Според податоците кои ги собрал и обработил владиниот Координациски одбор за мало оружје и лесно вооружување, во 2021 година во БиХ биле законски регистрирани 320 илјади парчиња различно оружје.
Од тоа нешто повеќе од 195 илјади парчиња во посед на лица кои живеат во Федерацијата БиХ, во Република Српска има нешто повеќе од 125 илјади парчиња, додека преостанатите 3.700 парчиња оружје се од областа на дистриктот Брчко, пренесува Независне новине.
Колку покрај тоа оружје во БиХ останало скриено по војната и никогаш не им било пријавено на властите само се нагаѓа, а државните полициски агенции во таа земја успеале во текот на 2021 да запленат само 63 парчиња такво оружје. Проценката е дека, заедно со акциите кои ги спровеле ентитетските и општинските полиции во Федерацијата БиХ, вкупната бројка на запленето оружје во минатата година не била поголема од 1.400.
Се знае сепак дека во различни оружени пресметки во БиХ во 2021 се убиени 28 лица, а со огнено оружје самоубиство извршиле девет лица.
Организацијата Смол армс сурвеј, со седиште во Женева, собира податоци за поседувањето различно оружје во речиси сите земји и проценките за поседување нелегално оружје.
Според податоците на таа организација достапните на интернет кои се однесуваат на 2018 година, БиХ спаѓа во државите чие население е меѓу најдобро вооруженото бидејќи се проценува дека таму, покрај регистрираното оружје, цивилите поседуваат дополнителни 820 илјади парчиња непријавено оружје.
Од тоа произлегува дека граѓаните на БиХ имаат на располагање милион и 185 илјади парчиња различно оружје, односно повеќе од 30 на 100 жители.
Полициските агенции во земјата располагаат со помалку од 30 илјади парчиња оружје.
БиХ покрај сето тоа има проблем поради комплексната внатрешна организација бидејќи поседувањето оружје го регулираат дури 12 закони на различни нивоа кои се несинхронизирани, а со години траат напорите тие да се усогласат со правната пракса на Европската Унија.






