Распоредувањето на новиот контингент во БиХ е проследено со тренажни летови на млазни авиони, по барање на Франција.
Намерата е со демонстрација на сила да се испрати порака дека нештата во БиХ мора да останат такви какви што се, пишува Дојче веле.
Иако засега не постои никаков безбедносен ризик на теренот, кога станува збор за нарушување на мирот во Босна и Херцеговина, во последните денови е засилено присуството на силите на Еуфор, особено по влегувањето во земјата на преостанатиот дел од контингентот од 500 војници.
Покрај тоа, командата на Алтеа, воената мисија на ЕУ во БиХ, ја прифати понудата на Франција над БиХ од денес да почнат да се изведуваат тренажни летови со борбени авиони „рафал“.
Како што се наведува, летовите ќе се одвиваат „преку Западен Балкан“, со ловци од носачот на авиони Шарл де Гол, кој пристигна од Медитеранот.
[video:https://youtu.be/nT6BJil3Pr4 autoplay:0]„Во вакви времиња, кога безбедносната рамнотежа во Европа е нарушена, Европската Унија ја покажува својата постојана посветеност и решително да ја поддржи сигурната и стабилна атмосфера во БиХ и на Западниот Балкан“, наведе Алтеа.
Безбедносната ситуација е стабилна на целиот Западен Балкан, сметаат аналитичарите, но истакнуваат дека ниедна од овие демонстрации и преместување на трупи не е случајна.
Западот сака да испрати јасна порака, не само во БиХ, туку и на просторот на цела поранешна Југославија, дека нештата нема да се менуваат.
„Засилувањата што ги испраќа Еуфор се порака дека БиХ се гледа како потенцијален извор на криза и сакаат да дејствуваат превентивно. Со демонстрацијата на сила се сака да се докаже дека ЕУ гледа на БиХ и следи сè што се случува во политичкото опкружување“, вели воено-политичкиот аналитичар од Белград Александар Радиќ.
„Сите активности, од зајакнувањето на копнените сили, преку вежбите кои се одржуваат, сето тоа е демонстрација на сила. Тоа е порака, дека ситуацијата мора да остане стабилна“, истакнува Радиќ.
Bosnia : Eurofor …che sta accadendo ? pic.twitter.com/IjkYtxxiMx
— Dar Jedburgh (@DarJedburgh) March 7, 2022
На крајот на февруари во БиХ пристигна првата единица во рамки на распоредувањето дополнителни 500 припадници на Еуфор.
Тоа активирање на резервите е „мерка со која се дава поддршка на веќе распоредените трупи на Еуфор, и партнерите во БиХ“.
Викендов почна распоредувањето на останатите припадници на воената мисија на ЕУ, па со овие 500, ќе ги има вкупно 1.100 во БиХ.
Šamac maloprije pic.twitter.com/m4laV6kT6X
— AhiretExpress (@ahiret_express) March 6, 2022
„Тоа е сè во рамки на нивната мисија и во рамки на согласноста на надлежните органи на БиХ, вклучувајќи го Претседателството. Само сега е прашањето, дали е ова моментот за такво нешто, особено за тренажните летови, имајќи предвид дека луѓето се веќе доволно потресени од воените случувања во Украина“, вели професорот на Факултетот за безбедност во Бања Лука Душко Вејновиќ.
„Се создава психологија на страв, што би можело да биде, што би можело да се случи, дали етнонационалистите во БиХ би можеле нешто да преземат. Јас апелирам до политичките елити, да ги надминат сите разлики. А што се однесува до конфликт, не постои шанса да го има на територијата на БиХ“, уверен е Вејновиќ.
[video:https://youtu.be/wv9rBEs75zY autoplay:0]Аналитичарите веруваат дека медиумската пропаганда, која го достигна својот историски максимум во конфликтот на Русија и Украина, може да предизвика дополнителна дестабилизација и на просторот на Западниот Балкан.
Добар пример за тоа, смета германската агенција, е неодамнешниот повик на министерството за одбрана на Србија до резервниот состав, за изведување воени вежби овој месец.
Дел од западните медиуми на оваа активност гледа како демонстрација на сила, пред сè кон земјите во опкружувањето.






