Засега ваквото неврзување е очекувано, изјави за Гласот на Америка Борис Варга, новинар, политиколог и автор на книгата „Европа по Мајдан“ за украинската револуција, анексијата на Крим и конфликтот во Донбас.
„Изборите се ближат и тоа е клучниот збор за позицијата на Србија во оваа криза околу Украина, а би рекол и општоевропска криза. Србија го игнорира тоа прашање и има причини, затоа што им е подеднакво должна и на Западот и на Русија, подеднакво ги користи привилегиите и на Русија и на Западот, а тоа е особено важно и тоа е една од главните теми на оваа криза, снабдувањето со енергија. И тоа е една од главните причини зошто владата и претседателот се преправаат дека оваа криза не постои“.
Во досегашниот конфликт меѓу Русија и Украина, Србија не го призна Крим како руски, но не се ни приклучи кон санкциите на ЕУ против Москва, ниту гласаше за усвојување на резолуциите на ОН за осуда на анексијата на Крим.
Сепак, можеби оваа криза може да биде пресвртна точка.
„Би рекол дека кризата околу Украина е крај на српската надворешна политика на седење на две столчиња, и Брисел и Москва… Иако Западот имаше разбирање во тоа лавирање, во тие политички деликатни моменти Белград да не ѝ воведува санкции на Русија, сега ситуацијата е драматична, пред судир, во одреден момент, доколку дојде до конфликт или дојде до дипломатско заострување, Србија ќе мора да избере. Се плашам дека Белград не е во позиција да избира, ние сме во зоната на интерес на ЕУ, опкружени сме со земји од ЕУ и НАТО, така што Белград всушност избира меѓу Западот и некаква изолација.“
Варга забележува дека сегашната борба меѓу Западот и Русија не е само за Украина, туку и за сферите на влијание – а Балканот е една од нив. Во таа смисла, притисокот врз Србија да одлучи може да биде уште поголем доколку САД продолжат да инсистираат на трансатлантско единство со европските сојузници.
„Ситуацијата е целосно зрела за Западот да се хомогенизира и да ѝ одговори на Русија на хибридната војна и меката сила не само во Украина, каде што трае физичка војна што не ни престана. Балканот е зона на интерес на Русија, која е во улога на дестабилизација“.
„Србија не може да каже дека е неутрална, да речеме воено. Да, таа е заедно со НАТО во Партнерството за мир, но е и набљудувач кај рускиот ОДКБ (Организација на Договорот за колективна безбедност) во нивното собрание. ОДКБ веќе стана активна во почетокот оваа година во Казахстан. Србија, доколку сака да биде неутрална, ќе мора да биде навистина неутрална“, вели Варга, кој добро ја познава ситуацијата во Украина, вели Гласот на Америка.






