четврток, 11 декември 2025

Зошто Киев изгледа толку чудно смирен?

Објавено на

часот

Сподели

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во моментов води збунувачка битка. Вистинскиот непријател е на исток, каде што Русија има натрупано тенкови, тешка артилерија и војници. Сепак, се чини дека звуците на војната доаѓаат од запад. Таму предупредувањата за рускиот напад на Украина се толку чести и гласни што Зеленски и неговиот тим не знаат од што повеќе да се плашат: од руските војници или од оние што предупредуваат за нив. Од непријателот или од пријателот? Од војната што може да избие или од војната на нерви што одамна почна и веќе предизвикува штета?

Минатонеделните настани даваат живописен пример за оваа загатка. Прво, американската амбасада во Киев побара од членовите на семејствата на дипломатите да ја напуштат земјата и ги „повика“ сите американски граѓани да размислат за заминување. Оваа вест ги збуни граѓаните на Киев. Впрочем, тоа не е Кабул. Секојдневниот живот во Киев тече како и обично, а градот се чини енергичен и мирен како и секогаш.

„Побезбедно отколку во Лос Анџелес“

Предупредувањето можеби е поврзано со фактот дека дипломатската битка меѓу Москва и Вашингтон минатата недела достигна нова точка: Русија доби писмен одговор на својот ултиматум за прекин на проширувањето на НАТО на исток, но писмото од Вашингтон не гарантира дека Украина засекогаш ќе биде исклучена од воената алијанса. Москва бледо се закани дека одбивањето на желбите на Русија ќе значи „воено-технички одговор“.

Во секој случај, тимот на Зеленски огорчено го отфрли повикот Американците да ја напуштат Украина. „Искрено, овие Американци се побезбедни во Киев отколку во Лос Анџелес… или во кој било друг американски град со висока стапка на криминал“, изјави извор близок до Зеленски за американскиот портал Базфид. Самиот Зеленски ја опиша ситуацијата како „сложена дипломатска игра“.

„Нема дури ни знаци дека се подготвува напад“, вели Давид Аракамија, шеф на пратеничката група на партијата на Зеленски, наречена Слуга на народот, и еден од највлијателните луѓе во парламентот. „Сепак, секое утро се будиме и во некој интернационален медиум гледаме нов извештај од Украина со мапи и стрели. Не ви звучи чудно тоа?“

Она што стана очигледно во овие исцрпувачки недели, повеќе од сѐ друго, е длабокиот јаз меѓу Киев и Западот, особено САД, кога станува збор за процената на воената закана. Ако им се верува на Зеленски и неговиот тим, заканата од нова руска инвазија е безнадежно преувеличена. Ризиците „ниту се нови ниту се зголемени“, рече Зеленски минатата недела. Тој дури зборуваше и за „претерување“ во однос на трупањето војници.

Олексеј Данилов е секретар на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана и еден од главните советници на Зеленски за безбедност. Ако на Украина ѝ се заканува неизбежен напад од Русија, тој би требало да го знае тоа. Данилов не е типичен претставник на тимот на Зеленски. Тој не е млад консултант од телевизиската индустрија, вешт со медиумите, во добро скроен костум како некои негови соработници. Тој зборува сурово директно. Пред неколку децении беше градоначалник, а подоцна и шеф на регионалната администрација во Луганск, кој сега е под контрола на сепаратистите лојални на Москва. Тој го привлече вниманието со некои доста необични патриотски предлози, како што е промена на азбуката од кирилица на латиница.

„Ние денес не гледаме дека директно ни се заканува некое големо трупање војници“, отсечно вели Данилов. Тој тврди дека ситуацијата е сосема иста како во последните осум години, од руската анексија на Крим и де факто окупацијата на Донбас. Сѐ е најнормално, навистина? „Во практична смисла, да. Освен што светските медиуми се фатија за таа приказна и почнаа да зборуваат за неа“.

„Намерно дезинформирање“

Данилов тврди дека Русија поставила 52 тактички баталјонски групи во близина на границата на северот, истокот и југот на Украина – така се нарекуваат единиците од околу 800 војници што се составуваат за борбени операции. Признава дека, се разбира, има безброј движења на руски војници. „Но ситуацијата не е толку заканувачка за нас како што се известува“, вели тој. „Мас-медиумите го преувеличуваат ова“, а тоа, како што вели, е во интерес на Русија. Сепак, известувањето не потекнува од Русија или од Украина, вели тој. Тоа почна со еден напис во Вашингтон пост кон крајот на октомври, во кој за првпат беа опишани неодамнешните трупања војници од Русија во близина на Украина. Данилов тогаш го отфрли написот како „намерна дезинформација“.

„Ни сега во декември Зеленски не веруваше во заканата од Русија“, вели Олександр Даниљук, претходникот на Данилов како секретар на Советот за безбедност. „Тој мислеше дека тоа е игра што Западот ја игра за да го зголеми влогот“, рече тој. „Во почетокот и нашата разузнавачка служба тоа го гледаше така.“ Меѓутоа, сега Зеленски верува дека заканата е реална, вели Даниљук.

Друг извор, близок до кабинетот на претседателот, вели дека „Зеленски верува дека ова е сериозна закана, но не сака целосно да ја исклучи можноста дека сето ова е игра. Јас знам дека него го брифираат луѓе што мислат дека воената ситуација е сериозна.“ Сомнежите на Зеленски се сосема разбирливи, вели изворот, како што покажува и драматизирањето на американската амбасада.

Зеленски има многу причини да не им верува не само на Русите, туку и на Американците. Веќе во почетокот на својот претседателски мандат ја запозна најнепријатната страна на естаблишментот во Вашингтон. Во почетокот на американската изборна кампања во 2019 година, тогашниот претседател Доналд Трамп и неговиот адвокат Руди Џулијани залудно се обидоа од раководството во Киев да извлечат какви било компромитирачки изјави против Џо Бајден и демократите.

„Навистина поминавме низ пекол“, вели Ихор Новиков, кој тогаш под водство на Зеленски беше задолжен за односите со САД. Кога Бајден дојде на власт, тие се надеваа дека тој ќе го почитува фактот што тие му одолеаја на притисокот. Наместо тоа, Бајден му стави крај на американското противење на германско-рускиот гасовод Северен тек 2, кој ја намалува вредноста на транзитните гасоводи низ Украина и ја влошува нејзината безбедносна ситуација.

Економски стравови

Најголемата опасност што ја гледаат Данилов и другите во тимот на Зеленски не е воена, туку економска. Стравот од војна и ескалацијата на реториката меѓу Истокот и Западот веќе ја урна вредноста на државните обврзници и негативно влијаеше на довербата на инвеститорите. Тоа го ограничува и она што Зеленски може да го каже во јавноста.

Михаило Подољак, советник во кабинетот на претседателот, зборува за „пропагандните ризици“ што влијаат на економијата, одвојувајќи ги од реалниот воен ризик. „Не би рекол дека воените ризици сега се толку неприфатливо високи што треба постојано да им зборувате на граѓаните за нив“, рече тој.

Украина горе-долу речиси осум години е во состојба на жешка војна. И покрај прекинот на огнот, украинските војници редовно гинат на контакт-линијата, како што се нарекува границата со сепаратистичките области во Донбас. Во текот на тие осум години, многумина отрпнаа на воените закани. Во исто време, една сиромашна земја како Украина е поосетлива на економските аргументи. Најголемата грижа за повеќето Украинци е како земјата ќе ја преживее оваа зима. Резервите на јаглен и гас се мали, а единственото нешто што досега ја спречи кризата се невообичаено благите временски услови за овој период од годината.

„Прашањето е од што повеќе да се плашиме: од руските тенкови или од украинскиот студ?“, вели Новиков, поранешен советник на Зеленски. Се чини дека Зеленски одлучил: тенковите се помалиот проблем.

Според тоа, неговата порака е јасна и тој дејствува по тој принцип: Сѐ е во ред, нема потреба од паника. Тоа не им се допаѓа на сите во земјата. По првото појавување на Зеленски неговиот поранешен министер за внатрешни работи се пожали дека претседателот на Украинците им се обраќа како да се мали деца.

Ширењето добро расположение всушност е еден од адутите на Зеленски – на крајот на краиштата, пред да влезе во политиката тој беше најуспешниот забавувач и ТВ-комичар. Наместо предупредувања, народот од него добива многу топли зборови и повремено по некоја шега. „Не плашете се од интернетот“, рече тој минатата недела, предупредувајќи на дезинформациска кампања. „Интернетот треба да се плаши од нас.“ Но потоа тој ќе ги ужасне своите сонародници кога ќе прозборува за можноста од руска окупација на Харков, како што тоа го стори во интервју за Вашингтон пост.

„Луѓето се исплашени“, вели Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина од 2014 до 2019 година. „Тука во Киев ситуацијата сè уште е добра. Меѓутоа, во Миколаев, Керсон и Одеса, некои веќе ги спакуваа куферите за секој случај. Луѓето очекуваат претседателот да застане пред нив и да каже: Да, има закана, но ние не се плашиме. Јас не се плашам.“

Дали владата во Киев навистина не верува дека постои закана или само ја ублажува опасноста за да се избегне паника? „Тие едноставно не знаат што да прават“, вели Климкин. „Се разбира, можете да купите или да произведете уште оружје, но тие не знаат дали тоа би ја променило ситуацијата. Затоа, претпочитаат парите да ги трошат за изградба на патишта“. Ова е омилената тема на Зеленски – тој неодамна отвори еден голем мост над реката Дњепар. Климкин, исто така, тврди дека тимот на Зеленски е збунет во однос на надворешната политика.

Еден извор близок до кабинетот на претседателот го опишува пристапот на тимот како „инфантилен“. Тој вели дека едноставно има недостиг од експертиза. Повеќето од тимот на Зеленски, како и самиот претседател, доаѓаат од забавната индустрија или се медиумски адвокати или филмски продуценти. „Најважниот критериум на Зеленски за избор е лојалноста“, вели човекот. „Мозокот, искуството и професионализмот се на второ место. Тоа би ја објаснило и чудната смиреност во центарот на владата, која до денес не најде средна вредност помеѓу признавањето и игнорирањето на новата воена закана. На крајот на краиштата, би имало цел спектар на можни пораки. Наместо тоа, тие мислат дека треба да изберат од две варијанти: или ќе кажеме, како Американците, дека постои закана, но потоа нашата економија ќе пропадне. Или ќе им кажеме на Американците: Не, воопшто нема закана“.

Ограничен простор за маневрирање

И така, украинската влада изгледа чудно незаинтересирана – неискусниот новодојденец во политиката што сакаше да донесе мир во Донбас, да ги дигитализира владините агенции и да ги обнови националните автопати, наместо тоа е зафатен од виорот на глобалната политика. Сега, тој и неговиот тим не знаат каде ќе ги однесе тоа.

Во исто време, надворешнополитичкиот простор за маневрирање на Зеленски е сериозно стеснет: Русија јасно стави до знаење дека повеќе не го гледа како сериозен партнер во преговорите. Дури и неговиот министер за надворешни работи е санкциониран од Москва и повеќе не може да комуницира со најважниот сосед на Украина. Шефот на кабинетот на Зеленски оваа недела отпатува во Париз на средба со претставниците на Русија, Германија и Франција за да се обноват разговорите на Нормандиската четворка за ставање крај на конфликтот во Донбас и спроведување на Договорот од Минск. Но во очите на Москва, секој напредок бара отстапки од украинската страна – отстапки за кои владата во Киев нема да добие поддршка од парламентот или од гласачите, дури ни со распоредените руски војници на границата со Украина.

Од друга страна, на Зеленски му е јасно, уште и пред најновава ескалација, дека суштински патот на Украина кон НАТО е долгорочно блокиран, иако тој упорно јавно прашува кога Украина конечно ќе биде примена. Излезе дека ваквото гласно покренување на темата не било мудро бидејќи Москва го смета за провокација.

„Тоа беше обид да се укаже на лицемерието на Западот“, изјави извор близок до претседателскиот кабинет. Ако тоа било намерата на Зеленски, тогаш тоа е речиси наивна стратегија. НАТО во 2008 година ѝ вети членство на Украина, но одби да постави временска рамка за пристапувањето.

„Можеби НАТО избра погрешна стратегија во почетокот на 2000-тите кога Русија бараше поблизок партнер“, резигнирано вели Подољак. „Сега Русија се обидува да ја надомести таа грешка со агресивно дејствување во регионот и зајакнување на својата улога како противтежа на НАТО. А ние во Украина сме оние на чија територија сите страни сакаат да ги остварат своите амбиции“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ