четврток, 11 декември 2025

Ова е новиот европски центар за кокаин. Скоро сите се поткупени, се води крвава војна

Објавено на

часот

Сподели

Бледар Муца (39), кој имал британски документи и бил близок соработник на високи шефови на албанската мафија, неодамна беше застрелан пред својот стан во предградието на Фландрија, новиот центар за кокаин во Европа, пишува британски Телеграф.

Шокантните фотографии објавени во локалните медиуми го покажуваат убиецот, кој чекал на патеката пред куќата на својата жртва, како мавта со пиштол пред нападот, за кој локалните власти велат дека ги има сите белези на нарачано убиство. Муца, за кој се верува дека живеел во Лондон од 2016 до 2020 година, наводно им бил десна рака на Флоренц и Адријан Чапја, две истакнати имиња во албанското подземје, и поседувал нелегални британски и бугарски лични документи.

Кралевите на кокаинот

Но убиството на 39-годишниот албански државјанин, последното во растечкиот тренд на насилни злосторства поврзани со дрога во Антверпен, не ги заинтересира локалните политичари и полицајци, кои се борат со многу поголем проблем, битката против кралевите на кокаинот, кои дејствуваат од прометното градско пристаниште.

Царинските службеници, кои се во првите редови во борбата против трговијата со дрога во Европа, се мета на криминалците, кои користат изнуда, поткуп и закани, додека политичарите се среќаваат со високите наркобосови на општествени настани.

Градоначалникот на Антверпен, Барт де Вевер, призна дека милијарди евра приходи од дрога се инфилтрирале во локалната политика, во легитимните компании и секојдневниот живот во градот со кој тој управува речиси една деценија.

Властите на пристаништето Антверпен минатата година имаа рекордни заплени на речиси 90 тони кокаин, чија вредност се проценува на 13 милијарди евра, но милијарди евра сѐ уште се користат за „труење“ на највисоките нивоа на општеството.

„Пред да сфатите што се случува, седите до криминалец на некој прием или на голем спортски фестивал“, изјави Де Вевер за Телеграф. „Како и сите капиталисти, тие почнуваат да се диверзифицираат“, додаде тој, сугерирајќи дека криминалците ги напуштиле традиционалните фронтови за перење пари.

Бидејќи не постои начин да се направи разлика помеѓу криминалните лидери и легитимните претприемачи, „чесните деловни луѓе“ се најпогодени од приливот на пари од кокаинот, смета градоначалникот на Антверпен.

Полициски извор во Антверпен објасни дека „пекарниците и берберниците зјаат празни, а во исто време остваруваат огромни профити“ и дека градските недвижности наголемо се купуваат како дел од поголемите шеми за перење пари.

Огромни заплени

Во последната деценија годишните заплени се зголемија од пет тони на речиси 90 тони минатата година, бидејќи епицентарот на увозот на дрога се префрли од Шпанија во северна Европа. Но официјалните лица на терен веруваат дека сопираат само 10 отсто од дрогата што завршува на улица.

Поради историските трговски врски со Панама, Еквадор и Парагвај, Антверпен стана европска влезна точка за кокаинот. Приливот на дрога не покажува знаци на слабеење, а белгиските цариници признаваат дека ја губат битката бидејќи потрошувачката моќ на богатите шверцери на кокаин е многу поголема од буџетот на локалните службеници.

Седејќи во својата канцеларија во срцето на пристаништето Антверпен, Кристијан Вандерварен, генерален директор на белгискиот оддел за царини и акцизи, признава дека работата на неговиот оддел нема речиси никакво влијание врз огромниот профит што го прави криминалната мрежа. Организираните банди ги искористуваат слабите алки во неговиот тим. Неодамна добил 341 нов цариник како резултат на построгите контроли по брегзит и сега тие треба да помогнат во борбата против шверцот.

„Тие намерно врбуваат луѓе и ги вовлекуваат во организацијата. Ние вработувавме само за брегзитот. Штом ќе се вовлечат во нашите структури, се обидуваат да добијат информации. Бидејќи ние вработуваме многу, на мафијата ѝ е многу лесно да влезе во нашите редови“, рече Вандерварен. За разлика од Вандерварен, 3.300 белгиски цариници ги избегнуваат камерите, свесни дека само едно медиумско појавување може да доведе до тоа да станат главна цел на наркобандите.

„Цел им се слабите, најсиромашните“

„Целта им се слабите, најсиромашните, оние што имаат приватни проблеми, оние што трошат премногу пари“, рече Вандерваерен, предупредувајќи дека тоа може да почне со обичен допир по рамо на бензинска пумпа или нудење пијалак во локалниот бар.

„Понекогаш додека точите гориво ве прашуваат: ‘Сакате да заработите малку повеќе?’ Ако луѓето имаат проблеми со парите, може да се согласат и така почнува сѐ. Или е во прашање член на семејството поврзан со некој што е поврзан со мафијата“, објаснува Вандерварен.

Де Вебер рече дека прочитал извештаи во кои зад ваквите пристапи стојат „столбовите на заедницата“, кои ги спонзорираат спортските младински клубови или локалните добротворни организации. Корумпираните цариници примиле и по 80.000 евра за дојави за тоа кои бродски контејнери што минуваат низ Антверпен се идентификувани како високоризични и потенцијални превозници на кокаин.

Вандерварен дури рече дека тоа им овозможило на криминалците да вршат замена или да истоваруваат товар во последен момент за да се осигурат дека властите нема да го грабнат нивниот нелегален производ.

Скоро сите се поткупени

Судски извршител минатиот месец беше уапсен и обвинет за неовластен пристап до националните финансиски податоци со намера да им помогне на бандите да идентификуваат цариници, полицајци и други службеници што се во долгови. Во март минатата година, голема полициска операција Скај ЕЕЦ, исто така, доведе до апсење на полицајци, адвокати и државни службеници осомничени дека работеле за организирани криминални групи.

Армија од службеници секоја година скенираат околу 30.000 бродски контејнери што пристигнуваат во Антверпен. Се отвораат само високоризични пратки, кои изнесуваат еден процент од сите што влегуваат во пристаништето.

За време на секојдневните инспекции, кои се вршат за да се потврди дали кадифените играчки се направени во Виетнам, како што е документирано на царинските декларации, а не во Кина, се пронаоѓа дрога креативно складирана во контејнери што пристигнуваат од Јужна Америка.

Најголемата минатогодишна заплена, пратка од повеќе од четири тони кокаин, била скриена во контејнер полн со банани, а била откриена со специјализирани рендгенски скенери поставени во пристаништето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ