сабота, 13 декември 2025

Русија повторно зад железна завеса

Објавено на

часот

Сподели

Владимир Путин вредно ја проучува руската историја. Минатото лето тој објави подолг есеј „За историското единство на Русите и Украинците“, кој е и воен манифест. Сепак, и покрај сите негови историски промислувања, Путин пропушти една клучна точка: улогата што ја одиграа неуспешните војни во промената на режимите во Русија.

Поразот во Првата светска војна создаде услови за Руската револуција од 1917 година. Понижувањето што го претрпе Москва во Руско-јапонската војна од 1904-1905 година исто така придонесе за избувнувањето на неуспешната револуција. Кримската војна од 1853-1856 година доведе до смрт, можеби дури и до самоубиство, на царот Николај I. Во поновата историја, исцрпувачката војна во Авганистан значително придонесе за падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

СССР изгуби околу 14.000 војници за време на десетгодишната војна во Авганистан. Руската влада призна дека изгубила речиси 500, кои загинаа во првите неколку дена од инвазијата на Украина. Вистинските бројки веројатно ќе бидат многу поголеми. Људмила Нарусова, руска сенаторка, зборуваше за руска чета од 100 војници од која преживеале само четворица. А најтешките борби веројатно допрва доаѓаат.

Значи, дали неуспехот во војната може повторно да ја собори руската влада? Повеќето од експертите со кои јас разговарав веруваат дека тоа е малку веројатно – барем во блиска иднина, вели Гидеон Рахман за Фајненшл тајмс. Бен Нобл од Универзитетскиот колеџ во Лондон е „скептичен во врска со тврдењата дека Путин наскоро ќе биде соборен со државен удар внатре во палатата – или дека постоечката политичка елита може да биде сменета со масовни протести“.

Доминик Лиевен, експерт за распадот на царска Русија, исто така вели дека не треба да се смета на брзо уривање на системот на Путин.

Од друга страна, благодарение на западните санкции, економската штета што војната во Украина ѝ ја нанесува на Русија ќе биде многу брза. За само неколку недели, целиот напредок постигнат во последните 20 години може да исчезне.

Мајкл Бернстам од Универзитетот Стенфорд смета дека замрзнувањето на средствата на Руската централна банка ќе предизвика имплозија на комерцијалните банки и синџирите на снабдување, уништувајќи голем дел од економијата.

Руската урбана средна класа е навикната на светот на Икеа, ајфоните, кредитните картички виза и одморите во Европа и во Заливот. Тој свет повеќе не постои. Многу олигарси, кои го поддржуваа Путин за да го задржат своето богатство, ги загубија своите меѓународни деловни империи и јахти.

Тешко стекнатите слободи и врските со надворешниот свет исто така исчезнаа. На многу начини, Русија денес веќе е поизолирана отколку за време на Студената војна – кога беше барем можно да се патува во Источна Европа, а советските тимови се натпреваруваа на Светското првенство и Олимпијадата. Сега Русија е исклучена од меѓународните спортски натпревари, а на Аерофлот му се откажани меѓународните летови, освен кон соседна Белорусија. Оваа изолација најверојатно ќе продолжи сѐ додека трае војната или окупацијата на Украина.

Во самата Русија сега е блокиран пристапот до Фејсбук и до странските медиумски портали како Би-би-си. Ширењето „лажни информации“ за војна (која не треба да се нарекува војна, туку специјална воена операција) се казнува со 15 години затвор. Русија сега е тоталитарна исто колку и Кина – но без функционална економија, патувања во странство и производи за широка потрошувачка, кои придонесуваат да се држи под контрола средната класа.

Фактот што Путин толку брзо прибегна кон репресија покажува колку тој се чувствува непријатно поради ситуацијата внатре во земјата. Со немирни супербогаташи и средна класа, рускиот диктатор (затоа што тој сега е тоа) мора да се потпре на две клучни бази на поддршка: обичните Руси, надвор од големите градови, и тесниот круг лојалисти.

Руските анкети покажуваат високо ниво на поддршка за војната. Сепак, со оглед на атмосферата на репресија, тешко дека овие анкети се сигурни.

Врз основа на разговорите со луѓето, може да се заклучи дека голем дел, можеби дури и мнозинството Руси, веруваат во верзијата на Путин за конфликтот. Државната телевизија го контролира наративот за војната во Украина.

Сепак, реалноста – во форма на жртви и економски загуби – наскоро би можела да ја поткопа официјалната приказна. Сепак, и во тој случај за јавните протести е потребна голема храброст. Демонстрантите ризикуваат да бидат тепани, затворани, отпуштени од работа. Задушувањето на протестите во Белорусија минатата година покажа дека репресијата често функционира, ако е доволно безобѕирна.

Така, надежите за смена на Путин мора да се потпираат главно на државниот удар внатре во палатата. Како што истакна политикологот Милан Сволик, „огромното мнозинство диктатори ја губат власта поради оние внатре меѓу портите на претседателската палата, а не поради масите надвор“. Сепак, Путин очигледно е опкружен со лојалисти, кои ги споделуваат неговите националистички и конспиративни ставови за светот и чија судбина е тесно поврзана со неговата.

Дури и ако некои од внатрешниот круг се сомничави, да се тргне против Путин е крајно ризичен и тежок потег. Рускиот лидер отсекогаш се грижел за своите телохранители – од кои некои станаа исклучително богати.

Во другите делови на светот, диктаторите како Роберт Мугабе од Зимбабве или Николас Мадуро од Венецуела ги сведоа своите земји на сиромаштија и изолација – но сепак успеаја да останат на власт со години.

Дали е тоа можно во модерна Русија? Може ли Путин повторно да ги зароби своите сонародници зад железна завеса? Од одговорот на тоа прашање зависи судбината на Украина, Русија и на голем дел од светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ