Свиркачот ги проследил податоците на германскиот весник Зидојче цајтунг кој ги споделил со непрофитната новинарска група Проект за известување за организираниот криминал и корупцијата (ОЦЦРП) и со уште 46 медиумски организации низ светот, вклучувајќи ги британски Гардијан и Њујорк тајмс.
Податоците се однесуваат на сметките кои се отворени од 1940-тите до 2010-те, но не и сегашните дејности на банката.
Протекувањето на податоците покажува дека Кредит Суис отворала сметки и продолжувала да пружа услуги не само на ултрабогатите личности туку и на оние со очигледна проблематична историја која можела да се провери со обично интернет пребарување. Меѓу најголемите откритија е фактот дека банката продолжувала да работи со клиентите и откако банкарските службеници утврдиле дека постојат сомнителни активности во врска со нивните финансии.
Гардијан пишува дека податоците покажуваат дека меѓу клиентите на банката меѓу другите биле шефот на берза од Хонг Конг кој е осуден за корупција, милијардерот кој го наредил убиството на неговата девојка либанска поп-ѕвезда, како и директорите кои ја краделе венецуелската државна нафтена компанија.
Крал, синови на автократи, трговец со бело робје
Меѓу лицата кои се наведуваат дека поседуваат сметки вредни милиони долари во Кредит Суис се кралот Абдула Втори од Јордан и двајцата синови на поранешниот египетски диктатор Хосни Мубарак.
Уште едно лице поврзано со Мубарак кое примало услуги од Кредит Суис е неговиот поранешен шпион Омар Сулејман. Тој и негови соработници се наведени во податоците како сопственици на сметки со над 26 милиони фунти во 2007 година. Сулејман имаше страшна репутација во Египет, каде надгледувал мачења и кршење на човековите права.
Меѓу другите клиенти се синовите на шефот на пакистанската разузнавачка служба кој помогнал милијарди долари од Соединетите Американски Држави и други западни земји да им се проследат на муџахедините за борбата против СССР во 1980-тите години.
Од една од сметките, наведена во податоците, во сопственост на Ватикан се префрлени 350 милиони евра за инвестицијата во недвижноста во Лондон која е во центарот на актуелната кривична истрага во која се обвинети повеќе лица, вклучувајќи еден кардинал.
Еден од клиентите Стефан Седерхолм, шведски компјутерски техничар кој во 2008 отворил сметка во Кредит Суис, добивал услуги од банката две и пол години откако бил осуден на доживотна затворска казна поради трговија со луѓе на Филипините.
Податоците откриваат дека клиенти на банката биле и политичари кои се поврзувани со корупција, пред или за време на поседувањето банкарска сметка. Еден од најозлогласените случаи во историјата на Кредит Суис го вклучува корумпираниот филипински диктатор Фердинанд Маркос и неговата жена Имелда. Се проценува дека таа двојка за време на неговите три претседателски мандати, кои завршија во 1986 година, од земјата извлекла 10 милијарди долари.
Иако Маркос е меѓу најозлогласените клиенти на банката, нему може да му парираат роднините на бруталниот нигериски диктатор Сани Абача за кого се верува дека украл пет милијарди долари за шест години. Од неодамна е познато дека Кредит Суис им давала услуги на синовите на Абача, овозможувајќи им да отворат сметки со 214 милиони долари.
Податоците покажуваат и дека швајцарската банка му пружала услуги на Павло Лазаренко, кој по една корупциска афера на должноста премиер на Украина во 1998 се пријавил за сметка во банката Кредит Суис. Еден месец откако под притисок на опозицијата поднесе оставка, ја отворил првата од двете сметки во швајцарската банка. На една од нив подоцна биле префрлени над осум милиони швајцарски франци.
Банките се обврзани политичарите да ги подложат на проверка
Политичарите и државните функционери се меѓу најризичните клиенти на банките поради нивниот пристап до државните фондови, особено во земјите во развој со слаби законски безбедносни механизми против корупцијата.
Банките и другите институции поради тоа се обврзани политички експонираните лица да ги подложат на најстроги проверки.
Повеќе од 90 држави, од кои повеќето во светот се во развој, остануваат во мрак околу тоа кога нивните богати затајувачи на данок ги кријат парите на швајцарски сметки.
Токму тоа бил еден од мотивите на свиркачот кој ги проследил информациите наведувајќи дека со таквиот банкарски систем „се наметнува неврамнотежен финансиски и инфраструктурен товар на државите во развој, придонесува на нивното исклучување од системот во догледна иднина“. „Ваквата ситуација ја овозможува корупцијата и ги лишува државите во развој од неопходниот приход од даноците. Тие земји токму поради тоа патат од обратниот швајцарски Робин Худ потфат“, ја пренесува Гардијан изјавата на свиркачот.
„Свесен сум дека поседувањето офшор сметки во Швајцарија не мора да значи и затајување данок или некое друго финансиско злосторство. Меѓутоа, веројатно е дека значителен број од овие сметки се отворени за да се скрие богатството од фискалните институции или да се избегне плаќање данок на капитална добивка“, се наведува во соопштението.
Од банката тврдат дека тоа се претходни пракси
Кендис Сан, портпаролката на банката, во реакцијата на протекувањето на податоците наведе дека „Кредит Суис силно ги отфрла наводите и импликациите кои се однесуваат на наводните деловни пракси на банката“. Таа кажа дека повеќе од протечените податоци датираат наназад неколку децении „во времето кога законите, праксите и очекувањата од финансиските институции се разликуваа во однос на денес“.
Протекувањето наречено „Швајраски тајни“ следи по Панамските документи во 2016, Рајските документи во 2017 и Пандора документите минатата година. Сите овие документи фрлија светло на таинственото работење на банките, правните фирми и офшор давателите на финансиски услуги кои им овозможуваат на богатите луѓе и институции – вклучувајќи ги и оние обвинети за злосторства – дека префрлаат огромни суми пари, главно надвор од досегот на даночните и полициските служби.
Швајцарија да си набави совест
Новите откритија веројатно ќе го засилат правниот и политичкиот притисок врз швајцарската банкарска индустрија и особено врз Кредит Суис банката, која сè уште се опоравува од ненадејната смена на двајца извршни директори.
Со цврсти закони за банкарска таинственост Швајцарија долго време е засолниште на лицата кои сакаат да ги скријат парите. Во последната деценија најголемите банки на таа земја – особено Кредит Суис и УБС – се најдоа на мета на властите на САД и други земји кои се обидуваат да го сузбијат затајувањето данок, перењето пари и други злосторства.
Дебатата околу тоа дали швајцарската банкарска индустрија е подложена на доволно силни реформи веројатно повторно ќе биде отворена по последното протекување. Свиркачот тврди дека банките не се единствените виновници за ваквата ситуација бидејќи тие „едноставно постапуваат како добри капиталисти максимизирајќи го профитот во правната рамка во која работат“.
„Едноставно кажано, швајцарските законодавци се одговорни за овозможувањето финансиски злосторства а, благодарение на директната демократија, швајцарскиот народ има моќ да направи нешто околу тоа. Иако сум свесен дека законите за банкарската таинственост се делумно заслужни за економскиот успех на Швајцарија, уверен сум дека толку богата земја треба да биде во можност да си набави совест“, наведе свиркачот.






