четврток, 11 декември 2025

На истокот на ЕУ цвета бензински туризам

Објавено на

часот

Сподели

Како одговор, Полска реши да воведе контроли на границата, пишува Еуроактив.

Литар бензин или дизел во Полска е околу 25 до 35 евроценти поевтин, бидејќи властите на таа земја решија да го намалат данокот на додадена вредност на тие енергенси поради сè поголемата инфлација. Ако наполнат со гориво резервоар од 50 литри од другата страна на границата, Словаците заштедуваат меѓу 10 и 18 евра.

Полската влада од 1 февруари го намали ДДВ на горивото од 23 на 8 отсто, а целосно го укина за некои прехранбени производи.

Така прекуграничниот шопинг и бензинскиот туризам се исплатат и за граѓаните на Словачка кои не живеат блиску до границата. Најчести дестинации се градовите Закопане, Нови Тарг и гратчињата Чарни Дунајец и Јаблонка, на самиот југ на Полска.

На одделни бензински пумпи покрај границата со Словачка веќе доаѓало до недостиг на гориво и морале да прекинат со работа на неколку часа.

Полските медиуми го пренесоа соопштението на полскиот инспекторат за патен сообраќај дека е запознаен со таа пракса и дека ќе спроведе контроли.

„Нашите патроли на граничниот премин Хижне со Словачка ќе проверуваат дали во возилата се превезуваат поголеми количества гориво. Тоа би било опасно“, наведе инспекторатот.

Според полскиот закон, во автомобил при преминување на границата може, не сметајќи го резервоарот за гориво, да има најмногу четири канти со по 60 литри гориво и тоа под услов кантите да ги исполнуваат стандардите на Европската Унија.

Словаците во набавка на бензин во Унгарија почнаа да одат уште од средината на ноември минатата година, кога премиерот Виктор Орбан ја замрзна цената на стандардното гориво од 95 октани на 1,34 евра.

Таа мерка, меѓутоа, тешко ги погоди помалите бензински пумпи. Претставници на унгарската нафтена асоцијација оценија дека ограничување на цените на бензинот и по 15 февруари, кога престанува да важи ноемвриското ограничување на цената, може да ги упропасти малите снабдувачи со гориво.

Праксата на купување гориво во некој соседна членка на ЕУ не е единствена само во Словачка, бидејќи на тоа се решаваат сè поголем број Германци и Чеси.

Според германскиот весник Велт, германското здружение на бензински пумпи северо-исток предупредило дека малите пумпи во близина на границата со Полска би можеле да банкротираат поради бранот „бензински туризам“. Тоа здружение ги застапува интересите на околу 300 бензински пумпи кои работат на истокот на Германија.

Велт пишува дека цената на бензинот во првиот викенд од февруари во Полска се движела од 1,15 до 1,20 евра, а дека истовремено од германската страна на границата била 1,80 евра.

Меѓутоа, за разлика од Словаците, Германците покрај полн резервоар во земјата можат да внесат само дополнителни 20 литри, и тоа од оној вид кој му одговара на нивното возило.

Весникот го пренесува и предупредувањето на германскиот авто-клуб АДАК дека бензинскиот туризам не секогаш се исплати, бидејќи треба да се има предвид чекањето на границите, амортизацијата на автомобилот и потрошувачката на горивото до првата бензинска пумпа во Полска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ