среда, 16 јули 2025

Отруена жената на еден од клучните луѓе на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Маријана Буданова, сопруга на началникот на Управата за разузнавачки работи на министерството за одбрана на Украина (ХУР) Кирило Буданов, е хоспитализирана со симптоми на труење. За тоа во вторникот известија неколку медиуми повикувајќи се на анонимни извори во украинската воена разузнавачка служба. Наводно се спречени сериозни последици бидејќи труењето е забележано на време.

Труењето подоцна го потврди портпаролот на тајната служба Андриј Јусов. Според него, лекувањето на Буданова веќе завршило. Сепак, во следните неколку недели ќе остане под лекарски надзор. Како што јавува украинскиот портал Лига, повикувајќи се на Јусов, самиот Кирило Буданов не бил отруен, пренесува Дојче веле.

Според наводите на поранешниот шеф на украинската разузнавачка служба Валериј Кондрјатуков, во примероците на крвта на Буданова се најдени тешки метали. „Тестовите открија елементи како арсен и жива“, кажа Кондратјук за украинската телевизија НВ.

Според него, неколку вработени на тајната служба имале симптоми на труење. „Не зборуваме за телохранителите кои ја следат сопругата на Буданов, туку за високи функционери, шефови на оддели кои се особено одговорни за операции во Русија“, кажа Кондратјук. Тајната службе не ги потврдува, но не ги ни демантира овие информации.

За Буданови во отворените извори може малку да се најде. Познато е само дека сопругата на шефот на разузнавачката служба е родена во селото Ставишче, во Киевската област, по занимање е психолог, има 3 години и десет години е во брак со Кирило Буданов.

Во интервју за магазинот Ел во октомври 2022 кажа дека својот сопруг го запознала есента 2013, нешто пред протестите против објавата на тогашната украинска власт дека не сака да го потпише планираниот договор за придружување со Европската Унија. Во завршната фаза на протестите, пролетта 2014, следеше руската анексија на Крим.

Нејзиниот сопруг од почетокот бил ангажиран во Донбас, каде бил два пати ранет. Таа волонтирала во болница и им помагала на ранетите војници.

Во 2020 Буданова учествувала на изборите за Градскиот совет на Киев со партијата УДАР на градоначалникот на Киев Виталиј Кличко. Партијата, меѓутоа, не го добила мандатот. Една година по изборите Буданова станала советничка на Кличко и била одговорна за борбата против корупцијата во областа на политиката за младите и спортот.

„Сè се смени на 24 февруари 2022“, кажа Буданова за Ел за денот кога почна војната во Украина. Кирило Буданов подоцна за порталот Ворзоун кажа дека неговата сопруга е „полициска функционерка“ и дека предава психологија на академијата на министерството за внатрешни работи.

И Кирило и неговата сопруга зборувале многу во своите интервјуа за почетокот на конфликтот со Русија наведувајќи дека се преселиле во кабинетот на шефот на разузнавачката служба на 23 февруари 2022 и дека од тогаш таму живеат заедно.

„Се спакувавме и се одвезовме до неговото работно место и од тогаш не сме биле дома. Не сме особено подготвени за тоа. Земавме некои документи, телефони и облека за одредено време. И така заминавме“, кажа Маријана Буданова за Ел. Нејзиниот сопруг за Радио слободна Европа во август 2023 кажа: „Мојата драга е секогаш со мене, таа живее со мене 24 часа дневно“.

Летоска прес службата на ХУР објави дека Кирило Буданов веќе преживеал повеќе од десетина обиди за убиство и останал важна мета на руските разузнавачи и пропагандата на Кремљ. „Нормално, се преземаат сите безбедносни мерки, но тоа не влијае на неговата работа. Јас мислам дека повеќе треба да се плашат (рускиот претседател Владимир) Путин и неговото најблиско опкружување“, вели Андриј Јусов, портпаролот на воената разузнавачка служба.

Јусов кажа дека Киев се сомнева дека Русија е вмешана во труењето на Маријана Буданова. „Истрагата ќе покаже дали тоа е така, но во моментов тоа е нашата главна теорија“, кажа портпаролот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ