петок, 12 декември 2025

Њујорк тајмс: Путиновиот руски свет е идентичен на идејата за голема Србија

Објавено на

часот

Сподели

Додека Германија, Полска и неколку други земји пред своите амбасади во Белград го закачија украинското знаме во знак на солидарност, само неколку улици понатаму е направен мурал посветен на Владимир Путин, каде покрај рускиот претседател е напишан зборот „брат“.

Авторитарниот имиџ на Путин е изгледа привлечен модел за Александар Вучиќ, сè поавторитарниот претседател на Србија, и премиерот Виктор Орбан, воинствено нелибералниот лидер на Унгарија, пишува Њујорк тајмс.

И српскиот и унгарскиот лидер ги чекаат избори во недела, а Русија, изгледа, им е сигурен извор за задоволство на гласачите. Истражувањата на јавните мислења покажуваат дека двајцата ќе победат. Тука е и историјата, или барем митската верзија на минатото, каде Србија православна Русија ја претставува како вековен верен пријател и заштитник.

Аурелија Џан, психотерапевтка од Белград, кажала за американскиот весник дека прво била шокирана од тоа што доста Срби не покажуваат многу сочувство за маките на Украинците, но подоцна сфатила дека многумина од нив сè уште носат лузни од минатите трауми кои го избришале секое чувство за болката на другите.

„Тие со нерешени трауми не можат да чувствуваат емпатија. Трауматизираните општества, како и поединците, само ги повторуваат истите приказни за сопственото патење. Со тоа сакаат да ја избришат одговорноста за она што им го направиле на другите“, смета Џан.

„Путиновиот руски свет е идентична копија на она што нашите националисти го викаат голема Србија. И едните и другите се хранат со историјата на минатите неправди и избришаните сеќавања на сопствените гревови“, вели новинарот Бошко Јакшиќ.

Наративот на жртва е толку присутен кај некои граѓани на Србија што Информер, таблоидот кој често ги изразува мислењата на Вучиќ, минатиот месец извести за подготовките на Русија за инвазијата на Украина со насловот „Украина ја напаѓа Русија!“.

Српските власти, внимателни поради политичките врски со Западот, подоцна извршија притисок врз медиумите да заземат понеутрален став, вели Зоран Гавриловиќ, извршниот директор на Бироди, независната организација која ги следи медиумите во Србија.

Русија и понатаму речиси никогаш не се критикува, вели тој, но се намалува и оцрнувањето на Украина. Украинскиот амбасадор во Србија ја поздрави таа промена на наративот, но и понатаму се бори со тоа Србите да заборават на сопствените трауми со НАТО бомбардирањето од 1999 година.

Вучиќ, за да избегне негативна реакција на проруските гласачи, одби да ѝ воведе санкции на Русија и да ги сопре летовите меѓу Белград и Москва. Од друга страна, Србија на 2 март гласаше за резолуцијата на Обединетите нации со која се осудува руската инвазија. Тоа беше доволно Вучиќ да го пофали Викторија Нуланд, заменичка на американскиот државен секретар, која ѝ заблагодари на Србија „за поддршката на Украина“.

Србите што сакаат нивната земја да влезе во Европската Унија и да престане да игра меѓу Истокот и Западот го обвинуваат Вучиќ дека игра двојна игра, пишува Њујорк тајмс.

„Србија не е толку проруска колку што го мрази НАТО. Сè уште зборуваме за тоа што се случи во 1990-тите. Тоа е бесконечен јазол. Заглавивме зборувајќи повторно и повторно за истите нешта“, вели Владимир Меџак, потпретседател на Европското движење во Србија, организација која се залага за членство во ЕУ.

Кога новинарот на Њујорк тајмс ја прашал 25-годишната банкарка Милица Журиќ дали ја одобрува војната која ја почна Русија, таа одговорила со контрапрашање: „Зошто западните медиуми се фокусираа на агонијата на Украина, а не покажаа интерес за српската болка по нападот на НАТО во 1999? Никој не плачеше за тоа што тогаш нам ни се случи“.

Додека повеќето западни медиуми минатата недела известуваа за разурнувањето на Мариупол, Србија пишуваше за годишнината на почетокот на бомбардирањето на НАТО. Насловните беа полни со фотографии од зградите и железничките пруги кои ги уништи НАТО.

Пред амбасадата на Соединетите Американски Држави се собра група демонстранти кои мавтаа со руски знамиња и транспаренти со буквата Z. Дамјан Кнежевиќ, лидер на Народните патроли, екстремно десничарска група која го организираше протестот, кажа дека чувствува солидарност со Русија бидејќи Западот ја прикажува како агресор, исто како што правеа со Србија во 1990-тите, кога, според Кнежевиќ, таа всушност била најголемата жртва.

„Русија има должност да ги штити етничките роднини во Украина како што Србија тоа го правеше во Босна, во Хрватска и на Косово“, кажа Кнежевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ