петок, 12 декември 2025

Што велат руските државни медиуми за Украина?

Објавено на

часот

Сподели

„Вести недели“, неделна емисија за преглед на вести на државниот радиодифузер Росија 1, најголем дел од својот двочасовен пренос им го посвети на Украина и НАТО. Сепак, водителот на емисијата Дмитриј Кисељов главно зборуваше за визијата на Русија за меѓународниот поредок, а не за нејзиното трупање војска на украинската граница.

Кисељов тврдеше дека уште од Првата светска војна „колективниот Запад“ гради „санитарен кордон“ околу Русија, обидувајќи се да ја одвои од надворешниот свет контролирајќи ги државите-соседи на Русија. Барањата на Путин од Западот не се ништо ново и треба да се гледаат како обид за бунт против хегемонијата на САД на светската сцена, рече Кисељов.

Емисијата подоцна се осврна на зголемените тензии во регионот Донбас во источна Украина, контролиран од сепаратистите. Кисељов тврдеше дека сепаратистичките републики најверојатно ќе станат цели на етничко чистење, масовни убиства и тортура во украинската офанзива.

„Мнозинството од западната елита мисли дека Русија на крај ќе се преиспита и ќе се повлече, дозволувајќи му на Киев насилно да го исчисти Донбас од сè што е руско“, рече водителот. „Но заедно со оваа илузија, постои и конкретен план, и знаеме кој стои зад тоа – да ги спротивставиме Русија и Европа во тотална војна со санкции“.

Слично како и минатата недела, покривањето на водечкиот државен телевизиски медиум Канал 1 главно се фокусираше на достигнувањата на Рускиот олимписки комитет во Пекинг. Вестите поврзани со пандемијата на ковид-19 исто така заземаа голем дел од времето на екранот. Сепак, ескалацијата на тензиите со Украина остана меѓу главните вести за кои се разговараше, вели Москва тајмс.

Канал 1 ја осуди воената помош на НАТО за Украина и ја критикуваше растечката „хистерија“ на западните медиуми поради можна руска инвазија. Водителите тврдеа дека Западот во своите соопштенија дури и не ги зел предвид мислењата или безбедноста на Украина. Тие, исто така, тврдеа дека Русија нема да почне војна, но дека Украина мора да ги почитува условите наведени во Минскиот договор.

По телефонскиот разговор на Путин со американскиот претседател Џо Бајден во саботата, Канал 1 ги обвини САД за недостиг од соработка.

„Американскиот лидер изнесе голем број предлози, кои, според него, ги земаат предвид нашите иницијативи, но не е така.“

Водителите, вели Москва тајмс, изгледаа понаклонети кон францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така разговараше со Путин по телефон во саботата по посетата на Москва претходно оваа недела.

„Посетата на францускиот претседател во Русија изгледаше како обид конечно да се почне значаен дијалог. Заедничката прес-конференција даде надеж за барем некаков напредок“.

Канал 1 забележа дека Украина не размислува за директен разговор со проруските сепаратисти и ги критикуваше „европските пријатели“ на Киев дека попуштаат пред неговата неспремност да го почитува договорот од Минск.

Во популарната емисија на Росија 1 „Вечер со Владимир Соловјов“, водителот Соловјов посочи дека предупредувањата на САД за можна руска инвазија се поврзани со обидот на Бајден да биде реизбран.

Неговиот гостин рече дека Бајден ја провоцира Русија и тоа го поврзува со американските избори на средината на мандатот. Портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова, уште една гостинка, се согласи дека САД се обидуваат да ја „наместат“ Русија.

Маргарита Симонјан, главен уредник на државната телевизија РТ, рече дека Русија треба да ги спаси жителите на Донбас од украинската држава, но додаде дека сè уште нема причини Русија да почне војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ