петок, 12 декември 2025

Рацете подалеку од Украина

Објавено на

часот

Сподели

Наредбата на Владимир Путин неговата војска да влезе во отцепените региони Доњецк и Луганск во источна Украина е скандалозна. Тоа е напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тоа е тежок напад врз правото на Украина на самоопределување, што е право што секоја нација мора да го ужива. За ова право не може да се преговара. Секое негово прекршување, каде и да се случува во светот, треба да се третира како сериозен напад врз националноста и демократијата. Тоа е прекршок што Путиновата Русија сега го направи и мора веднаш да се повлече пред ситуацијата уште повеќе да излезе од контрола со потенцијално страшни последици за народот на Украина, вели Брендан О’Нил за Спајкд.

Влоговите се зголемени до врв. Вчера Путин испрати гласна и цврста, иако донекаде расплинета порака не само до Украина, туку и до светот што го гледаше. Тој одржа говор во кој отворено му се потсмеваше и го поткопуваше суверенитетот на Украина. Оваа нација нема историско право да постои, рече тој. Тоа е „колонија со марионетски режим“, тврдеше тој. Потоа ги призна украинските отцепени проруски „републики“ Доњецк и Луганск и им нареди на своите трупи да влезат на тие територии за да се зачува мирот. „Зачувувањето на мирот“, како што досега сите веќе би требало да знаеме, е орвеловски израз за војна. И со збор и со дело Путин му се потсмеваше на националниот суверенитет на една соседна нација, третирајќи ја Украина како обично парче земја по кое тој има право да посегне кога и да посака. Ниту еден демократ не може да поддржи или да толерира една таква идеолошка и милитаристичка ерозија на правото на една нација заради суверена контрола врз нејзината територија и нејзините политики.

Да се разбереме, украинската криза е чудна и сложена. Таа не е, како што раструбените антируски гласови во западните медиуми би сакале да веруваме, обичен случај на руска царска носталгија што безобѕирно јава по Украина и е закана и за самата Европа. Ова не е повторување на 1939 година. Ова не е фашизам. А Западот не е безгрешен во овој дебакл. Ниту пак украинската влада, кога сме веќе кај тоа. Проширувањето на НАТО кон исток, неговиот 20-годишен милитаристички пристап кон руските граници, неговото флертување со украинското чиновништво во обид да создаде уште една про-НАТО, про-ЕУ држава на прагот на Русија, одиграа многу значајна улога во поттикнувањето на тензиите во овој дел од Европа и разгорувањето сеопфатна војна во 2014 година. Подобро ќе ни беше без драматичноста и помпезноста на западните лидери додека го гледаат Путин како влетува во Доњецк и Луганск, со оглед дека токму нивните сопствени територијални амбиции и суровата студеновоена носталгија во голема мера го запалија овој опасен пожар во Европа.

Потоа, тука е неверојатното лицемерство што корне од осудата на западните експерти кон Русија поради нејзиниот милитаристички упад во Украина. Овие луѓе се бесрамни. Ова е вистината: она што Путин во моментов ѝ го прави на Украина, тие веќе им го направија на многу други нации и со многу посмртоносни последици. Тие се виновни за истиот прекршок поради кој сакаат Путин да биде маргинализиран, санкциониран и прогласен за криминалец. Од Авганистан до Ирак, од Сирија до Либија, и нешто поблаго преку европското погазување на демократските одлуки донесени во „проблематичните“ земји-членки, овие центристи згнасени од Путиновото непочитување на правото на Украина на самоопределување, изминатите 20 години ги поминаа во задушување на правото на самоопределување, честопати со екстремно насилство.

Одговорете ми на ова: зошто Путиновиот напад врз украинскиот суверенитет се смета за полош од уништувањето на ирачкиот суверенитет или на либискиот суверенитет од страна на западните влади? Дали затоа што нациите чиј суверенитет тие го третираа како лоша шега, кој може да се гази кога и да се посака, во голема мера не се бели, па со тоа се и помалку важни? Дали затоа што се посиромашни земји? Дали затоа што не се во Европа, а кому му е гајле за нациите надвор од цивилизираната Европа, нели? Кога сме веќе кај тоа, зошто поддршката на Путин за отцепените региони во Украина е многу полоша, очигледно, од поддршката на западните центристи за таканаречените „бунтовнички“ сили во Сирија во кои имаше и исламистички фанатици што им сечеа грла на тинејџери и насилно потчинуваа жени? Ова е и повеќе од лицемерство, се разбира. Ова е флагрантен западен шовинизам, поттикнат од едно изопачено убедување дека кога ние ги правиме работите, тоа е добро, но кога другите народи ги прават истите работи, тоа е криминално, неподносливо, заслужува најстрога казна. Чувството на овие луѓе кон сегашните постапки на Путин е токму она чувство што ние го имавме кон нивните постапки во последните две децении, а нивната неспособност да го разберат тоа е прилично упадлива.

А сепак, и покрај сите хистерични споменувања на 1939 година од западните функционери, и покрај сите двојни стандарди на нашите сопствени уништувачи на суверенитети и хушкачи на војни, па дури и покрај целото безобѕирно ширење на НАТО на исток, останува фактот дека Путин и само Путин беше тој што ја донесе одлуката да посегне по украинскиот суверенитет. Можеме и треба да разговараме за настаните и идеите и за инфантилноста на современата дипломатија што ги роди условите во кои геополитичките влогови во моментов се фокусирани на Украина. Но Путин беше тој што го напиша тој арогантен говор што го одржа вчера, Путин беше тој што го исмеваше правото на Украина на самоопределување, и Путин беше тој што испрати војници во источниот дел на една суверена нација. Путин беше тој што го изврши овој неподнослив чин.

Ни треба ново движење во одбрана на националниот суверенитет. Овој прогресивен, демократски принцип во светските политики веќе повеќе од две децении е напаѓан. Уште од ерата на западната „хуманитарна интервенција“, за време на која Тони Блер и другите отворено го доведуваа во прашање принципот на „немешање“ во работите на другите држави, сѐ до последиците од гласањето за брегзит, кога елитите ја прикажуваа одбраната на националниот суверенитет како некој вид расизам и ксенофобија, правото на нациите сами да си ја одредуваат иднината е драматично, а понекогаш и насилно покосувано. Без разлика дали тоа е направено со оружје – на НАТО-начинот, на саудискиот начин, на турскиот начин – или со притисок и закани – на ЕУ-начинот – елитното движење против принципот на национален суверенитет добива на сила. Ова несомнено охрабрило некого како Путин отворено да му се потсмева на суверенитетот на Украина. Немешањето е глупост, нели? Тоа нашите интелектуални сезнајковци со години ни го кажуваат.

Доста. Ние во Спајкд не сме ѝ обожаватели на украинската влада. Ниту имаме многу заеднички работи со оние во западната медиумска елита што ги осудуваат постапките на Русија, но кои следната недела ќе бараат „ние“ да ѝ го сториме истото, и нешто уште полошо, на некоја блискоисточна или северноафриканска држава. Но ние веруваме дека националниот суверенитет треба да биде неприкосновен принцип во светските политики. Националниот суверенитет освен што му дава право на народот на некоја територија да има збор во политиките на својата нација, тој и ја штити таа нација од посегнувањата и нападите на помоќните режими. Ако националниот суверенитет стане стока за која може да се преговара, која може да се избрише поради каприцот на Кремљ, на Белата куќа или на Европската комисија, тогаш самата нација е доведена во прашање, а ќе страдаат демократијата и слободата. Силите на Путин немаат право да стапнат на ниту една педа од украинската територија. Русијо, надвор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ