За време на викендот на небото над Финска кружеле воени авиони, а Шведска на порастот на тензиите одговара со распоредување војници на својата истурена позиција на Балтикот.
Москва од НАТО бара гаранции дека нема да се шири на исток и дека никогаш во сојузот нема да ја прими Украина. Таквиот развој на настаните ги поттикнал политичките врвови на Финска и Шведска гласно да кажат дека е нивно право да аплицираат доколку така одлучат.
„Одлуката за членството на Финска ја носи таа земја и 30-те членки на НАТО, а истото важи и за Шведска“, кажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела по средбата со министрите за надворешни работи.
Ни Финска ни Шведска официјално не објавиле дека сакаат да станат полноправни членки и соработката со Алијансата ја сведуваат на размена на информации и заеднички воени вежби.
Меѓутоа Шарли Салониус Пастернак од Финскиот институт за меѓународни односи вели дека Финска и Шведска „свесно направиле чекор за НАТО јасно да им одговори дека неговата врата за нив и понатаму е отворена“.
Елина Валтонен, потпретседателката на финската опозициска Национална коалициска партија смета дека „придружувањето е природен чекор“.
„Се создава потесна соработка со договорите не само со НАТО туку и со Британија и САД“, вели Валтонен.
Објаснува дека Финска по Студената војна одбрала неутралност за да го смири Кремљ, но од таа политика одамна се откажала.
Во случај Русија да испрати војници на 1.340 километри долгата граница со Финска, таа како земја која не е во НАТО не може да смета на активирање на Членот 5, во кој стои дека напад на една членка е напад на сите, што ги обврзува да ѝ помогнат на нападнатата.
Но поддршката на членството во НАТО е традиционално ниска меѓу Финците и Швеѓаните иако во јануари анкетата покажала дека противењето паднало на најнискиот процент во изминатите две децении, на 42 отсто.
Роберт Далсјо од Шведската агенција за истражување на одбраната објаснува дека за многу членови на најголемата шведска политичка партија – социјалдемократската, членството во НАТО е „еднакво на богохулење“.
Вистински пресврт би можел да се случи само ако „Финска отворено побара членство или ако заканата биде во таа мера веродостојна за да ги смени политичките пресметки“.
Малку аналитичари веруваат дека Путин би можел да испрати тенкови во Финска. Но финскиот аналитичар Салониус Пастернак предупредува дека помали акции имало и дека продолжуваат.
„На пример во 2016 Русија ненадејно пушти преку границата со Финска 1.700 мигранти, и постојано го крши воздушниот простор“, вели тој.
Во колективното сеќавање на Финците е врежан крвавиот обид за инвазија во Втората светска војна, поради што Финска со години одржува висока воена спремност.
Поранешниот шеф на финската дипломатија Ерки Туомија, еден од најистакнатите противници на приклучувањето на Финска на НАТО, тврди дека ако има потреба земјата е добро подготвена.
„Не сме наивни и многу вложувавме во националната одбрана“, вели Туомија.
Финска потроши 8,4 милиони вера на нови борбени авиони и „може да го мобилизира резервниот состав од 280.000 извежбани војници, што не го може ниедна друга земја во Европа“, смета Туомија.
Шведска, пак, го скастри трошењето на одбрана по Студената војна.
Во 2013 година врховниот командант Сверкер Горансон ги шокираше Швеѓаните со изјавата дека земјата би имала сила да се спротивстави на руска инвазија „околу една недела“ без помош од странство.
Но веќе по анексијата на Крим во 2014 Шведска почна да ја јакне својата одбрана.
„Бевме облечени за шетање по сончево време кога нè изненади невреме. На брзина од Американците позајмивме чадори, чизми и топли елеци“, сликовито објаснува шведскиот аналитичар Далсјо и додава: „Шведска е далеку од тоа да има доволно средства за самата да се брани“.
Скандинавската земја која не војувала два века повторно во 2017 воведе задолжително служење воен рок.
Во јануари Шведска распореди оружени патроли на островот Готланд откако три руски десантни брода впловија во Балтичкото Море.
Финска објави дека ја зголемила „спремноста“ по спроведувањето воени вежби низ земјата.
Хелсинки тивко се подготвува зад сцената, вели Салониус Пастернак.






