Белгискиот дневен весник „Стандард“ предупреди дека веродостојноста на Европската Унија е тешко нарушена поради одлуката на Обвинителството на ЕУ да ја уапси ректорката на Колеџот од Бриж, Федерика Могерини, и уште двајца високи претставници на Унијата под обвинение за проневера на пари на ЕУ и злоупотреба на службената положба.
Се бара итна реакција особено од Каја Калас, бидејќи белгиската правосудна полиција извршила претрес и во седиштето на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), чиј раководител е Калас, а претходно таму беше Могерини, која во таа улога беше и посредник на ЕУ во дијалогот Белград–Приштина.
Слични оценки даваат и други медиуми и аналитичари во ЕУ и предупредуваат дека до апсењето на високите европски функционери дошло речиси истовремено со откривањето на невидената корупција и кражба од над сто милиони долари во Украина, за која ЕУ токму подготвува нови десетици милијарди евра помош за да опстане во војната со Русија.
Могерини, ректорка на угледниот Колеџ од Бриж, е обвинета дека со злоупотреба издејствувала парите од буџетот на ЕУ да бидат пренасочени во дипломатската академија на колеџот, каде што се образуваат идните кадри на Унијата.
Францускиот весник „Монд“ потсетува дека Могерини била избрана на чело на Колеџот од Бриж „иако тоа тогаш предизвикало жестоко противење од професори, поранешни студенти и некои пратеници од Европскиот парламент, поради оцената дека таа не е стручна и нема академска кариера за тоа звање, додека кандидатурите на триесетина личности од академскиот свет биле отфрлени“.
Италијанските весници опширно известија за апсењето на Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи.
Миланскиот дневен весник „Кориере дела сера“ исто така обелодени дека највисоките уапсени украински функционери и министри, среде војна и тешка сиромаштија на населението, купувале вили со бањи обложени со злато, а „во крадечките кругови“, како што се наведува, обвинетиот Андриј Јермак, десната рака на украинскиот претседател Володимир Зеленски, бил познат под шифрираниот прекар „Али Баба“.
Бугарскиот медиум „З“ наведе дека „скандалот со корупцијата во врвот на власта на Украина се случи во најлош можен момент за ЕУ, додека аферата со Могерини се заканува да ги заостри тензиите меѓу членките на Унијата што се обидуваат да постигнат договор околу употребата на замрзнатите 140 милијарди евра од Русија за помош на Киев“.






