Воени цели: Русија сакаше брзо да ја „обезглави“ Украина и да постави марионетски режим. Обидот не успеа. Наместо тоа, руската војска сега води војна низ целата земја. На времето во Југославија воената цел се менуваше за неколку дена и недели – прво војската се обиде со сила да ја зачува федералната држава. Кога тоа не успеа, почна војна за териториите на федерацијата што исчезнуваше – прво во Хрватска, а наскоро и во Босна и Херцеговина. На крај, во 1998-99 година, една „ослободителна војска“ се бореше за независност на Косово. Целите се менуваа, војната остануваше.
Поука: Ако целта не е постигната, нема да има мир.
Општи услови: ниту една велесила, па дури ни Русија, не беше заинтересирана за воениот распад на Југославија. Напротив, силите меѓусебно ги координираа своите мировни напори, долго време безуспешно. Во Советот за безбедност на ОН остро се расправаше за деталите, но на крај беше прифатена заедничка резолуција.
Денеска ОН се парализирани од руското вето. Кина, новата светска сила, не се придружува во осудата на руската агресија. Москва има атомско оружје и се заканува со него. За разлика од ситуацијата пред 30 години, сега е во опасност светскиот мир.
Поука: Површните паралели, како онаа меѓу Путин и Слободан Милошевиќ, на кого требаше некој навреме воено да му се спротивстави, само доведуваат до заблуда.
Стратегии: Во Босна прво српската, а подоцна и хрватската страна, се обидоа да создадат „етнички чисти“ области. Спротивно на тоа, руската армија има цел да ја покори цела земја и да окупира барем големи делови од неа. Се работи за државата, не за народот. „Етничко чистење“ не се планира. Во Украина, која е 12 пати поголема од Босна и Херцеговина, тоа не би ни можело да се спроведе.
Поука: Прифатете ги бегалците! Никој не мора да се плаши дека тие ќе останат засекогаш.
Опсада: Босанската престолнина Сараево беше под опсада од април 1992 до септември 1995 година. Целта, меѓутоа, не беше да се окупира и протера населението, како во некои помали босански градови. Тој град служеше како заложник или како залог за некоја подоцнежна размена на територии. За таа цел, Сараево не мораше да биде изгладнувано или целосно да биде отсечено од снабдувањето со вода и струја; по два месеци целосна изолација, градот со воздушен мост беше импровизирано и нередовно снабдуван со најпотребните работи.
Под опсада се и неколку украински градови, од кои повеќето се многу поголеми од Сараево – како што е Мариупол, кој има исто население како Сараево, но по големина е само десетти град во Украина. За разлика од Сараево, украинските градови треба да се освојат. Тоа може да значи дека ситуацијата таму ќе биде уште полоша отколку во Сараево – за да се принудат да се предадат.
Поука: Поважни од сѐ друго се коридорите за снабдување.
Евакуации: Ако ситуацијата стане неподнослива, ќе недостигаат лекови – како што е веќе случај во Мариупол и Харков. Кога нема струја и вода, има недостиг од храна и сѐ погласни стануваат барањата да им се овозможи на луѓето безбедно да го напуштат градот.
Хуманитарните организации можат да помогнат, но „при евакуацијата никогаш не ви е особено пријатно, бидејќи со тоа де факто тактички се вклучувате во војната“, рече Хансјерг Штромаер, директор за стратегија при агенцијата на ОН за координација на хуманитарните акции.
Откако цивилите ќе напуштат некој град, војската што напаѓа лесно може да го заземе. „Тука имаме јасна позиција“, вели Штромаер, „евакуираме само ако тоа го сакаат двете страни и засегнатите луѓе. И тогаш им помагаме.“
Не треба да чуди што објавената евакуација на Мариупол на црноморскиот брег толку долго не се оствари. Според украинските тврдења, градот требало да го напуштат 200.000 од околу 440.000 жители.
„Тоа е огромен број“, вели Штромаер, „логистички исклучително комплицирано“. Ако сакате да ги евакуирате сите наеднаш, „најверојатно ќе ви треба долг, можеби двонеделен прекин на огнот“. Така, ќе се обидете да го направите тоа во повеќе наврати. „Сè мора да се договори до најситниот детаљ. Колку долго може конвој од Мариупол да биде на пат? И каде ќе одат овие луѓе? Потребно е време – и потребна е доверба“.
Поука: И покрај екстремно големиот број бегалци, повеќето луѓе ќе останат.
Заштита на цивилите: По неколкумесечна војна, ОН стационираа Сини шлемови, прво во Хрватска, а потоа и во БиХ. Тие помогнаа во одржувањето на инфраструктурата, ги направија патиштата проодни, ги следеа борбите и можеа да предупредат на опасност. Но тие не можеа да го заштитат цивилното население од гранатирање и протерување.
Тешко е да се замислат Сини шлемови во Украина. Штромаер тоа не го смета за недостаток – од хуманитарен аспект. Без мировни единици, кои лесно стануваат предмет на тактичка манипулација од завојуваните страни, хуманитарните организации можат поуверливо да дејствуваат неутрално.
„Основата на хуманитарната работа е тоа што се разменуваат многу детални информации со армиите што учествуваат во војната. Кога се најавува конвој, тогаш има прецизен временски период, кој понекогаш можеби ќе треба да се помести, но кој потоа се почитува“, вели Штромаер.
Работата ја олеснува фактот што во конфликтот во Украина се вклучени две професионални армии, нема доброволни банди, како што често се случува во Африка или Сирија.
Поука: Моралниот притисок е поважен од воениот притисок врз Русија.
Политиката и светската јавност: Во Босна и Херцеговина, Советот за безбедност на ОН воспостави зона на забранети летови, како што сега бара украинската влада. Причината не беше тоа што воздушните напади играа некоја голема улога во војната – се работи за тоа дека воспоставувањето зона на забранети летови традиционално се смета за почеток на воена интервенција. Не само што се забранети летови, туку и пукањето од земја во леталата во тој воздушен простор – што за возврат значи бомбардирање од воздух на позиции на земјата.
Но поефикасни од реалните интервенции во југословенските војни од 1990-тите беа дебатите за нив. Секоја закана со воена интервенција против напаѓачот беше поттик за страната што се бранеше да ја ескалира војната и да ја направи таквата интервенција поверојатна.
Поука: Оној што сака да спречи светска катастрофа мора да има храброст и да ја разочара нападнатата страна.






