Претседателот Доналд Трамп им најави на Американците брз крај на војната со Иран. САД се на пат „многу скоро“ да ги постигнат сите воени цели, рече Трамп во обраќањето до нацијата.
Но до тогаш, рече, ќе има жестоки напади: „Ќе ги погодиме исклучително силно во следните две до три недели. Ќе ги вратиме во камената доба, каде што им е местото“, пишува Дојче веле.
„Бомба каква што никој досега не видел“
Американскиот претседател уште еднаш се обиде да ја убеди публиката дека имало „повеќе од доволно“ причини за напад врз Иран. Иранците, според неговите зборови, „брзале да направат атомска бомба, нуклеарно оружје какво што никој досега не видел“, рече Трамп. Тоа, тврди, речиси им успеало. „Со години сите зборуваа дека Иран не смее да има нуклеарно оружје, но на крајот тоа се само зборови ако не сте подготвени да дејствувате кога е потребно“, порача Трамп.
И не само тоа, додаде – и во конвенционалното вооружување Иран станал исклучително опасен: „Покрај тоа, брзо изградија огромни резерви на конвенционални балистички ракети и наскоро би располагале со ракети што би можеле да го погодат копното на Соединетите Американски Држави, Европа и практично секое место на Земјата.“
Двете процени – дека Иран бил на чекор до атомска бомба и дека можел да произведе ракети способни да ги погодат САД – во моментов американските разузнавачки служби не ги споделуваат.
Но, како што рече Трамп, разговорите во меѓувреме продолжуваат. Ако не дојде до договор со Техеран, САД силно ќе ги нападнат иранските електрани. Со тоа ја потврди заканата што веќе ја изнесе, особено во врска со нападите врз постројките за десалинизација на морска вода.
Одговорот од Техеран не се чекаше долго. Иранските вооружени сили повторно, реагирајќи на говорот на Трамп, им се заканија на САД и Израел со „уште поразорни, пошироки и подеструктивни“ напади. Портпаролот на војската изјави, според соопштението што го пренесоа иранските медиуми, дека војната ќе трае сè додека непријателите на Исламската Република „не покажат трајно каење и не капитулираат“.
„Купувајте нафта од САД“
Кулминацијата беше моментот кога Трамп ги повика земјите погодени од недостигот на нафта да набавуваат енергенси од САД. „Купувајте нафта од Соединетите Американски Држави. Ја имаме во изобилство. Имаме многу“, рече Трамп, мислејќи на земјите погодени од блокираниот транспорт на нафта и гас низ Ормускиот теснец.
Трамп повторно не пропушти да ги укори сојузниците од НАТО што не им помагаат на САД во обезбедувањето на Ормускиот теснец. Последниве денови дури изјави дека размислува и за излегување од НАТО поради тоа. Ги нарече земјите членки на алијансата „кукавици“ и се закани дека „ќе им го запомни тоа“. Сепак, во ова обраќање, кое го следеа милиони Американци, не го спомена НАТО ниту еднаш.
Во овој говор Трамп покажа дека е убеден дека САД не се одговорни за блокадата на Ормускиот теснец. Главната одговорност за безбедноста во теснецот, сепак, ја гледа кај земјите зависни од транспортот на нафта. Сега додаде дека САД ќе помогнат во обезбедувањето на теснецот, но не објасни како.
Сè поголема нервоза поради цените на горивото
Но американскиот претседател има проблеми и дома – пред сè поради поскапувањето на горивото. Трамп во својот говор се обиде да ги смири граѓаните на САД, најавувајќи дека акцијата против Иран „се приведува кон крај“. Сепак, растечките цени на светските пазари ги погодуваат сите.
Бензинот во САД во средата чинеше нешто повеќе од четири долари по галон (3,785 литри). Пред еден месец цената, според податоците на американскиот авто-мото сојуз ААА, беше нешто под три долари. Зголемените цени вршат притисок врз Трамп и неговите републиканци, особено со оглед на важните меѓуизбори за американскиот Конгрес што ќе се одржат во ноември.
Во секој случај, изгледаше како овој говор да е обид на Белата куќа да ја убеди американската јавност во оправданоста на војната со Иран. Новото истражување на Си-ен-ен покажува дека конфликтот го поддржува само третина од испитаниците. Исто така, само третина смета дека претседателот воопшто има план за војната.
Трамповиот говор така ја уби надежта за брз крај на војната и закрепнување на пазарите. Цените на нафтата по неговото обраќање повторно пораснаа.
„Ако Трамп се обидуваше да ја зајакне довербата на пазарите, во тоа не успеа“, оцени Расел Чеслер од советничката компанија ВанЕк Австралија за Ројтерс. „Клучното прашање за сите инвеститори гласи: ‘Кога конечно ќе заврши ова?’“






