Додека Владимир Путин му се обраќаше на својот народ во едночасовниот говор објавувајќи дека Русија ги признава сецесионистичките народни републики Доњецк и Луганск во источна Украина, во еден ирски паб во пограничниот град Ростов на Дон интересот беше мал.
„Навистина, навистина се надевам дека нема да има војна“, рече 31-годишниот шанкер Роман Сазонов.
„Се обидувам да бидам аполитичен колку што можам, но војната би била целосна катастрофа“, додавајќи дека и самиот е полуукраинец.
Во заднината, неколку муштерии на своите смартфони го гледаа обраќањето, во кое Путин го осуди болшевичкиот лидер Владимир Ленин дека ја создал украинската државност.
Други споделуваа мемиња и видеа што се подбиваат на вестите, а едно од нив најавуваше 50% намалување на вредноста на руската рубља.
Тоа беа реакции во согласност со јавните анкети во Русија, кои покажуваат слаб апетит за нова војна со Украина, во остар контраст со анексијата на Крим во 2014 година, која беше дочекана со масовна радост од населението.
Во Ростов на Дон, кој се наоѓа на 95 километри од отцепениот регион Донбас, веста дека Русија ќе испрати војници преку границата погодува посилно отколку на другите места во Русија.
Многу локални жители имаат пријатели и роднини во сепаратистичките упоришта Доњецк и Луганск, или уште подалеку во деловите на Украина што се под контрола на владата.
Пред речиси точно осум години, Ростов го засолни соборениот проруски украински претседател Виктор Јанукович, откако револуцијата на Евромајдан во Киев ја покрена сегашната конфронтација меѓу Украина и Русија.
Оттогаш, Ростов има вдомено десетици илјади жители на Донбас што бараат работа и безбедност преку границата во Русија.
Во текот на неколкуте дена во и околу градот, екипата на Москва тајмс забележала големи количества воени машини и многуброен персонал што се движи во правец на Украина.
Блиските врски меѓу заедниците од обете страни на границата им даваат на многу локални жители цврсто чувство на лојалност кога станува збор за статусот на Донбас.
Еден час по завршувањето на говорот на Путин, таксистот Сергеј (38) ја немал слушнато веста, но одобрувачки ја поздрави кога беше информиран за одлуката на претседателот.
„Путин го призна Донбас? Одлично“, рече тој.
„Се разбира, во секоја нација има добри и лоши луѓе, но Украинците се морални проститутки“, додаде тој.
И покрај таквите чувства, на улиците на Ростов не беше видлив некој голем воинствен џагор.
Доцна во понеделникот попладне, додека Путин одржуваше ТВ-состанок со својот Совет за безбедност, на кој беа прикажани највисоките функционери како се редат за да ја дадат својата поддршка за признавањето на републиките во Донбас, кејот покрај реката во Ростов беше слика што оддава нормалност.
Преку реката Дон од огромниот нов фудбалски стадион во градот, изграден да биде домаќин на натпревари за Светското фудбалско првенство во 2018 година, локалното население уживаше во зимското сонце додека семејствата шетаа со децата, а старците ловеа риби.
Единственото навестување за историските настани што се одвиваат стотици милји подалеку, во Москва, беа две тинејџерки што седеа на клупа и си ја пуштаа однапред снимената средба на своите смартфони.
„Когнитивна дисонанца“
Дури и кај некои домородни жители на Донбас, од кои повеќето го поддржуваат признавањето и на крај и анексијата од Русија, реакцијата на веста беше претпазлива.
Иако државната новинска агенција РИА Новости објави видеа на кои наводно се прикажуваат прослави и огномет во Доњецк како реакција на веста, другите локални жители се чувствуваа како проблемите во регионот да не се завршени.
Александар Карпак (28), роден во индустрискиот град Алчевск во Луганската народна република, кој сега живее во рускиот град Воронеж, во телефонско интервју за Москва тајмс рече дека одлуката да се признае Донбас довела до, како што ја нарече, „когнитивна дисонанца“.
Иако Карпак го поддржува признавањето на народните републики, тој рече дека откако дошол во Русија, станал критичар на Путин и поддржувач на затворениот опозиционер Алексеј Навални. Објавата од понеделникот го ставила во досега непозната позиција да ги одобрува постапките на претседателот.
И покрај тоа, Карпак, чие семејство останува во Алчевск, рече дека е загрижен поради војната и дека не знае што ќе се случува со неговиот роден град.
„Се надеваме дека ќе биде помирно, но зошто тогаш би ја регрутирале целата машка популација?“, се прашуваше тој, мислејќи на властите во Луганск, кои регрутираат мажи во војската.
„На крајот на денот, сите ние сме само набљудувачи, гледајќи со отворени усти во она што се случува“, додаде тој.






