сабота, 13 декември 2025

Низа оставки на руските државни медиуми: „Не за војната“

Објавено на

часот

Сподели

Некои од најголемите навивачи на рускиот претседател Владимир Путин на државната телевизија веќе се соочуваат со санкции, меѓу кои се Владимир Соловјов, кој води дебатна емисија на најголемиот руски канал Расија-1, и главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, која за сите што во овој момент се срамат дека се Руси рече дека не се вистински Руси.

Руските државни канали мора да ја следат политиката на Кремљ, но кој досега даде отказ како реакција на војната?

Неколку часа по протестот на Марина Овсјаникова на малите екрани, на виделина излегоа уште три оставки.

Нејзината колешка од Први канал Зана Агалакова даде отказ како дописник за Европа, додека други двајца новинари ја напуштија конкурентската НТВ – Лилја Гилдеева, која работи на каналот како водител од 2006 година, и Вадим Глускер, кој е во НТВ веќе речиси 30 години.

Марија Баронова е најпознатото име што даде отказ во РТ, порано позната како Раша тудеј. Бивша главна уредничка на РТ, таа за Би-би-си кажа дека Путин веќе го уништил угледот на Русија и дека и економијата е мртва.

И други новинари на РТ дадоа отказ, вклучително и неруски новинари што работат за нејзините редакции на други јазици, како поранешната дописничка од Лондон Шади Едвардс-Дашти, московскиот новинар Џони Тикл, францускиот водител на РТ Фредерик Тадеи…

Руската државна новинска агенција Раптли исто така се соочи со серија оставки, според Ројтерс.

Руските медиуми што не се под контрола на Кремљ со години се под постојани напади, па многу новинари работеа под постојана закана дека ќе ја загубат егзистенцијата во независните медиуми.

Некои од нив ја добија етикетата од советската ера – странски агент.

Телевизијата Дожд, која во 2014 година беше исклучена од телевизиската мрежа, поради инвазијата на Украина мораше да го прекине и онлајн-емитувањето, а голем број нејзини новинари побегнаа од Русија заради своја безбедност.

Блокирана е и радиостаницата „Ехо Москва“ поради новиот руски закон за таканаречени „лажни информации“.

Би-би-си на руски е меѓу многубројните западни медиуми што се забранети, додека новинарите што работат за независниот медиум Медуза, со седиште во Летонија, се протерани од Русија.

Од државната телевизија не даваат откази само новинарите.

Еден од најпознатите водители во Русија – Иван Ургант, зеде одмор од својата емисија Вечерното шоу со Ургант во ударниот термин на вториот по големина руски Први канал.

Обично насмеаниот водител реагираше на војната објавувајќи едноставна порака со црна коцка на својот инстаграм-профил:

„Страв и болка. Да нема војна“.

Тој исто така им рече на своите следбеници да не паничат, дека отишол на одмор и дека наскоро ќе се врати.

И најславниот руски пар, пејачката Ала Пугачова и комичарот Максим Галкин, се меѓу многуте познати личности од шоу-бизнисот што заминаа на „одмор“, на непозната локација, заедно со своите деца.

„Како е можно сево ова? Не постои праведна војна! Не за војната!“, сподели Галкин на Инстаграм.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ