Во новиот извештај на Канцеларијата за намалување на ризикот од катастрофи на ОН (УНДРР) се открива дека глобално секоја година во последните две децении имало меѓу 350 и 500 катастрофи од среден и голем размер. Тоа е пет пати повеќе од просекот во претходните три децении, се наведува.
Имајќи ги предвид климатските промени, се очекува катастрофалните настани предизвикани од суша, екстремни температури и разорни поплави уште почесто да се случуваат. Во извештајот се проценува дека до 2030 година ќе доживееме 560 катастрофи низ светот секоја година, односно просечно по 1,5 катастрофи на ден.
УНДРР соопшти дека наглиот пораст на катастрофите на глобално ниво може да се припише на „нарушената перцепција на ризикот која се темели на оптимизам, потценување и непобедливост“. Тоа, наведуваат, довело до политички, финансиски и развојни одлуки кои ја зголемиле ранливоста и ги довеле луѓето во опасност.
Игнорирањето ан огромните ризици со кои се соочуваме „го доведува човештвото во спирала на самоуништување“, предупреди во соопштение заменичката на генералниот секретар на ОН Амина Мохамед. „Кревањето тревога со зборувањето на вистината не е само неопходно туку и клучно“, додаде шефицата на УНДРР Мами Мизутори.
„Науката е јасна. Поевтино е да се преземат мерки пред катастрофата да уништи отколку да се чека додека да се случи разурнувањето и да се реагира откако тоа ќе се случи“, кажа таа за Ројтерс. Меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН предупреди годинава дека учесниците на климатските промени, од жештини до суши и поплави, ќе станат сè почести и поинтензивни и ќе им нанесат штета на природата, луѓето и просторите во кои живеат.
Игнорирањето на ризикот има голема цена. Катастрофите низ светот чинат околу 160 милијарди евра годишно за време на последната деценија, се наведува во извештајот. Но, поголемиот дел отпаѓа на земјите со пониски приходи, кои годишно во просек губат еден отсто од својот БДП поради катастрофите, во споредба со само 0,1 до 0,1 отсто во богатите земји.
Најтешко се погодени азиско-пацифичките земји кои годишно губат по 1,6 отсто од БДП, се наведува во извештајот воочи глобалниот форум за катастрофите на индонезискиот остров Бали во мај.
Извештајот проценува дека уште 37,6 милиони луѓе ќе живеат во услови на екстремна сиромаштија до 2030 година поради влијанието на климатските промени и катастрофите. Во меѓувреме повеќето штети поврзани со катастрофите не ги покриваат осигурителните компании.
„Катастрофите можат да се спречат, но само ако земјите вложат време и ресурси за да ги сфатат и намалат своите ризици“, истакна Мизутори. Предупреди дека „со намерното игнорирање на ризиците и пропуштањето да се интегрира во донесувањето на одлуките светот всушност го финансира сопственото уништување“.






