Истражувањето е објавено во момент кога украинските пратеници почнуваат да ја подготвуваат законската рамка за можноста за одржување избори за време на воена состојба, откако Зеленски наложи да се изработат потребните законски предлози.
Според резултатите од анкетата, Зеленски во првиот круг би освоил 22% од гласовите, само малку повеќе од генералот Залужни, кој би добил 21%. Голем дел од испитаниците, нив 24,1%, изјавиле дека сè уште не одлучиле за кого би гласале, што претставува раст во однос на 21,1% во октомври.
Во хипотетички втор круг меѓу Зеленски и Залужни, Залужни, според анкетата, убедливо би победил со 64% од гласовите, додека Зеленски би освоил 36%.
Доколку Залужни не се кандидира, вториот круг, според резултатите од истражувањето, најверојатно би се водел меѓу Зеленски и Кирило Буданов, шефот на воената разузнавачка служба. Во тоа сценарио Буданов би го победил Зеленски со 56% од гласовите, наспроти 44%.
Истражувањето е спроведено на примерок од 2.000 испитаници, а податоците се собирани преку директни разговори, со методот на компјутерски потпомогнато лично интервјуирање.
Резултатите доаѓаат во екот на обновената дебата во Киев за можноста за одржување избори за време на војната. Зеленски во декември изјави дека е подготвен да одржи избори и додека трае војната, но само доколку сојузниците на Украина можат да ја гарантираат безбедноста, што, како што наведе, би барало Русија да прифати прекин на огнот.
Безбедносните услови остануваат клучна пречка за одржување избори на национално ниво, но не се единствениот проблем. Според податоците на Обединетите нации, повеќе од шест милиони Украинци ја напуштиле земјата од почетокот на руската инвазија во полн обем, додека уште околу 3,7 милиони луѓе се внатрешно раселени, што дополнително го отежнува учеството на гласачите.
Според сегашните украински закони, изборите се забранети за време на воена состојба. Тие можат да се одржат дури по нејзиното укинување или ако парламентот го измени законот. Претходно оваа недела украинскиот парламент формираше посебна работна група што ќе ги подготви законите што би ги регулирале изборите за време на војната и по неа.
Украинската Централна изборна комисија вчера повторно започна со работа на државниот регистар на избирачи, првпат од почетокот на руската инвазија.






