сабота, 13 декември 2025

Повици на оружје во Грузија, за да се вратат Јужна Осетија и Абхазија

Објавено на

часот

Сподели

Ти ги повикуваат Грузијците да ја искористат ситуацијата во Украина, каде руските сили се борат со отпорот на силите на Киев откако рускиот претседател Владимир Путин ја нареди инвазијата на 24 февруари.

„Во Украина денес гори и ние Грузијците имаме единствена прилика да ја вратиме својата територија“, вели еден од нив на видео-снимката поставена на социјалните мрежи која изгледа снимена некаде во Украина.

„Ние Грузијците кои се бориме за слободата на Украина… исто така сме спремни да се бориме за слободата на Грузија… Затоа ве повикуваме да земете оружје во рацете и да удрите на непријателот. Никогаш повеќе нема да имате таква шанса“.

Видеото со апелот на четирите лица Грузијците да земат оружје и да ги вратат Северна Осетија и Абхазија, отцепените територии изгубени во војната со Русија во 2008 година, е постирано на Јутјуб на 4 март. Брзо се проширило на социјалните мрежи во Грузија, собирајќи десетици илјади прегледи и коментари.

Не е познато кои се тие мажи, иако велат дека се борат во Украина. Грузиски борци се активни на истокот на Украина од 2014 година, по државниот удар поддржан од Западот, односно кога Москва почна да ги поддржува проруските бунтовници.

За помош во одбраната на земјата украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика странците да отидат во Украина и да се придружат на меѓународната легија. Околу 20.0000 луѓе од 52 земји доброволно се пријавиле да се борат за режимот во Киев, кажа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Тоа дека воената инвазија на Русија во Украина може да биде прилика за Грузија може да е само пуста желба, вели Олесја Вартанјан, аналитичарка за тој регион во Меѓународната кризна група.

„Секој таков потег ќе доведе до отворена конфронтација со руските трупи стационирани во отцепените региони“, објасни Вартанјан за РСЕ, укажувајќи на проценките дека во Абхазија и Северна Осетија има вкупно 8.000 припадници на руските воени сили.

Грузија во август 2008 се обиде да ја врати Јужна Осетија, која водеше сепаратистичка војна против Грузија во 90-тите.

Русија испрати трупи, потиснувајќи ги грузиските сили од Јужна Осетија и Абхазија, по што беа раселени над 190.000 луѓе. Москва потоа ги призна двете територии како независни и има големо воено присуство во двата региони.

Таа геополитичка реалност веројатно влијаела врз тоа како Тбилиси дипломатски реагираше на рускиот напад на Украина.

Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили јасно даде до знаење дека Грузија нема да се придружи на западните санкции против Русија, наведувајќи ги националните интереси и потенцијалната штета за грузиските произведувачи.

Затоа не изненадува што поради ставот на Тбилиси кавкаската земја со 3,7 милиони жители не се најде на руската листа на „непријателски земји“, која ја вклучува целата Европска Унија, САД, Британија, Канада и десетици други држави.

Рускиот надзорен орган за безбедност на храната Роселхознадзор дури најави дека ќе ги укине санкциите за 15 грузиски снабдувачи со млеко и млечни производи, дозволувајќи им да ги извезуваат тие производи во Русија.

Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук во соопштение по укинувањето на санкциите на Русија на млекото и млечните производи наведе „зар не гледате дека народот на Грузија кој излегува на плоштадите на своите градови ја поддржува Украина а не вашите матни зделки?“

Владејачката партија Грузиски сон, кој ја основа милијардерот Биѕина Иванишвили, е на удар на критики поради корупцијата, назадувањето на демократијата и симпатиите за политиката на Русија. Нејзиното колебање да ѝ воведе санкции на Русија многумина во Грузија го гледаат како доказ за усогласеност со политиката на Кремљ.

Ставот на владата разгневи многумина, особено имајќи го предвид трагичното искуство на Грузија со руската воена инвазија во 2008 година.

На демонстрациите за поддршка на Украина во Тбилиси и други грузиски градови од почетокот на руската инвазија на 24 февруари учествувале десетици илјади луѓе.

Демонстрантите кажаа дека се чувствуваат посрамено поради тоа што Зеленски го отповика украинскиот амбасадор во Грузија за тоа што грузиските власти им правеле „пречки“ на доброволците кои сакаат да се борат за Киев и за „неморалниот став околу санкциите“ на Русија.

Грузиските власти на 28 февруари не му дозволиле на украински авион, кој требало да префрли 30 грузиски доброволци во Киев, да слета на аеродромот во Тбилиси.

Можеби поради притисокот на јавноста, Тбилиси малку ја смени политиката и најави на 2 март дека формално ќе поднесе барање за придружување во ЕУ, забрзувајќи го процесот кој според првичните планови требаше да почне во 2024 година.

Ден подоцна, Грузија заедно со Молдавија, каде исто така се стационирани руски трупи  и покрај меѓународното противење, формално поднесе барање за членство во ЕУ.

Уште една порака со која Грузијците се повикуваат на оружје испрати украинскиот пратеник Алексиј Хончаренко на Фејсбук на 26 февруари.

„Драги Грузијци, надвор е убави време. Можете ли да уништите неколку оклопни возила, тенкови? Тргнете Грузијци, вратете го она што ви припаѓа. Грузијци. Време е“, напиша Хончаренко.

Меѓутоа, малку е веројатно дека некој во Грузија ќе се одговори на тој повик, вели Вартанјан.

„Сосема сум сигурна дека нема планови за иницирање какви било напади на отцепените региони. Не гледаме такви движења или подготовки на терен“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ