Алијансата – која ги вклучува САД, Обединетото Кралство, Франција и Германија – ја засилува воената подготвеност и помошта за Украина.
Што е НАТО?
НАТО – Северноатлантска договорна организација – е воен сојуз формиран во 1949 година од 12 земји, меѓу кои и САД, Канада, Британија и Франција.
Членките се договорија да си помагаат една на друга во случај на оружен напад врз која било земја-членка.
Целта на НАТО првично беше да ѝ се спротивстави на заканата од повоена руска експанзија во Европа.
Во 1955 година советска Русија како одговор на НАТО создаде сопствен воен сојуз на источноевропските комунистички земји, наречен Варшавски пакт.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, голем број поранешни земји од Варшавскиот пакт станаа членки на НАТО. Алијансата сега има 30 членки.
Кој е сегашниот проблем на Русија со НАТО и Украина?
Украина е поранешна советска република што граничи и со Русија и со ЕУ.
Таа не е членка на НАТО, но е „земја партнер“ – што значи дека се смета дека може да ѝ биде дозволено некогаш во иднина да ѝ се приклучи на алијансата.
Русија сака гаранции од западните сили дека тоа никогаш нема да се случи.
Сепак, САД одбиваат да ѝ забранат на Украина да влезе во НАТО, велејќи дека како суверена нација таа треба да биде слободна да одлучува за своите безбедносни сојузи.
Украина има голема популација на етнички Руси и блиски социјални и културни врски со Русија. Стратегиски, Кремљ ја гледа како двор на Русија.
За што друго е загрижена Русија?
Претседателот Путин вели дека западните сили го користат сојузот за да ја опколат Русија и тој сака НАТО да ги прекине своите воени активности во источна Европа.
Тој долго време тврди дека САД ја прекршиле гаранцијата што ја дадоа во 1990 година дека НАТО нема да се шири кон исток.
НАТО ги отфрла тврдењата на Русија и вели дека само мал број од нејзините земји-членки ги делат границите со Русија и дека тоа е одбранбен сојуз.
Многумина веруваат дека сегашното трупање руски војници на украинската граница може да е обид да се принуди Западот сериозно да ги сфати безбедносните барања на Русија, вели Би-би-си.
Што има направено НАТО во минатото во однос на Русија и Украина?
Кога Украинците го соборија својот проруски претседател во почетокот на 2014 година, Русија го анектира јужниот украински полуостров Крим. Таа, исто така, ги поддржа проруските сепаратисти, кои зазедоа големи делови од источна Украина.
НАТО не интервенираше, но одговори со поставување војници во неколку источноевропски земји, првпат во историјата.
Има четири мултинационални борбени групи со големина на баталјон во Естонија, Латвија, Литванија и Полска и една мултинационална бригада во Романија.
Исто така, ја прошири својата воздушна полиција во балтичките земји и во источна Европа за да го пресретне секој руски авион што ги прекршува границите на земјите-членки.
Русија рече дека сака овие сили да заминат.
Какви ветувања ѝ има дадено НАТО на Украина?
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Русија ќе плати „сериозна и висока цена“ ако нападне и испраќа засилување во Европа.
Соединетите Држави испраќаат речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија за да ја зајакнат источноевропската одбрана. Таа стави во состојба на готовност уште 8.500 борбено подготвени војници. Пентагон вели дека тие ќе бидат распоредени само доколку НАТО одлучи да активира сили за брза реакција.
Се додава дека нема планови за распоредување војници во самата Украина.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок предупреди дека секоја понатамошна воена ескалација „ќе носи висока цена за рускиот режим – економска, политичка и стратегиска“.
Даунинг стрит рече дека Британија се согласува дека „сојузниците мора да одговорат брзо и одмазднички, вклучително и со досега невиден пакет санкции“.
Дали НАТО е обединето околу Украина?
Претседателот Бајден рече дека постои „тотална едногласност“ со европските лидери во врска со Украина, но има разлики во поддршката што ја нудат различни земји, вели Би-би-си.
САД соопштија дека испраќаат оружје во вредност од 200 милиони долари, вклучувајќи противтенковски ракети јавелин и противвоздушни ракети стингер, и им дозволија на другите земји од НАТО да ѝ испорачаат на Украина оружје од американско производство.
Велика Британија ја снабдува Украина со 2.000 противтенковски ракети со краток дострел и испрати воен персонал да ја обучи украинската армија како да ги користи.
Таа во моментов има над 1.000 војници во борбени групи во источна Европа, во Естонија и Полска. Испраќа уште 350 војници во Полска и му предлага на НАТО да ја удвои својата сила во Естонија со дополнителни 900 војници. Исто така, размислува да испрати повеќе РАФ-авиони во јужна Европа и да испрати поморски патролен брод и разурнувач во источниот Медитеран.
Нареди 1.000 војници да бидат во состојба на подготвеност да помогнат во случај на хуманитарна криза предизвикана од каква било руска агресија.
Шефицата на британската дипломатија Лиз Трус рече дека е „многу малку веројатно“ овие трупи да бидат распоредени да се борат во Украина.
Некои членки на НАТО, вклучувајќи ги Данска, Шпанија, Франција и Холандија, испраќаат борбени авиони и воени бродови во источна Европа за да ја зајакнат одбраната во регионот.
Сепак, Германија го одби барањето на Украина за оружје, во согласност со својата политика да не испраќа смртоносно оружје во конфликтни зони. Наместо тоа, ќе испрати медицинска помош и 5.000 шлемови.
Францускиот претседател Макрон во меѓувреме повика на дијалог со Русија за деескалација на ситуацијата.






