Милановиќ, пишува Политико, стигна на насловните страници откако изјави дека земјата ќе ги повлече своите војници од мисиите на НАТО во Источна Европа, доколку дојде до ескалација на тензиите со Русија околу Украина.
На таа изјава на Милановиќ, кој е поранешен лидер на социјалдемократите во Хрватска, се спротивстави министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман од владата од десниот центар.
Набрзо се покажа дека хрватските сили во Полска и онака се вратиле дома на почетокот на минатата недела поради завршувањето на ротирачкото разместување на силите, како што беше објавено на сајтот на хрватското министерство за одбрана.
Борбената група на НАТО во Полска пред неколку дена на Твитер објави дека „наскоро“ ќе го дочека новиот хрватски контингент, додека загрепски Јутарњи лист објави дека Хрватска не требало да испрати нова група оваа година, така што нема да постојат сили за повлекување ако дојде до руска инвазија на Украина во неделите или месеците кои следат.
Милановиќ, се наведува во текстот, има тензични односи со десничарската влада на премиерот Андреј Пленковиќ и повеќе пати досега се судира со нејзини членови.
Коментарите на Милановиќ предизвикаа и збунетост бидејќи, иако претседателот на државата е воедно и врховен командант на хрватската војска, со распоредувањето на силите во НАТО се бави министерството за одбрана, со одобрување на хрватскиот парламент.
Повикувајќи се на хрватските медиуми Политико наведува дека Милановиќ при посетата на една фабрика на слатки (Краш) изјави дека Хрватска нема да се вклучува во кризата меѓу Русија и Украина.
„Хрватска нема да испраќа војници во случај на ескалација. Напротив, ќе ги отповика сите единици, до последниот хрватски војник“, кажа Милановиќ.
„Сето тоа се случува во претсобјето на Русија“, кажа хрватскиот претседател. „Мора да се постигне договор кои ќе ги земе предвид безбедносните интереси на Русија“.
Милановиќ, пишува Политико, изјави и дека постојат и други начини Украина да се зачува „во целост или 99 отсто од територијата“ и „економски да ѝ се помогне“. Но шефот на хрватската дипломатија Грлиќ Радман кажа дека коментарите на Милановиќ немаат врска со ставот на владата. Тој за Франкфуртер алгемајне цајтунг кажа дека „претседателот не зборува во име на Хрватска, туку во свое име“.
„Ние сме и ќе останеме верна членка на НАТО. Сè што правиме, правиме во договор со нашите партнери“, кажа Грлиќ Радман.
„Во вакви времиња е особено важно да се покаже солидарност меѓу партнерите, а Хрватска тоа ќе го направи и во ЕУ и во НАТО“, кажа тој.
Од друга страна премиерот Пленковиќ изјавите на Милановиќ ги коментираше кажувајќи дека претседателот му звучел како некој руски функционер.
Пленковиќ иронично забележа дека Милановиќ „добил некаков напад со шеќерот, можеби му дале некакви бонбони во Краш, што сè тој таму кажа, мислев дека е некој руски функционер“.
Пленковиќ важи за пријател на Украина, често ја посетува и ги советува тамошните власти и го нуди хрватскиот модел на мирна реинтеграција на Подунавје, кое, како што наведе, во 1990-те било под окупација на локалните Срби, пишува Политико.






