четврток, 11 декември 2025

„Светата војна“ на Кремљ против Украина

Објавено на

часот

Сподели

Патријархот Кирил ги предводи молитвите за руските војници, кои се борат за, како што рече, „вистинската независност на Русија“ и ја повторува приказната на Кремљ дека Москва се бори да се одбрани од грешните надворешни непријатели, а свештениците што се спротивставувале биле казнети. Таквото однесување покажува не само како црквата и државата се испреплетени со Путиновата Русија, туку е важно и за разбирање на инвазијата на Москва на Украина – и нејзината визија за тоа колку е крупен влогот, пишува Фајненшл тајмс.

Иако формално не е дел од него, Руската православна црква стана де факто столб на автократскиот режим на Путин. Откако со децении беше потиснувана во комунизмот, црквата создаде чудна врска со потомците на советските разузнавачки служби, кои некогаш беа нејзини прогонувачи. За возврат, таа беше добро наградена, со привилегии за највисоката хиерархија и изградба на илјадници нови цркви.

Таа поврзаност оди подалеку од обична поддршка за акциите и наративот на Кремљ. Улогата на московската црква како бранител на „традиционалните“ вредности од декадентниот Запад е клучна карактеристика на Путиновиот бренд на рускиот национализам. Меѓу нејзините богати поддржувачи има неколку „православни олигарси“ и потомци на „белите“ Руси што побегнаа во странство по револуцијата во 1917 година.

Црковното раководство премолчано го прифати Путиновото создавање на идеологија што го комбинира почитувањето на руското царско, православно минато со почитување на советската победа над фашизмот во Втората светска војна. Тоа е отелотворено во главниот храм на руските вооружени сили, отворен во 2020 година.

Ова размислување ја претставува „специјалната воена операција“ во Украина како света, бидејќи таа тргна да го врати Киев, родното место на православието кога Киевска Русија го прифати христијанството во 10 век. Украинската православна црква беше под руски надзор до 2019 година, кога се отцепи новата, независна, православна црква на Украина. Таа беше признаена од поглаварот на Источната православна црква, вселенскиот патријарх од Константинопол Вартоломеј. Војната има цел да го залечи овој раскол – кој Русија го гледа како потег предводен од САД, чија цел е да го поткопа православието и визијата на Путин да ги обедини луѓето што зборуваат руски надвор од рускиот свет.

Но, како што Путиновата воена мечкина прегратка за Украинците ќе ги подели двете нации со генерации, војната дополнително ги раздвојува православните цркви предводени од Москва и Киев. Повеќето парохии во Украина одлучија да му останат подредени на патријархот Кирил и по 2019 година – околу 12.000, или околу една третина од сите парохии под контрола на Москва. Сега, многу свештенички поддржувачи на Москва во Украина го изоставуваат патријархот Кирил од своите молитви. Стотици украински свештеници, кои сè уште формално се членови на Московската црква, побараа на патријархот да му се суди од редок црковен суд за благословот за војната.

Лордот Роуан Вилијамс, поранешен надбискуп на Кентербери, кој ја посети Украина минатата недела со други верски водачи, рече дека има силни аргументи за протерување на руската црква од Светскиот совет на црквите, освен ако патријархот Кирил не ги осуди убиствата на припадници на „своето стадо“.

Иако може да има морални аргументи за таквиот потег, тешко дека ќе ги промени калкулациите на Кремљ. Всушност, тоа може само да го поттикне опсадниот менталитет на Москва – и наративот за водење праведна верска војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ