Некои западни лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, во минатото се обидуваа да го третираат Путин како кредибилен, иако тврд преговарачки партнер.
Но сите идеи за неговата кредибилност паднаа во вода откако Путин во понеделникот ги призна двата отцепени региони на Украина и одржа разорен говор во кој го доведе во прашање правото на Украина на државност само неколку часа откако вети дека ќе продолжи со дипломатијата во телефонските разговори со Макрон.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=_5YeX8eCLgA autoplay:0]„Путин не е истиот од декември 2019“
Официјален претставник на француското претседателство, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Путин во говорот за Украина измешал „ригидни и параноични идеи“, потсетувајќи на впечатокот што Макрон го стекнал во своите петчасовни разговори со Путин зад затворени врати во Кремљ претходно месецов.
„Овој Путин со кој (Макрон) се сретна во Кремљ не е истиот што го виде во декември 2019 година“, рече функционерот. „Она што го најде во Кремљ беше еден поригиден и поизолиран Путин.“
Макрон последен пат се состана со Путин на самитот во Париз за Украина во декември 2019 година. Претходно истата година, во својата летна резиденција во Медитеранот му беше домаќин на Путин на разговори за политичко ангажирање на Русија. Тогаш насмеаниот руски лидер пристигна галантно носејќи букет цвеќе за сопругата на францускиот претседател Брижит.
Но тие слики беа далеку од морбидниот говор на Путин во понеделникот, во кој тој неосновано ја обвини Украина дека бара нуклеарно оружје и предупреди дека „киевскиот режим“ е одговорен за секое натамошно крвопролевање. „Тоа беше крајно насилна анализа, со заблуди и параноична… со многу историски лаги“, рече францускиот министер за Европа Клемент Бон.
Во неодмерените коментари што ги пренесе Прес асоцијацијата, британскиот министер за одбрана Бен Валас рече дека Путин е „целосно одлепил“ и дека тој е човек „без пријатели, без сојузници“.
Меркел до Обама: Путин живее во друг свет
Кога Путин го анектира Крим од Украина во 2014 година, шокирајќи ги западните лидери, американските медиуми ја цитираа поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која му кажала на американскиот претседател Барак Обама дека Путин живее во „друг свет“.
Сега, додека западните сили сè уште шпекулираат кој е конечниот план на Путин за Украина, за кој американските разузнавачи сугерираат дека би можело да вклучи дури и обид за заземање на главниот град Киев, се интензивираше истражувањето на психолошкиот профил на Путин.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=rQXINlDCs4U autoplay:0]Неговото историско обраќање во понеделникот вечерта беше емитувано по кореографираниот состанок на рускиот Совет за безбедност, на кој присуствуваа околу 20 официјални лица.
Функционерите вкочането седеа на столчиња оддалечени од Путин, што е попригодно за на тениските терени, а рускиот претседател ги гледаше како даваат согласност за признавање на отцепените региони.
„Зборувај јасно!“
Во еден бизарен момент што допрва треба подобро да се објасни, Путин го понижи моќниот шеф на контраразузнавачката служба СВР, Сергеј Наришкин, затоа што овој звучеше колебливо.
„Зборувај јасно! Сергеј! Да или не?“, го праша Путин, нестрпливо тропкајќи со прстите по масата.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=o9A-u8EoWcI autoplay:0]Наришкин почна да пелтечи, а потоа погрешно рече дека двата региони треба да станат дел од Русија, идеја што не беше во Путиновиот радар. „Воопшто не зборуваме за тоа, ниту го разгледуваме!“, презриво се насмеа Путин. „Зборуваме за признавање на независноста или не!“
Блогерите забележаа уште една бизарна работа – дека часовниците на министерот за одбрана Сергеј Шојгу и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров покажуваат време поинакво од реалното време во текот на тој наводен пренос во живо.
Преминот на Путин кон мрачната страна
Францускиот писател Мишел Елчанинов, автор на книгата „Во главата на Владимир Путин“, рече дека иако Путин и претходно изнесувал такви идеи, сега дошло до загрижувачки промени во неговиот стил и настап.
„Оваа по малку садистичка, понижувачка инсценација имаше неверојатен ефект“, а Путин е решен да „покаже дека сам одлучува“ во претставата што изгледаше речиси како приказ на моќта „од Сталиновото време“.
„Кај Путин има еден вид губење на врската со реалноста на сметка на неговата идеологија, која може да се опише како параноична“, изјави тој за АФП.
„Секогаш велевме дека е прагматичен лидер, добар тактичар. Дали ќе го жртвува својот прагматизам во име на својата идеологија? Можно е. Во секој случај, изгледа дека е подготвен за војна“, рече тој.
Угледната руска аналитичарка Татјана Станова, основач на политичкиот советодавен центар Р.Политик центар и нерезидентна научничка во московскиот Карнеги центар, предвиде дека по говорот следуваат мрачни времиња.
„Денес Владимир Путин премина во мрачната страна на историјата“, напиша таа на својот профил на Телеграм. „Ова е почеток на крајот на неговиот режим, кој сега може да се потпира само на бајонетите.“






