки научник на Универзитетот Колорадо Болдер.
Речиси целосниот колапс на Хекторија бил откриен сосема случајно. Научниците, проучувајќи го прицврстениот морски мраз во заливот, забележале нешто неочекувано. Коавторката на студијата, Наоми Очват, разгледувајќи ги сателитските податоци, забележала дека Хекторија изгубила огромно количество мраз за исклучително краток временски период. „Сфатив дека тука се случува нешто посебно“, изјави Очват за Си-ен-ен.
Ова поттикнало подетална истрага која ја открила низата настани што довеле до распаѓањето.
Истражувачите утврдиле дека клучниот момент бил распаѓањето на прицврстениот морски мраз во 2022 година, кој дотогаш го стабилизирал глечерот. Со неговото исчезнување, топлата океанска вода навлегла во Хекторија и го почнала брзото распаѓање. Причината зошто Хекторија се распаднала толку побрзо од соседните глечери лежи во она што се наоѓа под него.

Глечерот се потпира на рамен седимент на морското дно, што овозможува водата да се пробие под мразот, создавајќи притисок и предизвикувајќи џиновските карпи да се откинат во процес познат како цепење. Скамбос го споредува процесот со „паѓање на домина, едно по друго“. Иако слични процеси се случиле во далечното минато, на крајот од последното ледено доба, научниците велат дека никогаш порано не го виделе ова во живо.
Иако Хекторија е релативно мал глечер според антарктичките стандарди, и неговото делумно исчезнување нема значително да влијае на нивото на морето, научниците предупредуваат дека овој настан е опасен преседан. „Тоа е помал братучед на некои навистина гигантски глечери на Антарктикот кои веројатно би можеле да поминат низ истиот процес“, додава Скамбос. „Доколку тоа сценарио се случи на поголем глечер, тоа значи дека би можеле да имаме скок во покачувањето на нивото на морето“, оценува тој.
Роб Лартер, морски геофизичар на Британското антарктичко истражување, кој не бил вклучен во студијата, вели дека новите наоди „ја креваат свеста за тоа колку брзо можат да се повлечат глечерите на Антарктикот“. Според него, истражувањето предизвикува страв дека губењето на мразот од Антарктикот „може да се случи побрзо од предвиденото“.
„Овој настан е уште еден потсетник дека човештвото сè уште има многу да научи за големиот и изолиран континент. Климатските промени ги забрзуваат процесите што ние само почнуваме да ги разбираме. Ние сме во позиција каде што сè уште откриваме процеси за кои не знаевме“, заклучува Очват.






