сабота, 13 декември 2025

Нафтата од Венецуела повторно стана интересна за Американците

Објавено на

часот

Сподели

„Се надевам дека разбираат дека да се работи со Мадуро значи да се извалкаат рацете со крв“, му порача разочарано на Вашингтон политичарката Делса Солорзано. Во меѓувреме, претседателот на Венецуела Николас Мадуро задоволно го следи развојот на ситуацијата. „Венецуела е на чело на иницијативата за стабилизација на пазарот на нафта, гас и енергија“, изјави Мадуро пред камерите на венецуелската државна телевизија претходно неделава.

Само неколку дена по почетокот на руската инвазија на Украина, растат изгледите Венецуела да стане еден од победниците на глобалната енергетска криза. Со нафта најбогатата земја во светот го има она што на Соединетите Американски Држави и на другите сега им е итно потребно, и тоа од извор кој не е Русија – нафтата. „Венецуела има клучна позиција во Јужна Америка поради своите резерви на нафта. Венецуела, која САД долго ја маргинализираа, од овој конфликт ќе излезе зајакната и ќе ја искористи ситуацијата политички и економски. Тоа се парадоксите на ваквите конфликти“, вели за Дојче веле политикологот Жак Дадески од Универзитетот Флуминенсе во Рио де Жанеиро.

Мадуро сега ветува дека ќе го зголеми производството на нафта до два милиони барели дневно. Тоа би било речиси три пати повеќе во однос на актуелниот обем на производството од 700.000 барели. Анализата на консултантската куќа ИХС маркит проценила дека во 2020 вистинскиот обем на производството бил само 200.000 барели. Имајќи ја предвид неодамнешната експлозија на цените на нафтата, значителното зголемување на производството би било воедно и големо зголемување на приходите на од криза погодената земја од која во последните години, поради катастрофалното снабдување, безбедносната ситуација и инфлацијата, избегаа повеќе од шест милиони луѓе.

Меѓутоа, венецуелската нафтена индустрија се смета за застарена, а голем број индустриски професионалци ја напуштија земјата. Освен тоа, поради своите физички својства, венецуелската нафта може да се преработува само во релативно мал број рафинерии. Некои од нив се во САД. „Венецуела не може да ги надомести залихите на руска нафта, бидејќи нема соодветни производни капацитети“, укажува експертот за Венецуела Џеф Рамзи од невладината организација Вашингтонска канцеларија за Латинска Америка (ВОЛА) во изјава за весникот Ел насионал, инаку критичар на владата во Каракас. Освен тоа, продолжува Рамзи, САД јасно дадоа до знаење дека нема да ги укинат санкциите на Венецуела без напредок по прашањето на демократијата и човековите права.

Организациите за човекови права како Хјуман рајтс воч или Амнести интернешнал, како и комесарката на Обединетите нации за човекови права Мишел Башелет, во повеќе наврати известуваа за тешки кршења на основните демократски права, погубувања без судска пресуда и државната репресија која ја спроведуваат силите за безбедност. Поради тоа Меѓународниот кривичен суд во Хаг отвори прелиминарна истрага против Венецуела.

Тие обвинувања се и основа за санкциите на САД и Европската Унија против Венецуела. Затоа сега е многу тешко да се објасни како САД, од една страна се откажуваат од руската нафта поради кршење на човековите права во Украина, за потоа да ја заменат со нафта од друга земја која исто така е на лош глас. Опозицијата во Венецуела околу самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо затоа инсистира на конкретен напредок во преговорите меѓу САД и владата на Мадуро кои би воделе кон демократска транзиција.

Во 1960 година Венецуела беше една од петте членки основачки на ОПЕК, влијателниот картел на земји произведувачки на нафта. Залихите на Венецуела се проценуваат на над 300 милијарди барели, што е околу четврт од докажаните светски резерви. Во 2017 државната нафтена компанија ПДВСА сè уште беше рбетот на венецуелската економија. Годишната продажба во тоа време изнесуваше 96,2 милијарди долари, а оперативниот профит 25,9 милијарди долари.

Лошото управување и сè посилните санкции како резултат на кршењето на човековите права ја намалија годишната продажба на само 12 милијарди американски долари во 2015. Во меѓувреме, според тврдењата на опозициските медиуми во Венецуела, залихите на нафта веќе им се ветени на Кина и Русија. Конкретно, руската група Роснефт со време стана сè повлијателен партнер. Останува отворено во која мера државите кредитори Русија и Кина би реагирале на вртење на Венецуела кон американскиот пазар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ