петок, 12 декември 2025

Навредениот претседател: Повеќе од 160.000 постапки поради навредување на Ердоган

Објавено на

часот

Сподели

„Добил корона и бара да се молиме за него. Да, се молиме, не грижи се. Јас веќе почнав да правам 20 тепсии алва. Кога ќе дојде времето ќе ја разделам по соседството“.

Ова на Твитер го објави некогашниот пливач на турската репрезентација Дерја Бујукунџу. И затоа против него е почната истрага. Дури е издаден и налог за апсење – поради навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Јавното обвинителство оценува дали твитот на Бујукунџу е кривично дело бидејќи поранешниот олимпиец на тој начин индиректно му посакал на претседателот да умре.

Каква врска има слаткото од Анадолија со смртта? Алвата, која обично се прави од брашно или гриз, рафинирана со путер, засладена со мед, и која се случи со карамелизирани ореви, во Турција е дел од секоја прослава. Но задолжителна е и на погребите, пренесува Дојче веле.

Дали алузијата на здравјето на Ердоган е навреда на претседателот или тоа спаѓа под слобода на говорот? Сега со тоа прашање ќе мора да се позанимаваат не еден, туку повеќе судови. Бидејќи, откако турскиот претседател неодамна објави дека е позитивен на корона, на адреса на надлежното јавно обвинителство пристигнале голем број пријави. Не сакаат сите да се молат за оздравувањето на Ердоган, некои критичари отворено се радуваат за тоа што се разболел.

Тие сега ќе бидат казнети. Државните обвинители во Анкара и Истанбул соопштија дека во тек се 36 истражни постапки. Четири лица се веќе притворени, а по уште четири е издадена потерница. Меѓу нив е и поранешниот пливач Бујукунџу. И не само што некогашниот олимписки пливач мора да се подготви за судење, тој е моментално суспендиран од Сојузот на турските пливачи – и тоа засекогаш.

Популарниот член 299

Според податоците на турското министерство за правда, само во 2020 се отворени 31.297 истражни постапки за навреда на претседателот. Така бројот на обвиненија од изборот на Ердоган за претседател во 2014 па до крајот на 2020 достигнал импозантни 160.169 истражни постапки, од кои 35.507 завршиле на суд. Вкупно до сега за навреда на претседателот пред суд морале да одговараат 38.608 луѓе.

Професорот по правни науки на Универзитетот Билги, Јаман Акдениз наведува дека во 12.881 случај е изречена пресуда. Во 11.913 случаи судиите, како што вели, сметале дека обвинетите во иднина нема да прават кривични дела па се осудени условно. Други 3.625 се осудени на затворски казни, а останатите 5.550 се ослободени, набројува правникот.

Акдениз додава дека 106 обвинети во времето кога се осудени биле помлади од 18 години. Десет од нив дури добиле и затворски казни. Од тие 106 обвинети, 24 во времето кога го извршиле кривичното дело биле на возраст меѓу 12 и 14 години.

Безмилосно кон критичарите

Навредата на сметка на претседателот во турскиот кривичен закон беше кривично дело многу пред Ердоган. Но, ниеден досегашен претседател не се повикал толку пати на законот како Реџеп Таип Ердоган, констатира во еден извештај пратеничката Ѓулизар Биџер Караџа од опозициската партија ЦХП. Според нејзиниот извештај, под водството на Ердоган до крајот на 2020 се поднесени 38.608 обвиненија. За споредба, за време на мандатите на тројцата негови претходници, Ѓул, Сезер и Демирел, поднесени се вкупно 1.169 пријави.

Политичари, уметници, научници, ученици, домаќинки, улични продавачи или новинари – никој не е поштеден од обвинувањата за навреда. Проблемот е што многу нешта можат да се окарактеризираат како навреда. Пред две недели тоа на своја кожа го искуси и познатата телевизиска новинарка Седеф Кабаш (52). По критичките изјави на сметка на владата во една телевизиска емисија, таа во спектакуларна акција на полицијата беше уапсена.

Кабаш ја критикуваше владата за острата пресметка со опозицијата и ја обвини за поларизација на општеството. „Кога волот ќе влезе во дворец нема да стане крал, туку дворецот ќе стане штала“, цитираше една черкеска поговорка, без да спомне чие било име. Од тогаш седи во истражен затвор поради можна навреда на турскиот претседател.

Борците за човекови права како Јаман Акдениз сметаат дека тоа е чист апсурд. Тоа што ѝ се префрла на Кабаш е апсолутно извлечено од контекст. Веќе одамна никаква улога не игра тоа дали критиката е заснована на факти.

Акдениз смета дека станува збор за шиканирање со цел застрашување на луѓето и замолчување на паметната, политичка критика. Оној кој се бави со политика мора да биде спремен да истрпи и жестоки критики. Кој не може да го поднесе тоа, нема што да бара во политиката, додава Акдениз. Поради порастот на обидите за застрашување тој смета дека слободата на мислењето во неговата земја е во опасност. „Или молчиш или одиш на суд“, заклучува Акдениз.

Но, сега е егзистенцијално опасна ситуацијата во која се наоѓа поранешниот турски олимписки пливач Бујукунџу. Му се закануваат дури четири години затвор. За навреда во јавност дури и повеќе. Имајќи ги предвид жестоките критики на турскиот министер за спорт на сметка на Бујукунџу, тоа би можело и да се случи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ