„Двајца професори стоеја во фоајето и им рекоа на учениците да излезат надвор. Тие не беа груби, туку само гласно ги предупредуваа оние што се двоумеа дали да учествуваат да ги следат наредбите и да формираат ред“, рекла ученичката за Москва тајмс.
Откако излегле, на учениците им било наредено да застанат во формација Z – новоприфатениот симбол на поддршка за војната на Русија во Украина – и биле фотографирани.
„Јас одбив да излезам надвор и само стоев оддалеку гледајќи го овој срам“, рекла ученичката, која побарала да остане анонимна.
Буквата Z првпат се појави насликана на руските тенкови и воени возила во близина на Украина пред инвазијата на Москва на 24 февруари и се верува дека им помага на војниците да идентификуваат различни воени контингенти.
Оттогаш стана симбол на поддршка за руските вооружени сили во нивната „специјална воена операција“ во Украина, при што руските пратеници и државната телевизија силно ја промовираат.
Иако прво беше прифатена од страна на повоинствените фракции на општеството, сега руските власти работат на охрабрување на цивилите да го усвојат симболот и јавно да ги поддржат воените напади.
Но она што почна како повици до вработените во државните институции и културните центри да го носат симболот, брзо се прошири и сега ги опфаќа и учениците, младите активисти и децата во градинките – кои често имаат мал или никаков избор, вели Москва тајмс.
In kindergartens across Russia there are ralleys in support of the war. Children are photographed carrying posters with the letter Z (a symbol of support for the Russian army) and slogans like “We do not abandon our own”. pic.twitter.com/y5WVrFMq1d
— The Insider (@InsiderEng) March 17, 2022
Фотографиите на млади луѓе низ целата земја што го истакнуваат симболот ги преплавија социјалните мрежи. Основци се фотографирани како лежат на душек во училиште во формација Z, а деца од предучилишна возраст – како го сликаат воениот симбол на својата земја во боите на руската тробојка.
Во еден особено контроверзен пример, фатално болни пациенти во детска болница беа фотографирани како стојат во форма на Z на снегот.

Во републиката Саха во далечниот североисточен Сибир, младите се охрабруваат да го истакнат Z како дел од прославите за годишнината од руската анексија на Крим на 18 март.
„Учениците, студентите и активистите треба да ја формираат буквата Z додека го држат руското знаме“ како дел од овие прослави, им се порачува на жителите во писмо од регионалните администратори во Саха, кое кружеше на социјалните мрежи, охрабрувајќи ги луѓето да ги објавуваат овие фотографии на интернет.
Ха! pic.twitter.com/R1etvXERBp
— Фон Барон ? #нетвойне (@nonamarelamorte) March 14, 2022
Во училиште во Краснојарск, наставниците што го организирале фотографирањето вршеле притисок врз учениците да учествуваат.
„На еден мој соученик му викаа затоа што одби да учествува. Го укоруваа и рекоа дека ќе го кажат на родителите“, вели една ученичка.
Покрај тоа што биле под притисок да ја покаже својата поддршка за она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“, ученичката од Краснојарск рече дека на нејзиниот клас му биле дадени внимателно оформени лекции што ја одразуваат перспективата на Кремљ.
„Пред да нѐ испратат надвор, ни одржаа ‘лекција за храброст’, а по тоа ѓубре, лекција за ‘хибридна војна’“, рече ученичката.
Противниците на војната го критикуваат симболот Z како пропаганден напор насочен кон редефинирање на идентитетот на Русија и олеснување на оправдувањето на нејзината инвазија врз поранешна советска држава. Уште поострите критики го нарекуваат „нова свастика“.
„На режимот му недостигаше симболичен идентитет; на крајот на краиштата, руската тробојка е симбол на демократска Русија“, рекол Андреј Колесников, виш соработник во московскиот Карнеги-центар, за Москва тајмс.
„За среќа на владините ПР-луѓе, се појави ова Z, па сега дури и оние што не можат вербално да опишат зошто се за уништување и смрт на поранешните советски градови и поранешните советски луѓе, можат невербално да ја дефинираат својата позиција“, додаде тој.
Сепак, младите и понатаму се едни од најжестоките и најгласни критичари на војната, вели Москва тајмс.
Според една анонимна анкета направена минатата недела, 39% од младите на возраст од 18 до 24 години рекле дека се против војната, бројка за која аналитичарите велат дека е веројатно многу поголема со оглед на ризиците поврзани со зборувањето против војната.
„Познавам само еден човек во моето училиште што е за војната. Кога сите се вратија внатре, зборуваа дека тоа е комплетна глупост“, рече ученичката од Краснојарск.
Во Русија од почетокот на инвазијата практично сите независни медиуми и неколку западни платформи за социјални медиуми се затворени или блокирани, оставајќи им на Русите уште малку места за да побараат информации што не се филтрирани низ објективот на владата.
И покрај репресијата и цензурата, антивоените чувства продолжуваат да опстојуваат, вели Москва тајмс.
„Знам дека не сите наставници го поддржуваат ова“, вели ученичката од Краснојарск. „Еден наставник подоцна ни пиша да ги игнорираме тие ср*ња. За среќа, имаме барем еден нормален учител“.






