петок, 23 јануари 2026

Анкета: Мнозинството Европејци го сметаат Трамп за непријател

Огромно мнозинство од испитаниците верува дека претседателот на САД не ги почитува демократските принципи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека европското население со сомнеж го пречека враќањето на Доналд Трамп на власт во САД во ноември 2024 година, една година подоцна во Европа преовладува непријателско чувство, пренесува денес париски Фигаро, повикувајќи се на анкета спроведена за француската група за геополитички студии Гран континан во седум земји на Европската Унија.

Повеќе од половина (51 отсто) од граѓаните на Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Данска и Белгија сега го сметаат Трамп за „непријател на Европа“.

Само осум отсто од испитаниците го гледаат како пријател, додека 39 отсто не го сметаат „ниту за пријател, ниту за непријател“.

Американскиот претседател има најмногу „пријатели“ во Полска (17 отсто), а најмногу „непријатели“ во Шпанија (58 отсто).

Огромно мнозинство од испитаниците (88 отсто) верува дека Трамп не ги почитува демократските принципи – 44 отсто велат дека „има авторитарни тенденции“, а исто толку сметаат дека се „однесува како диктатор“.

Во својата прва година во Белата куќа, Трамп го загрози светскиот поредок што неговата земја внимателно го градеше со децении.

Хиперактивен на меѓународната сцена, американскиот претседател се фали дека прекинал „најмалку“ осум конфликти за една година и редовно се претставува како претседател на мирот.

Сепак, Трамп не се двоумеше да прибегне кон насилство, ниту да се закани дека ќе го стори тоа, а прифати и брутален империјализам. Неговата најнова мерка во таа низа е опсесијата со Гренланд, наведува Фигаро.

Во врска со жешкото прашање за Гренланд, 84 отсто од испитаните Европејци ги сметаат изјавите на Трамп за „сериозни“.

Иако претседателот на САД во Давос ја исклучи употребата на сила за заземање на островот, 81 отсто од испитаниците би ја сметале американската воена интервенција на Гренланд за „чин на војна“.

Анкетата е спроведена меѓу 7.498 луѓе во седум земји на ЕУ, од 13 до 19 јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ