четврток, 11 декември 2025

Убиството на лидерот на ИСИС за Бајден е драгоцена демонстрација на сила

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на ИСИС Ибрахим ал Курајши активирал експлозив додека приоѓале американските специјалци. Операцијата против џихадистичкиот лидер се случила по повеќемесечно планирање, а Бајден дал зелено светло претходно минатата недела.

Покрај тоа што е зададен значителен удар на Исламска држава, акцијата е спроведена во добар момент за Бајден, кој води напната стратегиска битка со Русија околу Украина. Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на Доналд Трамп, кажа дека успешноста на оваа операција може да му покаже сила на рускиот претседател Владимир Путин.

„Не може да штети во смисла дека станува збор за јасна победа“, кажа тој. „Доста луѓе треба тоа да го регистрираат“, кажа Болтон за Ројтерс.

Американската репутација претрпе жесток удар поради хаотичното повлекување од Авганистан минатиот август по 20 години војна. Иако и неговиот претходник, Трамп, се залагаше за повлекување и направи договор со талибанците, популарноста на Бајден драстично падна по повлекувањето.

Дејвид Герген, поранешен соработник на демократските и републиканските претседатели, кажа дека авганистанскиот хаос и понатаму фрла сенка на надворешнополитичкиот ефект на Бајден и покрај успехот против Исламска држава.

„Мислам дека проблемите со кои се соочува на меѓународната сцена нему му нанесуваат повеќе штета отколку што изгледа. Ќе биде тешко да го смени мислењето на јавноста“, кажа Герген.

Болтон, еден од водечките надворешнополитички јастреби во администрацијата на Џорџ В. Буш, кажа дека акцијата против Курајши на северозападот на Сирија „била правилен потег“. Меѓутоа, наследството од Авганистан и понатаму виси над Бајден и покрај тоа, смета тој.

„Мислам дека ова не може да ја поправи штетата која е нанесена на неговиот кредибилитет и кредибилитетот на Америка со повлекувањето од Авганистан“.

Уште еден сериозен тест за Бајден е кризата со Русија околу Украина. САД и други западни земји тврдат дека Русија има околу 100.000 војници долж границата со Украина и дека тоа може да биде вовед во инвазија.

„Мислам дека главното прашање е како ќе го реши ова со Русите“, вели Герген. „Тој е на тест на сила, но и на компетентност“.

Дома Бајден е соочен со повеќемесечен пад на популарноста, што ја одразува фрустрираноста на Американците поради пандемијата на ковид-19 и инфлацијата. Тоа ги загрижува демократите пред изборите на средината на мандатот кои се одржуваат во ноември.

Иако до тие избори има уште доста време, а надворешната политика не е главниот приоритет за гласачите, демонстрацијата на командата во операцијата против Курајши и спротивставувањето на Путин би можело да му помогне на Бајден да се позиционира кај американските гласачи, вели Дејвид Акселрод, поранешниот советник на претседателот Барак Обама.

„Еден од неговите проблеми во овој момент е да дејствува како светот да е надвор од контрола – секојдневните настани во животот на луѓето. Тие сакаат Бајден да ја преземе командата, и секоја прилика за тоа е драгоцена“, вели Акселрод. „Овие нешта се драгоцени од политички аспект. Демонстрацијата на сила е драгоцена“.

Герген тврди дека демократскиот претседател прави напори за да демонстрира сила. „Мислам дека Бајден дека јавноста да го доживее како поцврст“, вели тој.

Бајден го победи Трамп во 2020 година тврдејќи дека на таа позиција ќе донесе компетентност, а во текот на првите неколку месеци на функцијата популарноста му беше близу 60 отсто. Таа бројка падна, а според истражувањето на Ројтерс/Ипсос од минатата недела околу 41 отсто возрасни Американци го одобруваат неговиот ефект додека 56 отсто сметаат дека не ја работи добро својата работа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ